Пластичен отпад од Албанија на хрватскиот брег | Панорама | DW | 04.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Пластичен отпад од Албанија на хрватскиот брег

Во текот на зимските месеци, посебно кога дува засилен југо, морето на хрватските острови и на крајбрежјето исфрла големи количества смет. Пред неколку дена ги затрупа и плажата и старото градско пристаниште во Дубровник

Глетките со надојден отпад по должина на јадранскиот брег во никој случај не се реткост во постудените месеци од годината. Интензивната циркулација на силни ветрови и морски струи неизбежно собира отпадоци во големи морски кластери и потоа ги носи кон копното. Сепак, она што неодамна со јужниот ветар се случи во Дубровник, особено со пристаништето во Стариот град- Порат- со своите пропорции ги изненади сите. Десетици тони мешан отпад во два наврата го преплавија пристаништето и делови од брегот во близина. А можеби најдобра симболика за сето тоа е само еден предмет заглавен на блиската плажа Бања: противбродска сидрена мина од 800 килограми.

Неочекуваниот експонат од Втората светска војна итно и успешно беше деактивиран, но чистењето на останатите отпадоци траеше со денови. Во акцијата се вклучија и граѓаните, особено сопствениците на бродови на кои од големите предмети, како што се гранки од стебла, им се закануваше оштетување.

Повеќе на темата: 

-„Претстои драматична промена на морињата“

-Рибари во борба против пластичниот отпад во морињата

-Океаните преполни со смет

Опасни честички од микропластика

Најповикани за коментар за таквата еколошка несреќа, меѓутоа, се биолозите од  Институт за море и крајбрежје од Дубровник. Секако, не само затоа што оваа установа се наоѓа во тврдината Свети Иван која го обезбедува Порат токму од неговата морска, јужна страна. А нив ги прашавме за последиците од загадувањето, но и за причината која е веќе позната од порано - Албанија. Владо Онофри од Институт за море и крајбрежје во Дубровник изјави за ХТВ дека 80 отсто од овој пластичен отпад потекнува од Албанија. А морето го носи во јужна Далмација, на нејзиното крајбрежје и на островите.

„Поголемиот дел од оваа маса ја сочинуваат гранки, но проблем е пластичната амбалажа која, инаку, глобално го загрозува морскиот живот и посредно луѓето", ни рече Раде Гариќ, научен соработник во институтот. Тој објаснува дека во прашање е постојана опасност за која стануваме свесни дури откако опадот ќе ги „посети“ урбаните делови од крајбрежјето. Но апсолутно најопасна појава е дополнителното споро разградување, фрагментацијата на предметите до честички кои се нарекуваат микропластика. Тие завршуваат во планктоните и во рибите, а последиците од нивното натамошно разградување, како и влијанието врз човекот, сѐ уште се истражуваат.

Нема решение без ангажман на ЕУ

„Се смета оти појавата би можела да биде многу опасна. Но, што се однесува до потеклото на поголемиот дел од пластиката во овој случај, е познато дека тој отпад се создава во Албанија, за што сведочат и натписите на амбалажата. Се собира во речните долини по диви депонии, имено, од каде со поројни дождови и поплави се сели во морето. Понатаму се движи со морската струја и силниот јужен ветер го тера кон брегот. Проблемот, значи, тешко може да се реши, ако не се делува на местото од каде потекнува“, смета Гариќ.

Од Министерството за заштита на средината и енергетика на Хрватска соопштија дека преземаат постојани активности за систематско  решавање на проблемот со морскиот отпад, во согласност со меѓународните конвенции чиј потписник е и Албанија.

Дубравка Шуица, хрватска пратеничка во Европскиот парламент, пак, смета дека очигледно тоа не е доволно. Поради честите загадувања на Јужна Далмација во последните години, таа побара итна реакција од Европската комисија и на Европската агенција за животна средина. Останува нејасно прашањето за вистинските причини на таквиот третман на отпадот и самата природа во Албанија.

По правило, таквите ситуации потекнуваат поради економско-социјални причини, и практично е невозможно да се спречат со санкции или со „противпожарни“ мерки кои се занимаваат со еколошкиот контекст. Со тоа секако ќе се соочат оние кои ќе се обидат да делуваат кон Албанија, а ние на оваа тема се обративме и кај градоначалникот на Дубровник Мати Франковиќ. Тој загадувањето го нарече вистинска катастрофа, наведувајќи дека десетици комунални работници со денови одвезуваат десетици камиони со отпад. Тој не потсети на сличен случај од 2010 година, кога најмногу настрадаа Пељешац и Млет. Франовиќ смета, меѓутоа, оти околу оваа проблематика мора конечно сериозно да се ангажира како хрватската така и дипломатијата на ЕУ.

 

DW.COM

Реклама