Пациентите треба да се на прво место | Македонија | DW | 30.08.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Пациентите треба да се на прво место

Недостигот на лекови и медицински материјал ја попречува работата на болниците во РМ. Сега ќе се засилува капацитетот на болниците во Битола, Штип и Тетово. Експертите велат-прв приоритет треба да е грижата за пациентите

Во средината на октомври ќе почне изградбата на нов објект за клиничката болница во Штип, која се грижи за здравјето на околу 250 илјади жители од источниот и југоисточниот регион на Македонија. За тоа ќе се вложат околу 30 милиони евра. Објектот треба да биде завршен до крајот на октомври 2017 година. „Изградбата на оваа нова болница ќе постави стандард, кој ќе треба да се достигне не само во Македонија, туку и пошироко во регионот“, истакнува Министерството за здравство. Во изминатите неколку години штипската болница е опремена со опрема вредна повеќе од 4 милиони евра. Веќе е почната постапка за набавка и на апарат за напредна ехокардиографија. Стремежот е оваа здравствена услуга да се дисперзира и во повеќе места во источниот регион.

Во ноември ќе почне комплетна реконструкција на битолската болница со вредност од 2 милиона и 117 илјади евра. Во изминатите неколку години оваа болница е доопремена со нова медицинска опрема вредна околу 6 милиони евра, од која дел моментно се инсталира. За потребите на клиничката болница во Тетово, кон која гравитираат жителите на поширокиот северозападен регион на Македонија, изграден е комплетно нов Дијагностичко-ургентен центар со вкупна вредност поголема од 4 милиони и 900 илјади евра. Во оваа клиничка болница е набавена нова опрема вредна над 5 милиони и 400 илјади евра. „Досега се упатени вкупно 228 лекари и други здравствени работници од трите клинички болници на дополнителни едукации во реномирани болници во светот. Тоа, заедно со подобрувањето на инфраструктурата и болничките капацитети, набавката на нова медицинска опрема и зајакнувањето на специјалностите во трите клинички болници треба да придонесе кон намалување на упатувањето на пациентите во универзитетските клиники и градската општа болница во Скопје“, соопштува Министерството за здравство за ДВ.

„Врвните медицински услуги да бидат достапни и во другите градови, а не само во Скопје“

Дали по овие милионски инвестиции во трите регионални клинички болници и по таквата трансформација во македонското здравство, конечно, граѓаните нема толку често да бараат упатувања на лекување во Скопје? Министерството за здравство не даде одговор на ова прашање на ДВ. Во овој контекст, Елена Ќосевска, експерт за социјална медицина од Институтот за јавно здравје на Македонија, токму затоа ја нагласува потребата да има достапност на висококвалитетни, или и врвни здравствени услуги не само на клиниките во Скопје: „Развојот на политиката во врска со планирањето човечки и материјални ресурси во здравствениот систем, заради обезбедување висококвалитетни и достапни здравствени услуги секако треба да биде во тек и во согласност со финансиските можности, со развојот и достигнувањата на технологијата и на медицината заснована врз докази. Од клучна важност е квалитетот и квантитетот на ресурсите соодветно да одговара на побарувачката на услуги на различни рамништа на здравствена заштита и на правична (рамномерна) распределба низ целата земја. Во оваа смисла и регионализацијата преку зајакнување на капацитетите на трите здравствени центри во Штип, Тетово и Битола треба да придонесе за остварување на овие цели.“

Mazedonien Krankenhaus in Gostivar

Се набавува нова опрема и се подобруваат болничките капацитети, се вели од Министерството за здравство

М.Т., пациент од Тетово, кој во август годинава доживеал силен напад поради проблеми со панкреасот и кој морал да биде упатен на лекување на клиника во Скопје, вели: „Поради посложените дијагностички прегледи, мораше да ме упатуваат од тетовската болница во Скопје. Откако ќе се набави новата медицинска апаратура, се надевам дека нема да мора ги транспортираат баш сите граѓани кои имаат потешки здравствени проблеми, во 3 часот по полноќ, како мене, на клиниките во Скопје, а со тоа да се малтретираат и членовите на нашите семејства, доаѓајќи по нас.“

Паралелно со обемните инвестициони планирања и активности на Министерството за здравство, во оваа година во не мал број македонски болници се случува да нема доволно, а напати во одделни моменти и воопшто да нема, одделни лекови, реагенси, рентген-филмови, средства за дезинфекција и друг основен медицински потрошен материјал.

Symbolbild Ärztemangel

Досега се упатени вкупно 228 лекари и други здравствени работници од трите клинички болници на дополнителни едукации

Владимир Лазаревиќ, експерт по јавно здравје и здравствени политики од Институтот за социјална медицина од Скопје, е категоричен: „Снабденоста на секоја болница со потрошни медицински материјали е во рамките на буџетите, кои тие ги имаат од Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Ако се зголемува потребата за таквите материјали како резултат на повеќе услуги кои ги нудат болниците, тоа треба да се анализира во рамките на можностите за зголемување на нивните буџети. Ако не постои таква можност, тоа може да се одрази врз услугите кои болниците ги нудат.“

Иван Б., граѓанин од Штип, кој пред неколку месеци се снимал во одделот за рентген во неговата локална болница, изнесува свое искуство: „За потребите на снимањето прво ме премачкаа по градите со некаква емулзија. Потоа кога заврши снимањето побарав нешто најосновно за да се избришам. Ми рекоа дека немаат и оти требало сам да си понесам од дома!“

Професорката Ќосевска заклучува: „Здравствениот систем ќе биде успешен само кога пациентите се на првото место во поставувањето на приоритетите.“

Реклама