ПИСА: Македонските ученици немаат самодоверба и волја за развој | Северна Македонија | DW | 03.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

ПИСА: Македонските ученици немаат самодоверба и волја за развој

Учениците од Северна Македонија повторно се најдоа на европското дно според најновата студија на ОЕЦД. ПИСА тестот покажува дека на 15-годишниците им недостасува и ткн. развоен менталитет

Македонските ученици повторно се меѓу најлошите во три клучни категории кои ги оценува ПИСА студијата: читање, математика и природни науки. Анализата на резултатите од истражувањето на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) правено меѓу 15 годишни средношколци во 2018 година покажува дека, и покрај малото подобрување во однос на студијата од 2015 година, тие и понатаму далеку заостануваат зад своите врсници од развиените земји. Во читање и математика средношколците се на 67 место меѓу 77 земји, додека во научните дисциплини се нешто подобри- на 63 место. Притоа, заостанувањето е огромно и се мери во повеќе од сто бодови во однос на водечките нации како Кина и нејзините провинции. 

Повеќе на темата: 
- Првата буква што ќе ја учат првачињата е Ш- штрајк

- Кој одбира училиште- учениците или родителите?

Фактот дека македонските средношколци повторно се најдоа на дното на листата на студијата на ОЕЦД веројатно не е големо изненадување, но дополнителна причина за загриженост е односот на големото мнозинство од нив кон самите себе. Имено, повеќе од 60 проценти од анкетираните средношколци во Северна Македонија сметаат дека не можат да напредуваат и да се развиваат. На прашањето „Вашата интелигенција е нешто што не можете да го промените многу“, огромно мнозинство анкетирани средношколци во земјава одговориле потврдно.

Infografik PISA 2018 Lesekompetenz EN

Македонските ученици далеку заостануваат зад нивните врсници во водечките држави во студијата на ОЕЦД


„Овие ученици веројатно нема да инвестираат во себе доволно за да успеат во училиште или во животот“, заклучуваат авторите на ПИСА студијата. Со други зборови, големо мнозинство од учениците не веруваат дека со напорна работа и учење можат да напредуваат.

Развоен менталитет
Во случајов станува збор за ткн. развоен менталитет (growth mindset ) кај учениците. Теоријата за развојниот менталитет е развиена од д-р Карол Двек пред 30 години и таа се базира на верувањето дека можете да ги развиете својата интелигенција, способност и перформански. Спротивна на неа е фиксираниот менталитет, која е верување дека талентот на некоја личност е даден и непроменлив.
Но повеќегодишните истражувања покажале не само дека менталитет е менлив, туку и дека со помагање на учениците да развиваат поинаков менталитет, им се помага да учат поефективно и побрзо. Кога учениците веруваат дека можат да станат попаметни, тие истовремено разбираат и дека напорот ги прави посилни. Затоа и вложуваат повеќе време и напор, што пак води кон подобри постигнувања. Всушност, она што го докажале Двек и нејзините колеги е дека кога ќе се промени менталитетот на личноста тоа води кон зголемена мотивација и постигнувања. Праксата имено покажува дека децата на кои им се кажува оти се паметни го охрабрува фиксираниот менталитет, додека фалењето на упорната работа и дополнителниот напор култивира развоен менталитет. Кога учениците имаат развоен менталитет, тие се фаќаат во костец со предизвиците и учат од нив, со што се зголемуваат и нивните способности и успеси.

Eltern helfen bei Schulaufgaben

И родителите треба да им го влеваат развојниот менталитет на децата


Ништо не е „фиксирано“

Оттука, веројатно и не е изненадување што оние ученици кои не се согласиле со дилемата („Вашата интелигенција е нешто што не можете да го промените многу“) која им била поставена во рамките на ПИСА студијата имале 32 поени повеќе на тестирањето за читање од оние кои одговориле потврдно. Учениците кои веруваат дека нивните способности и интелигенција можат да се развиваат со текот на време (оние со развоен менталитет) исто така искажале помалку страв од неуспех од учениците кои веруваат дека нивната способност и интелигенција се „фиксирани“.
Во ПИСА истражувањето, учениците со развоен менталитет имале поголема мотивација да завршуваат задачи и да бидат самоефикасни, си поставувале амбициозни цели за учење, му придавале поголемо значење на училиштето, и со поголема веројатност очекувале дека ќе добијат универзитетска диплома.
Постојат различни начини како да се им се наметне развоен менталитет на учениците, препорачуваат авторите на ПИСА студијата. Процесот може да започне со учење за капацитетот на мозокот да се развива преку читање, дискусии на час и други активности. Истражувањата покажуваат дека учениците кои имале такви активности на училиште покажувале поголема верба за капацитетот на мозокот да се менува и помалку ја префрлаат вината за неуспехот врз недостатокот на талент. Други успешни интервенции вклучуваат охрабрување на учениците да им го објаснуват развојниот менталитет на други ученици; влевање на развоен менталитет кај родителите и учителите; понуда на онлајн сесии за развојниот менталитет и игри со социјален робот.

DW.COM