1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Патување

Егзотични одмори испреплетени со ризик

ДТЗ
19 март 2021

Пандемијата го отежна секојдневниот живот, но ги комплицираше и патувањата. Патот до Занзибар, Мексико, Сејшели и Малдиви е ризичен, скап и неизвесен.

https://p.dw.com/p/3qq8H
BG Luxusreisen | Malediven
Фотографија: Sergi Reboredo/picture alliance

Дубаи за само 559 евра; Индивидуални патувања на Сејшели за 879 евра; Малезија на дланка за 1200 евра; Посетете ја незаборавната Куба; Одмор на Бали за помалку од 900 евра...

Сакате ли можеби да го посетите Занзибар? Тоа задоволство нема да ве чини помалку од 1400 евра. Вакви „егзотични понуди“ на страниците на туристичките агенции во Северна Македонија им ги мамат погледите на граѓаните, кои потиштени од долготрајната ковид-криза бараат краткотраен излез од секојдневието со патувања на некоја од егзотичните дестинации кои се нудат. Иако ризикот од патувања во екот на Ковид-19 е огромен, дел од граѓаните не се откажуваат од своите планови за одмор. Но, плановите се едно, а реалноста е друго. Дел од туристичките работници од Северна Македонија за Дојче веле ги споделуваат своите искуства од секојдневното работење и препреките со кои се соочуваат секојдневно при организирањето на патувањата на подалечните дестинации.

Повеќе интерес од реализација

„Повеќе има интерес отколку што има реализација“, велат туристичките работници од агенцијата „Сама холидеј“ од Велес, кои тврдат дека секојдневно се соочуваат со голем број проблеми при реализацијата на патувањата поради ковид-кризата и неизвесноста која ја носи таа со себе. Групи за патување сѐ потешко се формираат, но интерес за индивидуални патувања има. А, тие не се ниту евтини, ниту пак едноставни да се реализираат. Патот до Занзибар, Мексико, Сејшели и Малдиви не е нималку едноставен. Пандемијата го отежна секојдневниот живот, но ги комплицираше и патувањата.

Пандемијата никако да попушти, па повеќето земји место да се отвораат, повторно ги заоструваат мерките за патување, но и за влез и излез на странците.

-повеќе на темата: Шпанска верзија на: „Немаме за леб, а трошиме за колачи“

Од туристичката агенција со долга традиција „Орфеј“, коишто ги контактиравме телефонски, велат дека со оглед на ситуацијата има послаб интерес за подалечни патувања, кои најчесто се по десетина или 14 дена. Групи е тешко да се формираат, поради неизвесната ситуација предизвикана од пандемијата. „Имавме скоро формирано група за во Дубаи, но во последен момент се откажа сѐ, бидејќи во Дубаи почнаа да бараат тест и за излез од земјата, што пак создаде дополнителни проблеми за патниците“, велат туристички работници од агенцијата.

Global Ideas Malediven im Bauwahn
И покрај ситуацијата со пандемијата, интерес има и за патување во Куба, за Малдивите, за Кападокија... Фотографија: DW/R. Richter

За да се направат тестови некогаш е потребно повеќе време, особено кога станува збор за група, што доведува до дополнителни трошоци и чекање кое може да трае со денови, за да им биде дозволено на туристите да ја напуштат земјата и да се вратат дома.

Патувањата се одложуваат

Но, и покрај ситуацијата со пандемијата, интерес има и за патување во Куба, за Малдивите, за Кападокија, но прашање е колку од тие патувања можат да се реализираат. Во некои земји патувањата се одложуваат поради воведен полициски час, некаде поради затворање на земјите поради Ковид-19, некогаш се бараат дополнителни тестови за влез и за излез.

Агенциите велат дека поради пандемијата е ограничен и бројот на патници, поради што организирањето на патувањата ги чини многу поскапо од вообичаено. Така „прошетката“ до Куба не може да чини помалку од 1.200 евра, освен ако не станува збор за некоја „промотивна цена“. Но, тие понуди траат кратко време. Главна улога за висината на аранжманот играат авионските карти, кои за Куба се особено високи. Но, и тука има варирање на цените од ден на ден, па се чекаат најповолните понуди за да се купат билети за патувањата.

Дубаи на врв на листата

Најголем број граѓани коишто изминатиов период се обратиле до туристичката агенција „Савана“ биле заинтересирани за понудите за патување во Дубаи. И Малдиви и Сејшели се на листата на најпосакувани егзотични дестинации, но проблем е што е редуциран бројот на летови кон нив, поради пандемијата. Дополнителен проблем е и 14-дневниот карантин кој е воведен за патниците коишто ќе пристигнат на Малдивите. Главоболки можат да предизвикаат и дополнителните трошоци што ги наплаќаат авиокомпаниите што летаат на овие дестинации, кои  бараат тестови за Ковид-19 не постари од 72 часа.

Иднината на патувањето со авион

„За Занзибар исто така се искомплицираа патувањата, поради воведувањето на задолжителен ПЦР-тест за коронавирус и карантин за патниците коишто ќе се вратат од африканските земји, поради опасноста од ширењето на јужноафриканскиот сој“, велат од агенцијата во телефонски разговор за ДВ.

-повеќе на темата: Пановски: Британскиот сој нема да му дозволи на јужноафриканскиот брзо да се шири во Европа

Поради тоа, се случува граѓаните да се јават и да бараат понуди за една дестинација, но кога ќе им биде укажано на можните препреки и проблеми кои можат да се појават при патувањето, да се предомислат и да се одлучат за некоја поприфатлива опција. Засега изборот најчесто се сведува на Дубаи. Најчесто се користат летови од Скопје преку Истанбул до Дубаи, но дел од граѓаните се одлучуваат со автомобил да патуваат до Белград, Србија, па оттаму со директен лет да заминат во Дубаи.

Скапи задоволства

За да им се долови на граѓаните колку чини егзотичен одмор, туристичките работници за ДВ направија една пресметка колку отприлика би чинело едно вакво задоволство, доколку отсега се букира патување во текот на мај годинава.

Luxusreisen | Seychellen
И Малдиви и Сејшели се на листата на најпосакувани егзотични дестинации, но проблем е што е редуциран бројот на летови кон нив, поради пандемијатаФотографија: Bildagentur-online/McPhoto-Webeler/picture alliance

Пресметките се дека од 580 до 700 евра се потребни за петдневен престој во дестинациите од соништата – како на пример Дубаи. Потребно е да се плати и 100 евра за влезна виза, а туристите мора да поседуваат и документ за негативен ПЦР тест издаден најмногу 96 часа пред поаѓање заедно со сертификат на англиски јазик. За Малдиви цената би била од 1.200 евра па нагоре, во зависност од времетраењето на одморот и хотелското сместување.

„За Мексико нема интерес, бидејќи повратниот авионски билет е 1.800 евра за едно лице, па штом ќе им го укажеме тоа на граѓаните, од старт се предомислуваат и бараат некоја друга поприфатлива солуција“, вели туристичкиот работник Т.Р. од Скопје.