Плаќањето во евра на патарина носи милиони за Агенцијата за патишта | Македонија | DW | 01.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Плаќањето во евра на патарина носи милиони за Агенцијата за патишта

Повеќе од 3.600.000 евра годишно во просек носи плаќањето во евра за Јавното претпријатие за државни патишта. И покрај тоа што во Македонија е незаконски да се плаќа во евра, тоа е добредојдено на сите патарини.

„Може ли да платиме со едно евро?“, го прашавме вработениот во една од патарините со другарите на патот кон Тетово. „Нема никаков проблем“, ни одговори и веднаш ни издаде фискална сметка од точно 61 денар. На истата сметка подолу пишува дека е платено во готово со 1 евро кое е еднакво на 61,19 македонски денари. Прво позитивно се изненадивме што ситните железни евра кои ни останале од патувањата во странство, може да ни се најдат за плаќање патарини. Но кога размисливме, и го продолживме патувањето, се отвори дебата како е можно да платиме со евра на патарина, кога истото е забрането на сите други места?

Можноста за плаќање во евра веќе неколку години е транспарентно понудена и на таблите кои ги пречекуваат патниците пред секоја патарина каде во детали се опишани цените. На пример, на двете патарини кон Тетово пишува дека за првата категорија возила цената е 40 денари или едно евро, за втората е 60 денари или 1,50 евра, за третата е 110 денари или две евра и за последната категорија на тешки возила патарината изнесува 160 денари или 3,50 евра.

Освен тоа што патарините примаат евра, она што веднаш паѓа во очи е евидентната разлика во цените за оние кои ќе платат со денари и оние патници кои ќе решат тоа да го направат во евра.

Каде одат и за што се користат останатите денари од повисоката цена која ја плаќаат оние што ќе платат со евра? Како може на македонските патарини да се плаќа со евро, ако се знае дека во земјата е дозволено плаќање единствено со денари?

За поранешниот директор на „Македонија Пат“, Вулнет Палоши ваквата наплата со разлика во цените не би смеела да се случува.

„Прво не смее во евра да се плаќа, а второ не смее да има разлика во цената за километар по гориво ни во цент, а не пак во повеќе денари. Таа цена е вообичаена, не смее да се плати во евра, затоа се прави таа разлика“, вели Палоши.

Неколку милиони евра на годишно ниво

Плаќањето на патарините во железни евра на годишно ниво носи голем ќар за Јавното претпријатие за државни патишта. Оттаму за Дојче веле велат дека во 2015 година биле собрани 3.695.174 евра, додека минатата година повторно се собрала слична сума или 3.604.161 евра.

Според оваа институција, плаќањето во евра се прави согласно Одлуката за изменување на Одлуката за висина и начинот на наплата на надоместокот за употреба на пат (патарина) кога се воведени два ценовници за патарина за користење на автопатиштата во Република Македонија. Едната е во денари, а другата е во евра.

Одлуката е донесена во јули 2014-тата година од тогашниот претседател на Владата, Никола Груевски. Според оваа одлука, во некои цени постои разлика од дури 70 денари, како на пример во разликата во цената за 4-тата категорија возила на патарината Петровец - Велес и обратно. За оваа категорија ќе платите 330 денари, но доколку платите во евра, цената е 6,50 евра или 400 денари.

Не смее да има разлика во цени за домашни и странски лица

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, кој своевремено работел на пишување на сегашниот Закон за јавни патишта, вели дека цената за странски и домашни лица не смее да се разликува во плаќањето патарина.

„Точно е дека не може да се плаќа во евра, но претпоставувам дека ова е направено за странците кои се во транзит, на кои им се олеснува плаќањето на патарина. Сепак, правило е дека не може да се разликува цената за странци и домашни лица. Во времето кога го пишувавме законот, цената за странски возила и домашни возила многу се разликуваше и моравме да направиме измени во насока истата да биде еднаква“, вели Давидовиќ за Дојче веле.

Економистот Слободан Најдовски вели дека тој постојано патува и не му е воопшто јасно како функционира ваквиот систем на наплата, како и дали истиот е уставен од правен аспект.

„Не е сфатливо, како може да  издаваат сметка од 61 денар, и каде одат курсните разлики од 61 до 61,5 на пример кога еврото се менува според курсот на Народна банка? Како се евидентира и каде оди таа разлика? Тоа отвара големо прашање за разликата која се дава по фискална сметка, но и како се раздолжува наплатувачот и „Македонија пат“ која ја наплаќа патарината за сметка на Агенцијата за државни патишта“, вели Најдовски за Дојче веле.

Според јавното претпријатие, ценовникот за патарина во евра постои заради трошоците кои ги има Јавното претпријатие за државни патишта при плаќање на патарина во монети евра.

Тие велат дека сите пари наплатени од патарина, во денари и евра, се еден од планираните приходи на Јавното претпријатие за државни патишта и се користат за вршење на основната дејност на претпријатието.

DW.COM

Реклама