„Плоштадот“ ја освои Златната палма во Кан | Панорама | DW | 29.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Плоштадот“ ја освои Златната палма во Кан

Шведската сатира „Плоштад“ на Рубен Остлунд ја освои Златната палма на филмскиот фестивал во Кан. Хоакин Феникс и Дијане Кругер добија награди за најдобри актери.

Cannes Palme d'Or Bester Film Ruben Ostlund (Getty Images/AFP/A. Pizzoli)

Рубен Остлунд, режисер на филмот „Плоштад“, се радува на наградата

Во Кан до последен момент немаше јасен фаворит. На крајот славеше шведскиот режисер Рубен Остлунд. „О, боже мој, боже мој“, повторуваше изненадено филмаџијата откако беше соопштено дека неговиот филм „Плоштад“ е добитник на Златната палма.

Неговиот филм е сатирична комедија за уметничкиот свет и ги потенцира лицемерието и општествените тензии. Во него е раскажана приказната на музејски куратор чиј живот излегува од контрола во моментот кога ќе го загуби својот мобилен телефон. Остлунд во филмот третира прашања за моралот, мажественоста и нетолерантноста во граѓанското општество. Со својата сатира тој успеа да се пробие во конкуренција на 18 други филмови. Ова е прва Златна палма за еден шведски филм.

Гран при на жирито, која е и втора по значење награда на Канскиот фестивал, доби драмата „120 отчукувања во минута“ на Робин Кампијо. Францускиот сценарист и монтажер, роден во Мароко, ја раскажува приказната за ширењето на сидата. Наградата на жирито ја доби Русинот Андреј Звјагинцев за семејната драма „Без љубов“.

Германската холивудска актерка Дијане Кругер е прогласена за најдобра актерка за улогата во филмот на Фатих Акин „Од никаде“. Во овој трилер Кругер игра Германка која ги загубила сопругот Курд и синот во бомбашки напад извршен од неонацисти. За Кругер, која работи главно во Холивуд, ова е прва германска улога. Таа, видливо трогната, наградата им ја посвети на жртвите од терористичкиот напад во Манчестер и на нивните роднини. Кругер за агенцијата АФП изјави дека сосема се соживеала со филмот. „Филмот речиси ме уби. По него не работев, не читав веќе сценарија. Филмот ми го промени животот.“

70th Cannes Film Festival - Abschlußzeremonie Diane Kruger Fatih Akin (Reuters/R. Duvignau)

Дијане Кругер и Фатих Акин

Во машка конкуренција за најдобар актер е прогласен Хоакин Феникс за улогата во филмот „Никогаш навистина не бевте овде“. Филмот раскажува за воен ветеран кој сака да ослободи девојче од канџите на трговци со деца. Режисерката на филмот Лин Ремси, заедно со Јоргос Лантимос и Ефтимис Филипу освои награда и за најдбро сценарио за трилерот „Убивањето на светиот елен“.

Наградата за најдобра режија отиде во рацете на Софија Копола за филмот „Измамени“.

Гледај видео 01:04

„Плоштадот“ ја освои Златната палма во Кан

Аудио и видео прилози на оваа тема

Поврзана содржина

Реклама