Планот на Меркел за иднината | Свет | DW | 04.07.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Планот на Меркел за иднината

Изборната програма на партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) во многу точки е паметен и исправен, оценува Кај-Александер Шолц. Станува збор за големи планови и визии, кои се надоврзуваат на актуелната германска самодоверба.

Колкава е воопшто вредноста на некоја изборна програма? Многумина во Германија се прашуваат уморно одмавнувајќи со раката. Изборната програма содржи многу работи, кои подоцна воопшто не се тема или работи кои порано воопшто не биле предвидени. Тоа и не е толку погрешно.

И изборната програма на партиите ЦДУ/ЦСУ- иако демохристијани имаат најдобри шанси да победат и да именуваат канцеларка- сѐ уште е далеку од владина програма. Претходно, имено, е потребно да се пронајдат една или две партии кои се подготвени со Унијата да формираат владеачка коалиција.

Тоа сѐ  уште не е програма на владата

Тоа се случува во т.н. преговори за формирање коалиција. Тие служат за тоа јасно да се исцртаат црвените линии. Доколку ги има премногу, преговорите пропаѓаат. Доколку преовладува она што им е на партиите заедничко, започнуваат разговорите за идна коалиција. Тоа значи дека компромисите се преиспитани. Дури тогаш многу планови се туркаат на страна или добиваат поинаква форма. За другите теми преговарачите се принудени да ги „проголтаат барањата“ од другата страна. Значи, да се согласат на цели кои самите воопшто не ги сакаат.

Така имено функционира политиката во демократија кога се формираат влади- за разлика од диктатура и за разлика од еднопартиски влади кои на сојузно ниво во Германија сѐ уште ги немало. Тоа во меѓувреме и на ниво на сојузните покраини е повеќе исклучок отколку правило, со исклучок на Баварија.

Германија во моментов важи за кацеларска-демократија. Тоа значи дека германската шефица на владата може да ги одреди насоките, што досега Ангела Меркел често го правеше: со напуштање на користењето на атомска енергија, со укинување на обврзувачкото служење на воен рок, со прифаќање на сириските бегалци. Канцеларката всушност има право непосредно да реагира на актуелните случувања. Тоа не мора да биде предвидено со предходна изборна програма.

Меркел: едноставно да се сонува

Затоа би било претерано една изборна програма веднаш да се отфрли, бидејќи независно од конкретните мерки, станува збор и за стратешки одлуки. Но одредена доза на скептицизам треба да постои. И самата Меркел зборувајќи за изборната програма на пресконференцијата рече: тука едноставно може малку повеќе да се сонува, подоцна сето е повторно повеќе завиткано во корсет. Пред сѐ кога, како што е сега случај, има доволно простор за маневрирање, односно доволно пари нешто политички да се реализира.

Scholz Kay-Alexander Kommentarbild App

Кај-Александер Шолц, автор на коментарот

Посебно интересна е една од првите реченици на канцеларката: таа сака да ја обедини земјата, а не да ја подели. На истакнато место притоа, иако не конкретно споменат, е предизвикот на десничарскиот популизам. Надобар рецепт против него, смета шефицата на ЦДУ Меркел, како и шефот на ЦСУ Хорст Зехофер, е добрата политика. Ако на луѓето им е економски добро, ако чувствуваат дека се води сметка за нив, тие тогаш веруваат во иднината и не гласаат за Алтернатива за Германија (АфД). Така се верува. Тогаш не станува збор за акутни итни мерки против АфД, туку за долгорочни терапии со цел да се зајакне имунолошкиот систем.

Добри предуслови, уште подобри можности

Ако Меркел и Зехофер ветат дека до 2025 година ќе го решат проблемот со невработеноста, значи да се намали стапката на невработеност под 3 насто, тогаш тоа е оптимистички поглед за кој многумина во Германија се чудат. Толку розова германска иднина? Навистина? Добро, Германија тоа веќе еднаш го постигна, од 2005 година до денес, им порачува Меркел на критичарите.

Всушност таа, како што вели, сфатила и што е важно за иднината: потребно е да се издвојат повеќе пари за наука. Во канцеларската канцеларија би требало да биде поставен и министер за прашањата на дигитализацијата. Тој би требало да се зафати со изградба на „гигабит-општество“.

Законот за доведување на стручна работна сила со само два услова (работен договор и доволно пари за живот), би требало да биде германска форма на закон за доселеници. Бројот на бегалци треба да остане низок. Не би требало да има нови задолжувања и зголемувања на данокот. Толку ли е добро во Германија?

Многу посилно отколку во претходните години, канцеларката Меркел акцент става на темите на иднината- демографијата, дигитализацијата, миграцијата. Со тоа ги заобиколува внатрешно-политичките теми на сегашноста како што се: недоволната интеграција на старите и на новите мигранти, проблемите со пресвртото во енергетската политика или пак социјалните поделби. Но и критичарите мора да признаат дека во последните десет години во Германија е сторено многу. Темелите врз кои сега стои Меркел се стабилни. Анкетите покажуваат дека никој од социјалдемократите (СПД) нема толку бргу да успее да ја тргне од канцеларската функција. Од таа позиција, таа работите може подобро да ги согледа. А успехот е заводлив. И во политиката.

 

 

DW.COM

Реклама