1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски официјално претседателски кандидат на СДСМ

АТ/миа5 март 2014

Стево Пендаровски и официјално е избран за кандидат на СДСМ за претседател на Република Македонија. Пендаровски доби поддршка од сите 588 присутни делегати на 16. Конгрес што се одржа во Скопје.

https://p.dw.com/p/1BKRW
Фотографија: Petr Stojanovski

Доколку ја добие довербата од граѓаните, Пендаровски рече дека ќе биде човек што ќе се грижи и ќе ги почитува интересите на сите граѓани. Тој пред присутните делегати и гости на Конгресот, што се одржа во Скопје под мотото „Македонија заслужува претседтел“, истакна дека како еден од најблиските соработници на поранешните претседатели Борис Трајковски и Бранко Црвенковски е подготвен за одговорноста што ја носи функцијата шеф на државата.

„Со Ваша, но и со поддршка на голем број граѓани на Македонија ќе треба најпрво да ја кренеме државата на нозе, а во некои делови да ја градиме и од почеток“, рече Пендаровски.

Претставувајќи го сопствениот концепт посочи дека неговата цел е да биде претседател, кој ќе биде чувар на Уставот, заштитник на граѓаните и обединувач на нацијата.

„Нема да имам дилеми кога ќе треба да се спротивставам на која било злоупотреба на власта, да ги заштитам граѓаните од притисокот. Во ниту еден момент нема да се колебам да ги употребам сите овластувања, кои ми ги дава Уставот за да се спротивставам на кршењето на човековите права, уривањето на демократијата, ограбувањето на татковината и продлабочувањето на поделбите во земјава“, рече Пендаровски.

Mazedonien Wahlveranstaltung Opposition SDSM
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Според него, нормално е Македонија да биде демократска, а не автократска држава, рамноправна членка на ЕУ, правна држава со независно судство. Претседателските избори заедно со парламентарните, додаде Пендаровски, се тест за зрелоста на Македонија, но и голема шанса, како што подвлече, да се спротивстават на политиките кои преку поделби и задолжување ја уништуваат државата.

Заев побара поддршка од граѓаните

Лидерот на партијата Зоран Заев во своето обраќање ги повика партиските членови, но и граѓаните да го поддржат Пендаровски да биде избран за претседател на државата.

Говорејќи за политиките на актуелната власт, тој обвини дека на граѓаните им е загрозена егзистенцијата, а мнозинството се потонати во сиромаштија. Според него, Македонија е изолирана држава, и, како што наведе, како во пајакова мрежа е заплеткана иднината на државата и перспективата на младите.

„Се сеќавате дека само неколку години по немилиот конфликт тогашната Влада на СДСМ ја донесе Македонија до кандидатски статус во ЕУ. Тогаш земјата беше дури и чекор пред Хрватска, а сега е далеку и зад Србија, БиХ и Косово“, рече Заев.

Целта на СДСМ, како што нагласи, е да продлжи да ја гради, европската и просперитетна иднина на Македонија. СДСМ најави дека кандидатурата на Стево Пендаровски за претседател на Република Македонија ќе биде формално доставена со поддршка од најмалку 30 пратеници од опозицијата.