Пендаровски добива шанса да го врати дигнитетот на функцијата | Северна Македонија | DW | 06.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Пендаровски добива шанса да го врати дигнитетот на функцијата

Стево Пендаровски ќе биде петтиот претседател од независноста на Македонија и прв со новото име на државата. Новиот шеф на државата треба да ги врати дигнитетот и кредибилитетот на функцијата, смета Борис Георгиевски

Северна Македонија избегна нови политички превирања и го потврди својот проевропски  курс со неделните избори. Изборот на Стево Пендаровски за петти претседател ќе и даде ветер во грб на владата кој и отвора можност за постабилен влез во наредниот период во кој се очекува датум за почеток на преговори со ЕУ и формален влез во НАТО.
Изборниот резултат, но и кампањата во последните месеци, јасно ја покажаа длабоката поделеност на македонското општество, но и апатијата која владее кај дел од граѓаните. Додека поделеноста во најголем дел може да се лоцира во Договорот од Преспа, разочараноста и апатијата се јасен сигнал дека извршната власт ќе мора радикално да ги  менува своите политики. И Пендаровски и премиерот Зоран Заев во изборната ноќ ветија дека ќе се зафатат со решавање на наталожените проблеми: економијата е во лер, невработеноста останува висока, системската корупција и непотизмот сѐ сеприсутни, а јавната администрација остана дупка без дно за вдомување на партиски кадри.

Новиот претседател, по природата на функцијата, нема многу ингеренции во критичните сектори, но не е ни „безгласна буква". Впрочем и самиот Пендаровски во победничкиот говор вети дека ќе биде поддржувач, но и критичар на владините политики. Ветување кое, за волја на вистината, сме го слушале и во изминатите децении, но не секогаш наоѓало поткрепа во делата на претходниците на Пендаровски.
Тоа особено беше случај со Ѓорге Иванов. Во изминатите десет години Иванов се однесуваше како приврзок на ВМРО-ДПМНЕ и неговиот ментор Никола Груевски, стана главен емитер на националистички и анти-западни чувства и ја малтретираше државата со својата неспособност и кукавичлук.
Со амнестијата во 2016, Иванов атакуваше на правната држава, или она што остана од неа, а со одбивањето да го даде мандатот за формирање влада во 2017 директно им кумуваше на настаните од 27 април. Во меѓувреме, целосно изолиран од ЕУ и од водечките западни држави, последните месеци од мандатот ги потроши во јалови обиди да блокира се што ќе му дојде под рака. 

Повеќе на темата: 

Напорниот марш на Ѓорге Иванов

Претседател што не успеа да стане тоа

Пендаровски сега добива шанса да врати барем дел од дигнитетот и кредибилитетот на претседателската функција. Тоа не треба да биде тешка задача со оглед на искуството со претходникот, но ни очекувањата не се преголеми. Никој не очекува ништо спектакуларно од новоизбраниот претседател. На Северна Македонија и е потребен пристоен, ако сакате и „нормален“, претседател на линија на неколкудецениските заложби за интеграција на земјата во евро-атлантските структури и негување на мултиетничкото општество.

DW.COM

Реклама