Пендаровски и Јавното обвинителство во клинч за „Рекет“ | Северна Македонија | DW | 13.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Пендаровски и Јавното обвинителство во клинч за „Рекет“

Откако Јавното обвинителство денеска ја искритикува вчерашната изјава на шефот на државата, Пендаровски преку соопштение ги отфрла наводите за „дискредитација“. Од ЈО ги сметаат ветувањата на претседателот за нереални

Шефот на државата и Јавното обвинителство денеска преку соопштенија си разменија критики и забелешки, откако Стево Пендаровски вчера на прес-конференција побара брзо и темелно расчистување на случајот „Рекет“.
Од Обвинителството остро реагираа на ставот на Пендаровски, оценувајќи дека „не е време за напади на институциите“, и дополнително дека „нема да дозволи дискредитирање на обвинители и мешање во кривични постапки од страна на политичарите“.
Нејасно е дали ЈО се става во заштита на специјалната обвинителка Катица Јанева во која Пендаровски вчера рече дека „е разочаран“. Од ЈО го отфрлаат како нереално и ветувањето на Пендаровски дека „дава целосна поддршка на обвинителството и дека ќе ги употреби сите уставни и законски овластувања за да го заштити од притисоци“.

„Изјавата... ќе беше реална, доколку (Пендаровски, н.з.) повикаше пратениците да го изгласаат Законот за јавното обвинителство и доколку дадеше поддршка за зајакнување на капацитетите на обвинителството за поефикасна борба против криминалот и владеење на правото,“ се вели во изјавата од ЈО.

Оттаму уште ја уверуваат јавноста дека во случајот „Рекет“ постапуваат „неселективно и навремено“, но предупредуваат дека „подлегнувањето на политички притисоци и мешање во работата на обвинителството, штетно влијае врз текот и успешноста на истражната постапка и врз обезбедување на доказите.“
Од Кабинетот на Пендаровски попладнево ги отфрлија критиките, објаснувајќи дека тој „по ниту една основа нема направено дискредитација на Јавното обвинителство“, ниту пак се мешал во тековните кривични постапки.

Пендаровски вчера ги критикуваше правосудните органи дека заминале на одмор во екот на големата афера која ја потресува земјата.

„Јас јавно кажав дека сум разочаран од тоа што го слушнав и повикав на брза и темелна истрага. Наместо тоа, надлежните отидоа на годишен одмор како да се работи за рутински предмет“, рече Пендаровски.
Тој им даде јавна поддршка на Обвинителството и на судовите и најави дека „ќе ги употреби сите овластувања за да ги заштити од притисоци“.

 

DW.COM

Реклама