„Патриотскиот“ настап на Иванов на Мечкин Камен зачинет со опасен говор на омраза! | Северна Македонија | DW | 03.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Патриотскиот“ настап на Иванов на Мечкин Камен зачинет со опасен говор на омраза!

Со последниот Илинденски говор Иванов ги злоупотреби и извалка имињата на големите револуционери и се стави на чело на кампањата против Македонија во НАТО и ЕУ, реагираат експертите. Поделбите создаваат опасен гнев.

Kosovo Nationalfeiertag Gorge Ivanow (MIA)

Иванов во Крушево (архива)

Претседателот жали, ама не чувствува одговорност за инцидентите и говорот на омраза на Мечкин Камен. Скандалозното одбележување на 115-годишнината на Крушевската Република доби уште поскандалозно самоамнестирање. И тоа од оној што некои во јавноста го обвинуваат дека индиректно кумувал на немилите настани кои фрлија сенка на прославата на најголемиот македонски празник: 

„Жалиме што владината делегација беше исвиркана на одбележувањето на празникот Илинден на Мечкин Камен во Крушево, но сметаме дека тоа на ниту еден начин не беше предизвикано од пораките упатени од претседателот Иванов, бидејќи тој никогаш не поддржувал инциденти и говор на омраза. Владата на Република Македонија треба самата да се запраша зошто македонскиот народ на тој начин реагира кон владините претставници и да преземе одговорност зошто народот е поделен и шири говор на омраза кон државните институции и неистомислениците“, стои во писменото соопштение од кабинетот на претседателот. 

Извиците на омраза, навреди, закани, вулгарни песни и пцовки зачинети со патриотски скандирања и по некое фрлено пластично шише врз владината делегација беа празничниот декор од кој Иванов експресно се дистанцираше. А, тој следуваше по неговиот говор, кого наместо за почит и сеќавање на Илинденците и славното македонско револуционерно минато, го искористи за патриотизам и жестоки критики на Владата и Договорот со Грција. Неговите ставови дека документот е штетен и го менува не само името, туку и македонскиот идентитет, измамија аплаузи и овации од присутните патриотски здруженија и навивачките групи. Но и жестоки пароли со говор на омраза и вулгарности за владината делегација и претставниците на дипломатскиот кор.   

Повеќе: Напорниот марш на Ѓорге Иванов

„Иванов лаже без срам и образ“

Скандалозната прослава и уште поскандалозното дистанцирање од страна на претседателот од протестниот декор на неколкуте навивачки групи и патриотски здруженија предизвика остри реакции во јавноста. Владејачката партија предупреди дека Иванов не само што ги погазил илинденските вредности, туку и докажал дека не бил достоен на функцијата што ја извршува. Експерти предупредуваат дека говорот на Иванов на Мечкин Камен бил голема збирка на лаги, манипулации и измислици спакувани со цитати на познати личности од историјата на Македонија со кои сакал да им обезбеди на своите лаги авторитет и да ја затскрие својата намера за спречување на Македонија конечно да го отвори патот за членство во НАТО и во ЕУ:

„Во духот и стилот на најпознатите балкански националисти, без срам и образ Иванов лаже дека зад негов грб, Владата потпишувала договор со кој тој не се согласувал, односно дека не бил информиран. Дека со Договорот се укинува македонскиот јазик, се поништува македонскиот идентитет, се продава името Македонија, се укинува континуитетот на македонската држава, и се распродаваат најсветите македонски национални идеали за слобода, независност и сопствена држава. Иванов го искористи својот говор и уште еднаш пред крајот на својот мандат ја злоупотреби својата функција за да ја обвини Владата и сите што не мислат како него за национално предавство. Со полна уста 'народ', како најпримитивните популисти, тој си дозволи да рече дека 'како Претседател на Република Македонија јас сум само гласот на народот'- и само тој глас, значи неговиот мора да се слуша“, предупредува универзитетскиот професор Ѓорѓи Спасов.

Повеќе: Иванов од Мечкин Камен повика на „жртвување“

Спасов предупредува дека Иванов со своите обвинувања за национално предавство и повикувањето на потребата од жртви во одбрана на загрозената слобода и независност на Македонија шири не само лажни вести, туку и практикува класичен говор на омраза кој би можел, како и за време на настаните од 27 април во Собранието на Македонија, да ја придвижи раката на разни екстремисти за одново да извршат терористички акти:

„На Иванов, кој 10 години поддржуваше криминален и националистички режим кој го донесе на позицијата претседател, сега му текнало дека за најважните национални прашања било добро да постигнуваме национален консензус, иако тоа не му беше важно сите години додека Македонија систематски се оддалечуваше од членството во НАТО и во ЕУ и кога тој прогласуваше аболиција за да ги спаси криминалците од затвор и да ја дерогира целосно правната држава. Со овој говор, во кој ги злоупотребува и валка имињата на големите револуционери и писатели, тој се става на чело на кампањата против влегувањето на Македонија во НАТО и ЕУ.“ 

Mazedonian Präsident Gjorge Ivanov PK (picture-alliance/abaca/A. Fazlagikj )

Иванов практикува класичен говор на омраза, смета Спасов

Дополнително, што десет години не направил ништо за да се постигне подобар договор од овој со Грција, но ниту се обидувал да каже која ќе биде цената ако Македонија не го направи овој клучен и, како што вели, достоинствен исчекор кон членството во НАТО и во ЕУ:

„Тој говори за храброст, жртвувања, републиканизмот, ризиците што биле преземани и што го чувале огнот на слободата и правдата, дури и кога некои умни глави предупредувале дека 'народот уште не е подготвен'.  Иванов всушност е полн со омраза кон сегашното парламентарно мнозинство и сегашната Влада кои влегуваат храбро во пресудната битка за меѓународно признавање на Македонија, на македонскиот јазик и на македонската нација. Иванов со своите ставови во овој момент не се разликува од оние сили кои во многу окупирани држави за време на Втората светска војна ја чекале Црвената Армија да им ја донесе слободата. Ако има малку совест, храброст или морал, по сето ова што го кажа и прави, како племенски лидер на Македонците, нека застане на чело на кампањата против Договорот со Грција кој го поддржа цел свет и нека објави дека ако мнозинството на референдумот биде за Договорот, тој ќе ја почитува волјата на народот, ќе го потпише указот, ќе се извини јавно за штетата што ја има направено, ќе се повлече од функцијата Претседател на државата и ќе се откаже од привилегиите по завршувањето на мандатот. Тој во овој момент ја игра опасната  улога на прорускиот Јанукович од Украина, кој кога виде дека народот не мисли како него, побегна во Русија и доби заштита од прогон за криминалните дела“, предупредува Спасов.

„Сѐ се сведува на тензии“

Срамниот празничен декор од Мечкин Камен наидува на широка осуда и критика. Сепак, дел од аналитичарите сметаат дека вината за актуелните случувања не треба исклучиво да се лоцираат кај шефот на државата, туку воопшто кај државно политичкиот врв:

„Не сум изненаден од она што се случува, бидејќи празнувањето и одбележувањето на Илинден воопшто помина во светло на кампањата за референдумот. Па видете што зборуваше и премиерот Зоран Заев од Пелинце. Ако зборуваш 'про' за Договорот, нормално е некој да зборува и 'контра' него. Ако ти го користиш Илинден како дел од некоја предкампања за референдум и за да пласираш афирмативни пораки, мораш да очекуваш тој што не се согласува со тоа да пласира контрапораки. Тоа и се случи, не беше ниту изненадувачки, туку беше јасно и очекувано. Но она што не ми се допадна е што целата работа се сведува на тензии и тоа не е добро“, предупредува политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.

Клучниот проблем, според него, е што во целиот процес отсуствува аргументирана дебата:

„Многу малку се објаснува, сведоци сме на дијалог на глуви со глуви. Нема аргументирана дебата и се создава омраза кај луѓето што провоцира работи како денеска што се случија на Мечкин Камен. Многу гнев има собрано, народот е поделен. Имаме две страни кои се полни со гнев и стравувам дека само ќе се продлабочува јазот, а референдумот требаше да биде точка на спојување. Затоа апелирав тој да се направи како што треба, прифатлив за сите, за да може преку референдумот да се потврди легитимитетот на одлуката каква и да е. Можеше да се оди на задолжителен референдум и со добро познато прашање, а не како сега - консултативен. Во случајов само се зголемува гневот на оние кои што се против и тој само ќе расте. Во вакви услови подобро е да се поништи, да нема референдум, тој вака нема да помогне на кого било“, смета Божиновски.

Скандалозните случувања на Мечкин Камен ги истражува и МВР. Полицијата соопшти дека презема мерки и активности за расчистување на инцидентот, идентификација на сторителите против кои ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Во содејство со Јавното обвинителство се преземале мерки и за расчистување на случаите со ширење на говор на омраза.

DW.COM

Реклама