„Плацови на Водно“: Седум години затвор за Груевски | Северна Македонија | DW | 21.04.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Плацови на Водно“: Седум години затвор за Груевски

Основниот кривичен суд-Скопје во предметот „Плацови на Водно“ му изрече затворска казна на експремиерот и бегалец Никола Груевски во траење од седум години и парична казна од 3500 евра.

По деветмесечен судски процес, Основниот Кривичен суд-Скопје денеска (21.04) донесе пресуди во предметот „Плацови на Водно“, во кој првообвинет за перење пари и противправно стекнување и прикривање имот беше поранешниот премиер Никола Груевски. Груевски е осуден на казна затвор во траење од седум години, како и парична казна во износ од 3500 евра. Неговиот братучед и ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков за помагање во перење пари е осуден на една година и три месеци затвор. Тука му се пресметува и времето поминато во притвор.

Ристо Новачевски, кој е кум на Груевски, е осуден на условна казна затвор во траење од две години, ако во наредните пет години не стори ново кривично дело. Бизнисменот Ненад Јосифовиќ исто така доби условна казна затвор од две години, а бизнисменот Јордан Камчев доби затворска казна во траење од една година. Ратка Куновска-Камчева која беше гонета, не е осудена, бидејќи застаре делото за кое се товареше. Нелегално стекнатиот имот за кој се товарат осудените, ќе биде конфискуван.

Случајот „Плацови на Водно“ стана познат во јавноста пред седум години, кога почнаа да се објавуваат „бомбите“ на, во тоа време, опозицискиот СДСМ, за тоа како блиски лица до тогашниот премиер Никола Груевски планирале да купат атрактивно земјиште од илјадници квадратни метри. Според документите од катастарот, атрактивните локации биле во рацете на три фирми - Ексико ДООЕЛ, КАРА и Сирах инижинеринг. Вредното земјиште било составено од 6 парцели од вкупно 17 илјади квадратни метри. Секоја од фирмите поседувала по 2 парцели, а најмногу Сирах инжинеринг. Обвинителството во октомври годинава отвори нова истрага, за други плацови на Водно, кои се наоѓаат во близина на Шестата управа. Овојпат, сите плацови припаѓаат на фирмата Сирах инжинеринг.

Според обвинителството, плацовите на Водно кај Шестата управа се платени 1,3 милион евра, пари од донации од фирми и членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои наместо да ги внесе во партиската каса, Груевски ги инвестирал во земјиштето на Водно. Притоа не делувал сам.

- повеќе: Скопски бизнисмен ја открива шемата како се купувале плацовите на Водно

Обвинителката Лиле Стефанова докажуваше дека парцелите се купувани во време кога тие сè уште се водат како шума, а во 2012 година се менува Генералниот урбанистички план и тие се пренаменуваат во градежно земјиште, па така расте и нивната цена. Во 2013 година, на скандалозната седница во Општината Центар, случај познат како „Насилство во Општина Центар“ или „Шлаканици во Општина Центар“, се менува и Деталниот урбанистички план.

- повеќе: Се шири истрагата – колку станови има Груевски на Водно?

Според обвинителството, Мијалков како второосомничен, иако знаел дека парите се прибавени со кривично дело, стапил во контакт со сопственикот на фирмата во Белизе и побарал документацијата, печатите и жиро-сметката да му бидат дадени на располагање.

- повеќе: Судот ќе решава за докази понудени од одбраната на Груевски

Новачевски, според обвинителството, во својство на управител на „Сирах“ извршил плаќање кон сопствениците на земјиштето, со што бил прикриен изворот на парите и вистинскиот сопственик на вредното земјиште со вкупна површина од 11 илјади квадратни метри. Тој понатаму ја пренесува сопственоста на друго правно лице, во случајов на фирмите поврзани со Камчеви, кои понатаму ја преименуваат фирмата за да се изгуби трагата на вистинскиот сопственик.