Пет години по обидот за пуч, Ердоган уште повеќе се плаши за власта | Свет | DW | 15.07.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Пет години по обидот за пуч, Ердоган уште повеќе се плаши за власта

Пет години по неуспешниот обид за пуч и по систематскиот прогон на своите ривали, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е уште поисплашен за својата власт, смета Бану Гувен.

Минаа пет години откако Реџеп Таип Ердоган успеа да го преживее обидот за пуч во Турција на 5 јули 2016- наводно организиран од неговиот стар пријател, екцентричниот свештеник во егзил, Фетула Ѓулен. Со помош на двегодишната вонредна состојба, Ердоган ги искористи сите средства кои му стоеја на располагање за да ги отстрани сите пречки за своето неограничено владеење. Но во моментов, Ердоган е позагрижен од било кога дека ќе ја загуби контролата врз власта. 
Последните анкети велат дека не би можел да победи на претседателски избори доколку се одржат денес. Зад загубата на поддршката се кријат тврдоглавите грешки кои постојано ги прави во последните пет години- онакви грешки какви што прават тирани. 

Преголема суровост

По обидот за пуч, со помош на вонредната состојба, Ердоган ја започна најголемата чистка во историјата на Турција. Десетици илјади луѓе- воени претставници, судии, обвинители, бирократи, академици- останаа без работа без никаква причина и беа заменети со неискусни партиски лојалисти.
Новинари, писатели и членови на граѓанските движења беа затворени без никаква шанса да биде ослободени. Политичари, вклучително и неговите ривали, се веќе во затвор. 
Во изминативе пет години, секој кој му пречеше на Ердоган беше прогласуван за терористи или странски шпион. Тортурата и малтретирањето во полицискиот притвор станаа вообичаени. Тој ја искористи вонредната состојба за да ги замолкне сите критички гласови и медиуми. Таквата суровост е тешко да се игнорира, дури и за неговите симпатизери.  
Ердоган си ја прецени и својата надворешно-политичка моќ- и цела Турција ја плаќа цената за тоа. Што мислеше кога го затвори американскиот свештеник Ендрју Брансон обвинувајќи го дека е поврзан со движењето на Ѓулен?
Во замена за ослободување на свештеникот, Ердоган бараше од поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп екстрадиција на Фетула Ѓулен, кој се уште живее во Пенсилванија. Наместо тоа, Турција доби повисоки тарифи и санкции. Турската лира загуби 40% од вредноста во однос на доларот за само неколку дена. 
Ердоган се опкружи со роднини, пријатели и луѓе кои го зборуваат само она што тој сака да го слушне. За никој да не му зборува за грешките. Оние кои се осмелија да зборуваат беа избркани. А оние кои го опкружуваат изградија сопствени мрежи на непотизам. 
Исповедите на еден поранешен мафијашки бос открија дел од валканите работи околу режимот, вклучително и уценувањето на бизнисмените со закани дека ќе бидат обвинети оти се ѓуленисти. 

Türkei Banu Güven

Бану Гувен

Повторување на грешките

Ердоган замени тројца директори на Централната банка за две години затоа што не се согласуваа со неговата монетарна политика. Иако економијата покажа дека не бил во право, Ердоган продолжи да тврди дека високата каматна стапка предизвикува растечка инфлација. 
Ни именувањето на неговиот зет Берат Албајрак за министер за финансии не се покажа како многу добар потег. Албајрак ја натера Централната банка да продаде 128 милијарди долари за да ја зајакне лирата, но ни тоа не помогна да се спречи нејзиниот пад. На крајот, оставката на Албајрак беше поздравена од берзите. Но тогаш веќе беше предоцна да и се даде нов живот на лирата. 
Како кај сите тирани, и реакциите на Ердоган кон различностите се бес, насилство или во најмала рака негирање. Без оглед дали се работи за различно политичко мислење, про-Курдската партија, знамето со виножито, студентите, феминистките- неговата полиција и правосудство постојано брутално интервенираа. 
Ердоган во една прилика го нарече неуспешниот пуч „подарок од Бога“, мислејќи дека тоа му дава шанса целосно да ја зароби државата. Сепак, тој направи и уште една грешка која ја прават сите тирани.
Во еден момент сите мислат дека се непобедливи, додека не се соочат со неизбежното: Тиранијата е десензибилизиран, исклучен, терминален систем, со сопствена гравитација која го гарантира негово уништување... како црна дупка која се шири додека на крајот не исчезне. Однесувањето на Ердоган по пучот го забрза овој процес. 
Се чини дека претседателот го достигна зенитот на хоризонтот- точка од која нема враќање во црната дупка на тиранијата.

DW.COM