1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се менува ли расположението кај македонските гласачи?

ДТЗ
14 август 2021

НДИ ја објави пролетната анкета во која по подолг период ВМРО-ДПМНЕ води пред СДСМ. Аналитичарите велат дека во време на пандемија расте песимизмот и незадоволството кај граѓаните.

https://p.dw.com/p/3yxZ2
Kombobild Zoran Zaev und Hristijan Mickoski

ВМРО-ДПМНЕ води пред СДСМ во анкетата на американскиот Национален демократски институт (НДИ), спроведена во март и април годинава. На прашањето „Ако на избори излегуваат партии, а не коалиции, за која партија би гласале?“, 14 отсто се определиле за ВМРО-ДПМНЕ, 10 отсто за СДСМ, по 5 отсто за ДУИ и за Левица, 4 за Алијанса/Алтернатива. Од политичарите, пак, граѓаните најголема доверба имаат во Зоран Заев - 8 отсто, во Христијан Мицкоски доверба имаат 5 отсто од анкетираните, Стево Пендаровски и Димитар Апасиев имаат доверба од 4 отсто, а Зијадин Села и Али Ахмети по 2 отсто. 

-повеќе на темата: Во што веруваат Македонците: „Не“ за вакцина против Ковид-19, „Да“ за теории на заговор

Интересно е тоа што, дури 50 отсто од граѓаните што учествувале во анкетата немаат доверба во никој од политичарите. Повеќето од анкетираните, или 64 отсто, сметаат дека државата се движи во погрешна насока, и дека има назадување на демократијата. Како главни проблеми со кои се соочуваат македонските граѓани се економијата, односно можностите за вработување, како и здравствените услуги во услови на пандемија. Ова се накусо поентите од анкетата на НДИ, спроведена пролетва, а чии резултати по четири месеци се објавуваат во јавноста. 

Symbolbild Demokratie
Повеќето од анкетираните, или 64 отсто, сметаат дека државата се движи во погрешна насока, и дека има назадување на демократијата.Фотографија: Fotolia/seeyou/c. steps

Истражување е нарачано од НДИ, а спроведено од страна на ИПСОС, на репрезентативен примерок од 2410 испитаници, телефонски и преку интернет анкети. Македонските граѓани одговарале на прашања за демократијата, владеење, Ковид-19, геополитика и дезинформации. 

Зошто опаѓа рејтингот на власта?

Ова е прва анкета по подолг период којашто покажува опаѓање на рејтингот на владејачката СДСМ, и пораст на рејтингот на опозициската партија. Последната анкета на Брима, пред неполн месец, покажа статичен однос во рејтинзите меѓу двете најголеми партии од власта и од опозицијата, но укажа и на намалената подготвеност на граѓаните да излезат на избори. СДСМ имаше предност пред опозицијата од 2,6 проценти, откако 18,9 проценти од испитаниците одговориле дека ќе гласаат за СДСМ, додека 16,3 отсто за ВМРО-ДПМНЕ на прашањето на Брима: „Доколку денеска се одржат парламентарни избори, за која политичка партија ќе гласате“. 

-повеќе на темата: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со забетонирани позиции во анкетите

Последната година опаѓа рејтингот и на двете партии кај граѓаните, кој, според анкетите последнава година, е под 20 проценти. Но, според резултатите од пролетната анкета на НДИ, кои се објавуваат дури сега, покажуваат дека владејачката партија повеќе не седи толку стабилно на тронот. 

Марко Трошановски од Институтот за демократија за ДВ анализира на што се должи промената на расположението кај македонските гласачи. 

„Генерално во текот на пандемијата голем е песимизмот кај граѓаните, коишто во вакви услови имаат понегативен поглед кон работите, што би можел да биде еден од факторите за ваквите резултати. Вториот момент е, што по првичните успеси, Владата потфрли во менаџирањето на здравствената криза и обезбедувањето на доволно вакцини за граѓаните“, вели Трошановски. Но, не е само тоа, според него. На ваквите резултати можела да влијае и неконзистентната примена на мерките, некоординираноста на институциите за справување со кризите и слично. 

-повеќе на темата: Анкета: Само 50% од граѓаните сакаат да се вакцинираат

Значајно мнозинство од испитаниците се „многу загрижени“ за пандемијата, а власта доби лоши оценки за рестрикциите и комуникацијата за време на пандемијата, иако граѓаните имаат доверба во владините податоци поврзани со Ковид-19. Граѓаните негативно ја оценуваат улогата и работата на парламентот за време на ковид-кризата со 52 проценти, но и работата на опозицијата. 26 отсто велат дека опозицијата не понудила алтернативни решенија, а 24 отсто не слушнале ништо од опозицијата. 

Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Ова е прва анкета по подолг период којашто покажува опаѓање на рејтингот на владејачката СДСМ, и пораст на рејтингот на опозициската партија.Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Трошановски смета дека злоупотребата на европското знаменце во парламентот и креирање на закони по мерка на бизнис и партиски интереси, како и недоследностите во назначувањето на квалитетни кадри, се исто така важни фактори кои влијаат на рејтинзите. „Унапредувањата во јавната администрација се водат не според учинок, туку според партиски интереси и преговори, што се само дел од аспектите коишто влијаат на промена на расположението на гласачкото тело“, анализира Трошановски за ДВ.   

-повеќе на темата: Лажни анкети и рејтинзи за лов на (не)партиски опортунисти

Борбата против корупција назадува, не се постапува по укажувањата на Антикорупциската комисија, сведочиме и за голема злоупотреба на јавните набавки. Ако кон тоа се додаде падот на економијата, неизвесноста, кризата продлабочена за време на пандемијата, тогаш очигледно многу работи им се насобраа на граѓаните, коишто влијаат на нивниот однос кон политичарите, додава аналитичарот.  

Опаѓа популарноста кон ЕУ, расте за НАТО

Истражувањето покажува дека популарноста на ЕУ опаѓа, но останува висока поддршката за НАТО, покажува истражувањето на Националниот демократски институт (НДИ). Поддршката за Европската Унија во земјата е намалена и иако 67% од испитаниците би гласале за членство во ЕУ, перцепциите за ЕУ се влошени, а 19% се против членството во ЕУ, процент кој во 2018 изнесувал 10%. Поддршката за НАТО останува висока со 63% (64% во 2018), додека противењето на воениот сојуз се зголемило за 9% во однос на 2018, и сега изнесува 24%. Позитивното мислење за Турција, Русија, САД и Кина е зголемено во однос на 2018. Граѓаните имаат најдобро мислење за Турција (52%, зголемено од 42% во 2018)) и Русија (48%, кое се зголемило од 32% во 2018). Позитивното мислење за САД (43%) и Кина (38%) е намалено. 

Нa прашањето „Дали нивото на демократија во земјата се влошува, исто е или се подобрува?“ 52 отсто одговориле дека се влошува, а 16 дека се подобрува. Дури 81 процент од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ велат дека се влошува, а само 4 отсто дека се подобрува. Кај СДСМ, пак, 40 отсто сметаат дека се подобрува, а 31 отсто дека се влошува.