Платите на странците во Германија 900 евра помали отколку на домашните | Економија | DW | 21.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Платите на странците во Германија 900 евра помали отколку на домашните

Странците во Германија заработуваат 900 евра месечно помалку од домашните граѓани. Дојденците од Северна Македонија и регионот сепак поминуваат подобро отколку луѓе од Сирија и Авганистан. Експертите имаат објаснување.

Вработените странци во Германија заработуваат многу помалку од домашните државјани, покажува статистиката на Сојузната агенција за труд. Додека германските државјани лани имале месечни примања од 3509 евра бруто, односно пред плаќање на данок и придонеси, кај странците таа вредност била 2614 евра. Тоа е дури за 895 евра или една четвртина помалку.

Во прашање не е просек, туку т.н. медијана, вредност под и над која се наоѓа точно половина од сите приходи. За разлика од просекот, таа вредност го ублажува влијанието на многу ниските и многу високи плати и се смета дека е подобар индикатор за стандардот на „обичниот" човек.

Странците работат помалку платени работи

Разликата меѓу Германците и странците е посебно драстична кога се во прашање дојденци од Сирија, Авганистан или Еритреја, кои заработуваат 1475 евра помалку од домашните.

Статистиката ја објави германската влада како одговор на пратеничко прашање од партијата Алтернатива за Германија. Посебно паѓа во очи колку се зголемени разликите во претходните години, така на пример во 2010 година разликата била 11,6 проценти (317 евра).

Разликата не може да се припише само на образованието, зашто постои дури и кај неквалификуваните работници, странците тука добиваат 415 евра помалку од Германците. Неквалификуваните работници од Северна Македонија, Србија или Албанија заработуваат притоа 208 евра помалку месечно, додека луѓе од бегалските земји имаат 657 евра месечно помалку.

Во т.н. „сектор на ниски плати" работат само 16 проценти од сите германски вработени, додека кај странците тој удел изнесува 37 %.

Гледај видео 02:30

Платите во Германија - кој колку заработува?

Дали миграцијата ги урива заработувачките?

Германската влада има објаснување за разликата во платите, според неа, таа се должи на тоа што работниците од странство често имаат помалку искуство и стручност. Според одговорот на вадата, вработувањето поголем број странци може да има „ефект на притисок врз средната заработувачка".

„Луѓето кои тукушто се доселиле во Германија се на почеток на кариерата", вели Херберт Брикер од Институтот за истражување на пазарот на труд при Агенцијата за труд. „Нивните плати во текот на кариерата значително ќе растат", изјавил тој за новинската агенција ДПА.

Повеќе:

Колкава е навистина просечната плата во Германија?

Бунт на германските стопанственици против ограничување на бројот работници од Балкан

Од Балканот кон Германија заминуваат стручни работници

Корона-скандалот во „Тениес“: „Додека да стигнеш до господ, ќе те изедат светците!“

Рене Шпрингер, пратеник од Алтернатива за Германија, поставувач на прашањето до владата, вели дека „доселувањето не смее да води кон дампинг на заработувачките". Неговата партија остро се спротиставува на масовно доселување, посебно на прием на баратели на азил.

Брикер пак вели дека „доаѓањето на мигрантите има само маргинално влијание на платите".

Разликите, сметаат во владата во Берлин, можат да се намалат преку законски пропишаната минимална плата која постои од пред неколку години, како и со поттик на доусовршувањето на странците во Германија.

Според Сојузната агенција за труд, во последниот месец лани полно работно време имале 21 милион домашни државјани и три милиони странци.

 

Поврзана содржина

Реклама