1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа на Макрон: Европа здивна, можен ли е исчекор за РСМ?

25 април 2022

Тешко е да се верува дека до крајот на француското претседателство со ЕУ, кога се одржуваат и парламентарни избори во Франција, ќе се преземе некој посериозен чекор, вели амбасадорот Ружин.

https://p.dw.com/p/4ANRP
Frankreich Präsidentschaftswahl Macrons Siegesfeier in Paris
Фотографија: Christophe Ena/AP Photo/picture alliance

Што значи победата на Емануел Макрон за Северна Македонија и земјите од Западен Балкан, кои со години чекаат пред вратите на ЕУ? Ова е прашањето кое се анализира во земјата и регионот, по убедливата победа на досегашниот претседател на Франција, кој вчера (24.04) ја доби довербата на гласачите за уште еден мандат во следните пет години. Со тоа Макрон стана втор француски претседател по Жак Ширак (1995-2002) и (2002-2007) кој добил втор претседателски мандат.

„Честитки до Емануел Макрон за неговата изборна победа. Овој успех доаѓа во време на суштински предизвици каде што е важен проевропскиот избор. Се надеваме на продолжување на нашата соработка насочена кон приближување на нашите земји и народи“, напиша на Твитер претседателот Стево Пендаровски.

Дали и колку оваа победа ќе влијае на поизвесно приближување на РСМ кон ЕУ, во сегашните околности, безбедносни предизвици и соседски проблеми?

„Прашањето за проширување на ЕУ не беше експлоатирано во оваа кампања на Макрон, но од неговите блиски соработници, од една страна јасна беше ревандикацијата на Украина за забрзан прием во ЕУ, а паралелно тука се и останатите држави од Западен Балкан“, вели професорот и поранешен амбасадор, Нано Ружин.

„Макрон е свесен дека државите од регионот покажаа проатлантско расположение, но немаат големи воени капацитети. Свесен е дека државите од Западен Балкан се ставаат во непријатна и опасна ситуација, кои можат да инклинираат кон руското влијание, но и да се разочараат од долгото чекање пред вратите на ЕУ. Добра вест е што Макрон е еврооптимист. Тој ги запозна државите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и нашата, но исто така тешко е да се верува дека до крајот на јуни, кога истекува француското претседателство со ЕУ, но и кога се одржуваат парламентарните избори во Франција, ќе преземе некој посериозен чекор. А кога се работи за новите аспиранти од Западен Балкан, јавното мислење не е многу наклонето кон проширувањето. Единствена утеха е што украинската криза ги зближи европските партнери и можеби токму во таква стуација постојат извесни расположенија за Северна Македонија и Албанија“, смета Ружин.

Frankreich Präsidentschaftswahl | Wahlsieg Macron
Прашањето за проширување на ЕУ не беше експлоатирано во оваа кампања на МакронФотографија: Thibault Camus/AP/picture alliance

Победи Европа

Општа констатција на светските лидери е дека со победата на Макрон „победила Европа“. Официјалните резултати се очекуваат в среда, а според информациите на Ipsos/Sopra Steria за Емануел Макрон гласале 58,8 % односно 20 милиони Французи, наспроти 14 милиони за Марин Ле Пен, но евидентирани се и околу 28,2% или 5 милиони гласачи кои апстинирале, што е рекордна апстиненција уште од конституирањето на Петтата република, основана од Шарл де Гол во 1958 година.

Според Ружин, во следниот период Макрон ќе настојува на претстојните парламентарни избори (12-ти и 19-ти јуни) Франција да добие премиер кој ќе биде близок до неговите идеи, но во никој случај да не биде евроскептичната Марин Ле Пен, која сега се доживува како лидер на француската опозиција, смета дека ништо не е завршено и се надева на победа на парламентарните избори во јуни.

„Франција му покажа на Макрон дека била разочарана од неговиот прв мандат и затоа ќе биде внимателен во своите потези. Свесен е дека голем број од неговите гласачи гласаа за него иако не ја прифаќаа неговата програма. Франција живее во една значајна констелација на социјална, културна и политичка фрактура, затоа тој ќе настојува да ги задоволува вкусовите на Французите“, оценува Ружин.

Макрон и самиот вчера го сподели впечатокот за мотивите на дел од гласачите,

„Знам дека многу гласаа за мене, не за да ги поддржат моите идеи, туку за да ги блокираат идите на екстремната десница. Сакам да им се заблагодарам. Ова гласање ме обрврзува за годините што доаѓаат“, изјави старо-новиот француски претседател.

Frankreich Wahl Emmanuel Macron Rede in Paris
Макрон останува најзначајниот лидер на ЕУ, вели РужинФотографија: Reuters/P. Wojazer

Ружин потсетува дека една од основните изборни парадигми на Макрон беше концентрирана врз екологијата, владеење на правото и битката против екстремната десница. Затоа, она што вчера го привлече вниманието во тој контекст, е и исходот од парламентарната изборна трка во една друга европска држава - Словенија. Победник на изборите е партијата Движење Слобода предводена од менаџерот Роберт Голоб, 55-годишен стручњак зa eлектронегеретски систем, поранешен државен секретар за енергетика во словенечкото Mинистерство за животна средина (1999 -2002 г.), а претходно и предводник на преговарачкиот тим на Словенија за енергетска политика во пристапните преговори со ЕУ.

„Во Франција класичната левица и десница исчезнаа и дел од аналитичарите сметаат дека и во кампањата и од финалните резултати победиле деполитизирани политичари. Победата на Макрон може да се заокружи со надмоќната победа на парламентарните избори во Словенија на партијата на Роберт Голоб. Дали сме пред нов феномен на деполитизација на политиката?“, прашува Ружин.

Најзначајниот лидер на ЕУ

Што очекуваат сега Французите и ЕУ? Ружин посочува дека критиките кон Макрон досега се однесувале на неговата личност на доминатор и на неговиот ултралиберализам, па се очекува во идните пет години повеќе да инклинира кон социјалдемократијата.

„Неговите жешки теми на внатрешен план ќе бидат подобрување на куповната моќ на Французите, битка против сиромаштијата, но и темите кои се однесуваат на ЕУ. Тој се надева на нов план за лансирање на Европа, потпирајќи се на своите европски партнери, меѓу кои германско-францускиот мотор останува главна европска оска на дејствување, особено по пандемијата и украинската криза. Ќе прави напори за масивна финансика и воена помош на Украина, со можност за ембарго кон увозот на руската нафта (15%), но и натаму останува отворено прашањето на ембарго кон рускиот природен гас од кого француската економија зависи 40%. Сепак, Макрон нема да ги затвори сите прозорци кон Москва. Неговиот телефон останува отворен за комуникација со Путин, бидејки само со дијалог може да се дојде до мирот. Впрочем, со оваа ‘интелектуална победа’ како што констатира Бруно Дару, тој останува најзначајниот лидер на ЕУ“, оценува Ружин.