Победа на „девојчето на Меркел“: Крамп-Каренбауер на чело на ЦДУ | Свет | DW | 07.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Победа на „девојчето на Меркел“: Крамп-Каренбауер на чело на ЦДУ

Анегрет Крамп-Каренбауер, или како што во Германија веќе накусо ја нарекуваат АКК, е наследничката на Ангела Меркел на шефовската позиција во Христијанско-демократската унија.

Deutschland CDU-Parteitag in Hamburg Kramp-Karrenbauer (picture-alliance/dpa/K. Nietfeld)

Анегрет Крамп-Каренбауер им испраќа бакнежи на делегатите по изборот за лидер на ЦДУ

По два круга гласање, досегашниот генерален секретар на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер, е избрана за нов лидер на германските демохристијани со 52% од гласовите. За нејзиниот противкандидат Фридрих Мерц се изјаснија 48% од делегатите на партискиот конгрес во Хамбург. Министерот за здравство, Јенс Шпан, отпадна во првиот круг гласање.

Анегрет Крамп-Каренбауер, во јавноста нарекувана и „девојчето на Меркел“, ги повика Мерц и Шпан на соработка со цел да се обнови партијата и потенцираше дека сега ЦДУ треба да се одржи како народна партија. Таа дополни дека во текот на изминатите недели во партијата имало конкурентска борба на која другите партии и’ завидувале, што на ЦДУ и’ дало нов поттик и погон.

Deutschland CDU-Parteitag in Hamburg Kramp-Karrenbauer (Reuters/K. Pfaffenbach)

Новата шефица бара храброст од партијата

Во својот кандидатски говор пред делегатите досегашниот генерален секретар на партијата претходно изјави дека ЦДУ мора да биде партија која ќе има храброст, наместо „со страв да гледа кон лево и кон десно“. ЦДУ мора храбро да им се спротивстави на популистите, егоистите и автократите, рече таа. Зборувајќи со исклучително фер-тон кон своите противници, Крамп-Каренбауер оцени: „Ниту еден од нас, тројцата кандидати, нема да значи пропаст за партијата“.

Новата шефица на ЦДУ најави дека веќе на конгресот што е во тек ќе објави со кого сака да соработува како генерален секретар на партијата.

Deutschland CDU-Parteitag in Hamburg Friedrich Merz (picture-alliance/AP Photo/M. Schreiber)

Фридрих Мерц поразен со 4 проценти гласови разлика

Мерц не се кандидира за член на претседателството на ЦДУ

Поразениот кандидат, Фридрих Мерц, ги повика своите приврзаници да и’ дадат поддршка на новата шефица на партијата. Иако вети дека и натаму ќе и’ помага на ЦДУ, Мерц остави отворено дали тоа сака да го прави на некоја од водечките позиции во партијата. Наместо тоа, тој ги повика делегатите на конгресот да му дадат поддршка на Јенс Шпан при изборот на членови на раководството на ЦДУ.

Меркел испратена со долг аплауз

Пред изборот на нов лидер на ЦДУ, говор пред делегатите одржа жената која 18 години го имаше партиското кромило в раце - Ангела Меркел.

Deutschland CDU-Parteitag in Hamburg Merkel (picture-alliance/dpa/K. Nietfeld)

Меркел ја напушта водечката позиција во ЦДУ, но останува канцеларка

Таа повика на единство и рече дека ЦДУ може да постигне добри резултати и во време на поларизација и на АфД. „Каде може да не’ води бескрајна кавга, ЦДУ и ЦСУ искусија горчливо во изминатите години“, ги опомена таа делегатите. Тие пак на својата шефица и’ аплаудираа десет минути, а многумина имаа и плакати со натпис: „Благодариме, шефице“.

Меркел, која и натаму останува на функцијата канцелар, соопшти дека се повлекува од лидерската позиција во партијата на крајот на октомври, по критиките поради лошите изборни резултати во Баварија и Хесен.

Повеќе:

Ден на одлука: Меркел се збогува од ЦДУ

ЦДУ избира нов лидер - каков печат остави Ангела Меркел?

Демократија во ЦДУ

Ова е првпат од 1971 година делгатите на ЦДУ да избираат лидер од неколкумина кандидати. Ангела Меркел тоа го поздрави: „Ова е чиста демократија, кога има избор“.

Покрај новиот претседател на ЦДУ, петмина заменици и благајник, делегатите во Хамбург треба да изберат и членови на потесното и поширокото партиското претседателство.

DW.COM

Реклама