Плацебо во парламентот и атентат врз демократијата | Македонија | DW | 05.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Плацебо во парламентот и атентат врз демократијата

Прво мора јасно да биде направена разлика меѓу конститутивна седница и сегашново политичко плацебо, лажен анестетик за намалување на болката на оние кои треба да бидат опозиција,а потоа да се продолжи со нов претседавач

Ако најкраткиот пат за општествена деградација е уништувањето на меѓуетничата комуникација и толеранција, како и форсирањето теории на заговор и демагогија за бескрајно условување, тогаш Македонија е на „вистинскиот пат“. Начинот на кој се прочитаа пораките на Туск во пропагандистичкиот кампус на власта, неодоливо потсетуваат на обидот на началникот од комедијата на Нушиќ - да открие што значи зборот „аналфабет“. И бидејќи сметал дека сѐ што почнува на „ан“ (анархија, анатема, антидинастија) е „државно опасно“, и зборот „аналфабет“ интуитивно го доживеал како платформа насочена против државата. На есенцијалниот конструкт од оваа комедија, се темелат многу аспекти на денешната македонска институционална трагедија.  

За таа трагедија да добие институционална рамка, власта ги опструира демократските процеси преку синергија од неокомунизам, религија и национализам. Што и не е нова појава. Нејзината тајна политичка платформа најјасно излезе на виделина на 24 декември 2012 година, кога на опозицијата не ѝ беше дозволено да биде ни опозиција, исто како што денес не ѝ е дозволено да биде власт. Идеологијата на таквата платформа се темели на мизантропија и клептократија, гатачко гледање на светлата иднина во нов изолационизам, во кој никој не ќе може да ги надгледува, да им ѕирка во трезорот, да ја контролира нивната политичко-бизнис и судско-обвинителска олигархија, најмалку преку некој пржински продукт наречен СЈО.

Затоа и главните цели на таа платформа со години се потпираат на обесмислување на потребата од поделба на власта. Потребен беше лажен легализам, поставен на континуитет на самоволие, криминал и отсуство на санкции за тоа. А за сето тоа да се маскира во врвен патриотизам, во погон е ставена националната, „државна причина“.

Спектакл на простаклак

Таа „причина“ навреме му е дадена на Иванов за да ја повторува како мантра за некаков „дополнителен услов“ за мандатот за состав на влада. Секако дека тој услов нема никаква уставна основа, но има голема употребна вредност за оние кои сакаа и успеаја да го претворат парламентот во спектакл на простаклак, во арена на деструктивни нагони и надгледни модели за политичката антропологија. Резултат од тој државен удар и атентат врз демократијата е фактот што денес не зборуваме за криминални, нафтени и авторитарни платформи, туку за декларација на албанските партии, која лажно и пропагандно е издигната на ниво на најголема опасност за „државната причина“. Молкот на мнозинството, заради намерата да остане верно на легалистичките процедури во парламентот, многумина го толкуваат како негова слабост, бидејќи наспроти себе нема идентичен легалист - туку опструктор. Дилемата е - до кога мнозинството ќе ја докажува приврзаноста кон Уставот, законите и деловникот, додека другите на најбезобразен и деструктивен начин го злоупотребуваат тоа трпение? Веројатно не долго, бидејќи трпението губи смисла токму за државната причина, ако изборите резултати не може да се ефектуираат. Нови избори не се решение. Во ситуација кога ВМРО-ДПМНЕ ги урна сите мостови со албанската етничка заедница и со нејзините политички претставници, како би се решила кризата со нови избори, кога е јасно дека во кампањата ќе доминира истата лажна „одбранбена“ реторика, што дистанцата со албанскиот кампус ќе ја направи уште поголема, а изборниот скор на власта со уште помал коалициски капацитет. Според тоа, сега е во игра само стратегијатата „купи ден - помини“ и губење драгоцено време. Целта е шансите за реформи и изградба на демократска Македонија да бидат блокирани од оние кои сакаат да се спасат од истрагите на СЈО и да се кренат од политичкиот и општествен талог како феникси носени на крилјата на празни „манифести“ и „патокази“. Нивната желба е да триумфираат политички од позиција на губитници, низ „победа“ што ќе ја продлабочи општата криза.

Страв од слободна и критична Македонија

Она што е уште поопасно, е што интеграциските перспективи на земјата се обидуваат да ги заменат со т.н. западнобалканска гранка на рускиот модел на „демократија“, бидејќи единствено тоа може да им понуди политичко засолниште од „здодевните ЕУ-поглавја“ кои на виделина треба да го извадат злосторството врз владеењето на правото и убиството на медиумските слободи. Тие се исплашени од ново раѓање на Македонија, од нејзиниот премин од затворено општество и заробена држава во отворено општество засновано на слободен и критичен дух, кој не може да биде купен со сендвич, субвенција, партиско работно место...

Trajko Veljanoski (MIA)

Ако Вељаноски нема капацитет да ја води седницата според точките од дневниот ред, тогаш ни мнозинството веќе нема обврска да биде некаков кворум пред оној што го крши Деловникот

Сцените во парламентот сведочат за обид таа можност да биде убиена како „случајна појава“ или „инцидент“ што веќе не смее да се повтори. Тоа е класично нарачано убиство, во кое репликите се дел од шаржерот кој треба да се испразни врз волјата на мнозинство. Парламентот се соочува со опасноста да биде претворен во еден вид постмилошевиќки Газиместан, каде некој псевдоморалист ќе им дозволува на пратениците да зборуваат сѐ, освен за точката на дневниот ред. Пратениците од мнозинството мора да укажат дека претседавачката улога значи и одземање на збор при видливи намери за опструкција на работата на парламентот. Доколку тоа не се случи, доколку Вељаноски нема капацитет да ја води седницата според точките од дневниот ред, тогаш ни мнозинството веќе нема обврска да биде некаков кворум пред оној што го крши Деловникот на таков очигледен начин. Мора јасно да биде направена разлика меѓу она што значи конститутивна седница на која треба да се избере претседател на Комисија, и сегашново типично политичко плацебо, лажен анестетик што треба да ја намали болката на оние кои не можат да се помират со фактот дека ќе бидат опозиција. Откако ќе биде констатирана таа разлика, треба да се премине кон точките од дневниот ред со друг претседавач - највозрасниот пратеник во Собранието. Ако Вељаноски не го ослободува претседавачкото столче, мнозинството може да го продолжи процесот каде било од Скопје до Гевгелија или од Куманово до Крушево. Мнозинство кое го има легитиметот на граѓаните, ќе биде признаено и од демократскиот свет.

Сѐ друго, ќе значи само нова самотија на Македонија и страотен пад пред култот на изолационизмот, што не носи никаква компаративна предност за земјата, освен простачки ритуали кои го откриваат презирот кон можноста за напредок.

DW.COM

Реклама