Пиранскиот залив ги комплицира односите на Хрватска и Словенија | Свет | DW | 01.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пиранскиот залив ги комплицира односите на Хрватска и Словенија

Арбитражата на хрватско-словенечката граница станува повторно првокласно политичко прашање. Притоа, односите на Загреб и Љубљана и онака не се најдобри.

Арбитражата на границата, од која Хрватска пред две години ненадејно се повлече по недозволеното лобирање од страна на Словенија, се враќа на голема врата во хрватско-словенечките односи. Откако во хрватските медиуми на средината од минатата недела е објавена информација дека конечната арбитражна одлука е напишана и дека само се чека поволен момент за нејзино објавување, се огласи и арбитражниот суд, потврдувајќи дека заседавањето е заклучено и дека одлуката ќе биде објавена во наредните месеци.

„Мртва буква на хартија“

Објавувањето на конечната одлука на овој ад хок суд, формиран по договорот кој во 2009 година го потпишаа тогашната хрватска премиерка Јадранка Косор и словенечкиот премиер Борут Пахор, дополнително ќе ги искомпликува и онака комплицираните односи на Загреб и Љубљана. Медиумите во регионот веќе пренесуваат дека на Словенија веројатно ќе ѝ припадне поголем дел од Пиранскиот залив.

Од Загреб деновиве се слуша дека арбитражната одлука ќе остане „мртва буква на хартија“. Иако таа одлука не е обврзувачка, Словенија ќе стори сѐ за да ја натера Хрватска да ја примени одлуката, за што сведочи и најавата на шефот на словенечката дипломатија Карл Ерјавец, кој на почетокот од годинава спомена можност за блокада на странските туристи на граница во случај на непочитување на арбитражната одлука од страна на Хрватска.

Целата дебата е обновена во исклучително деликатен момент за Хрватска, на почеток на туристичката сезона и во време на политчка нестабилност во Загреб. Ситуацијата дополнително ја отежнуваат гужвите на граничните премини поради спроведувањето на шенгенската уредба за систематски контроли, за кои многумина во Хрватска веруваат дека се разултат на намерен притисок на Љубљана поради арбитражата.

Grenze Slowenien - Stau (Getty Images/AFP/J. Makovec)

На граничните премини има големи колони поради шенгенската уредба за систематски контроли

И Словенија е под притисок

Политичкиот аналитичар и филозоф Жарко Пуховски смета дека иако тоа на прв поглед се чини парадоксално, на Хрватска ѝ одговара арбитражната одлука - за која е уверен дека ќе биде неповолна за Хрватска - да биде донесена среде туристичка сезона. „Токму во тоа време словенечката страна ќе биде под енормен притисок да попушти во полициските контроли, за да не изгледа дека станува збор за реваншизам“, објаснува Пуховски и потсетува дека словенечката страна, благодарение на контроверзната изјава на својот шеф на дипломатија, самата се довела во таква ситуација.

Пуховски смета дека Хрватска оправдано ја напуштила арбитражата и дека, без оглед на притисоците од страна на Словенија, мора да опстои на неприфаќање на одлуката. „Хрватска има многу добри аргументи поради кои одлучила да ја напушти арбитражата, иако е прашање дали тоа успешно ќе го искомуницира надвор од земјата. Уверен сум дека поради тоа Хрватска нема да трпи посериозни последици, освен во односите со Словенија, иако и тоа е доволно за проблеми“, смета Пуховски.

Тој додава дека Европската Комисија во овој момент „не може да изврши притисок врз никого, па ни врз најслабите членки, зашто е целосно блокирана одвнатре. Ќе има некои формулации кои нема да одат во полза на Хрватска, но тоа не би ѝ наштетило на Хрватска, освен што оваа ситуација ќе им наштети на нашите односи со Словенија.“

Slowenien Bucht bei Piran (picture-alliance/dpa/T. Brey)

Прашањето на Пиранскиот залив Словенија сака да го поврзе со пристапот на Хрватска кон Шенгенската зона

Можеби за 15 години...

Ивица Маштруко, задарски социолог и еден од најугледните хрватски дипломати, се сомнева во успехот на очекуваните дипломатски притисоци на Љубљана, а не верува ниту дека Словенија ќе го искористи правото на вето во ЕУ за, да кажеме, го блокира влезот на Хрватска во Шенгенската зона. „Хрватска поради сопствената веродостојност, не смее да подлегне на никакви притисоци и тоа мора на сите јасно да им го стави до знаење. Не верувам дека која било хрватска влада би можела да се согласи на такви притисоци, не само поради внатрешнополитички притисоци, туку и поради принципи.“

Маштруко е уверен дека преговори на двете страни далеку од очите на јавноста, но дури за неколку години, би можеле да бидат многу поуспешни од притисоци. Еден ден, заклучува Маштруко, арбитражната одлука можеби ќе послужи како темел на идно билатерално решение. Но, тоа би се случило најрано за 10 до 15 години.

Реклама