Многу очекувања од заедничката прослава во Рим | Северна Македонија | DW | 26.05.2021

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Многу очекувања од заедничката прослава во Рим

Македонскиот и бугарскиот претседател заминуваат на заедничко чествување на Св. Кирил и Методиј. Дали овој гест ќе биде исчекор кон решавање на историските спорови?

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска заминува во посета на Италијанската Република и Светата Столица по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.Пендаровски за Рим ќе отпатува со државниот авион на Република Бугарија, заедно со бугарскиот претседател Румен Радев. Со него претходно ќе остварат средба на Меѓународниот аеродром Скопје, по што ќе заминат на заедничкото чествување на Светите браќа Кирил и Методиј. Утре Пендаровски и Радев ќе положат цвеќе во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што во IX век папата Адријан Втори ги благослови азбуката и книгите напишани од светите браќа Кирил и Методиј. Двете делегации е планирано да имаат и одвоени средби со поглаварот на Римокатоличката црква, Франциско.

-повеќе на темата: Во пресрет на заедничкото чествување на Св .Кирил и Методиј во Рим: Можен ли е исчекор во спорот меѓу Скопје и Софија?

Иако поводот за посетата на Рим е заедничката прослава на делото на сесловенските просветители, сепак се очекува средбата да биде во насока на затоплување на односите меѓу двете земји, кои беа заладени поради спорот околу историските прашања и бугарското вето за македонските евроинтеграции. Претседателот Стево Пендаровски деновиве изјави дека заедничкото патување со Радев е еден добар симболичен гест од двете страни кој може да ја олабави атмосферата во пресрет на преговорите меѓу двете земји во врска со блокадата за членство во ЕУ. Бугарскиот претседател, пак, најави дека заедно со Пендаровски ќе објават јасна и заемна политичка волја дека ќе ги развиваат односите меѓу двете земји, во духот на довербатa, пријателство и добрососедство.

Големи очекувања од средбата има и македонскиот премиер Зоран Заев. Тој деновиве изјави дека се надева оти на претстојното заедничко чествување во Рим  ќе се изнајде исчекор за надминување на проблемо со Бугарија, кој дефинитивно ја кочи европската интеграција на целиот Западен Балкан, но и европските перспективи на земјата.

Пораките од Брисел

Радев во Скопје доаѓа по посетата на Брисел, од каде изминативе два дена доаѓаат оптимистички најави за можно одмрзнување на односите и решение коешто би довело до побрза интеграција на С. Македонија во ЕУ. Бугарскиот претседател по средбите со високи претставници во Брисел ги сподели очекувањата Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ во втората половина од јуни. „Очекувањата се насочени кон Бугарија, нема да кажам притисок. Се очекува на Европскиот совет, во втората половина на јуни, С Македонија да се придвижи по европскиот пат. Јас многу јасно го изразив бугарскиот став. Бугарија е најсилниот поддржувач на европската перспектива на Република Северна Македонија и на Албанија. Патот до достигнување на таа цел, во најголем дел, поминува низ Софија“, изјави Радев за бугарските новинари.

-повеќе на темата: Нов оптимизам во македонско-бугарскиот спор

Тој додава дека се чека од С. Македонија да предложи патоказ за спроведување на Договорот за добрососедство што би бил прикачен кон Преговарачката рамка за С Македонија. „Треба да го споредиме тој патоказ со барањата усвоени од бугарскиот парламент. Исклучително важно е час поскоро да воспоставиме политички дијалог со Северна Македонија на највисоко ниво за да може сите тие теми да бидат придвижени“, изјави Радев во Брисел по состанокот на Европскиот совет.

Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја која претседава со Советот на ЕУ и еврoкомесарот за проширување Оливер Вархеји, минатата недела во Софија и во Скопје го презентираат португалскиот предлог за деблокада на евроинтеграциите. Според бугарските медиуми, новиот документ практично ги „пренесува“ бугарските предлози во рамките на Процесот за стабилизација и асоцијација (ПСА), што е процес каде не се носат оперативни одлуки. „За разлика од пристапните преговори, во рамките на ПСА, Бугарија е лишена од можноста за реагирање ако РСМ повторно не ги исполни своите обврски. Од документот станува јасно дека властите во Скопје мора да подготват патоказ, чие исполнување треба да се следи во рамките на ПСА, но тој има апсолутно козметички и неоперативен карактер“, објави минатата недела БГНЕС.