Патот кон ЕУ не е затрупан, но ќе биде потрнлив од претходно | Северна Македонија | DW | 08.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Патот кон ЕУ не е затрупан, но ќе биде потрнлив од претходно

По изборите следи долг процес на општествена консолидација и враќање на патеката која Македонија ја зацрта по осамостојувањето.

Гледајќи го поширокиот контекст, по референдумот во Британија, сѐ потешките односи на Унијата со Турција и евентуалното повторување на бегалскиот бран низ земјите од Западниот Балкан, се создава одреден момент во Брисел за затворање на прашањето за проширување со земјите од Западниот Балкан. Уште една шанса за Македонија и земјите од регионот за напредок во европскиот пат. Додека Црна Гора и Србија веќе преговараат, Албанија сериозно им се приближува и веќе на тој пат се изедначи со Македонија која бележи уназадување.

Согласно последните измени во термините за известување од страна на Унијата за земјите во процесот на проширување и префрлување од есенскиот период во пролетниот период, се отвора еден прозорец на можности во кој Македонија може сериозно да се зафати со спроведување на внатрешни реформи. Пролет 2018 година е времето до кое Македонија треба да покаже дека може да спроведува сериозни реформи и со чисто портфолио да бара од Унијата да започне преговори. Ова е возможно и спроведливо земајќи го предвид фактот дека мерките и активностите кои треба да бидат преземени од страна на Владата на Република Македонија за исполнување на Итните реформски приоритети се од среден или долг рок.

Резултати од последната анкета направена од Бертелсман фондацијата во ноември 2016 година покажуваат раст во желбата на државјаните на 6-те најголеми ЕУ-членки да бидат дел од Унијата. Па така, ќе напомнам само некои: 8 процентно зголемување во Германија, (од 61% на 69%), 9 процентно зголемување во Полска (од 68% на 77%), 3 процентно во Франција (од 50% на 53%). Досегашното искуство покажува дека зајакнатиот процес на внатрешна интеграција на Унијата секогаш предизвикува позитивни моменти и за натамошно проширување.

Mazedonien Zoran Necev - Mitglied des IDSCS (IDSCS)

Зоран Нечев

Само беспрекорно чисти избори и спроведување на итните реформи ќе нѐ вратат во колосекот за ЕУ

Пред десетина дена, во организација на Институтот за Демократија „Социетас Цивилис“, Balkans in Europe Policy Advisory Group и Центарот за Јужноевропски Студии на Универзитетот во Грац, а со поддршка на Европскиот фонд за Балканот се одржа конференција насловена „Европска Унија, Македонија, и што можеме да очекуваме по изборите?”.

Целта на конференцијата беше да се овозможи дебата и размена на идеи и мислења за европската иднина на Македонија по изборите на 11 декември меѓу претставниците на академската јавност, граѓанските организации и Министерот за надворешни работи во име на Владата. И покрај плодната дебата меѓу учесниците, изостана присуството и коментарите на претставникот на Владата, г-дин Никола Попоски.

Дебатата отвори неколку клучни прашања околу она што ѝ престои на Македонија за да ги започне преговорите и која е домашната задача која треба да се заврши на европскиот пат. Во последниот извештај за Македонија, Европската комисија ја повтори минатогодишната условена препорака за почеток на преговори за членство во Унијата.

Двата услова се: 1) подготовка и спроведување на кредибилни избори, и 2) сериозни, сеопфатни, широко консултирани и прифатени од сите засегнати страни реформи кои произлегуваат од „Итните реформски приоритети" и „Препораките на група високи експерти за системските прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите" објавени пролетта 2015 година, како и преостанатите реформи кои потекнуваат од Пристапниот дијалог на високо ниво, нереализираните наоди и препораки од Извештајот на Комисијата за Македонија и актуелните обврски во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien (Petr Stojanovski)

По изборите следува долг процес на општествена консолидација и враќање на патеката која Македонија ја зацрта по осамостојувањето

Суштински реформи, особено оние поврзани со борбата против корупцијата и правосудството

Што се однесува до втората точка, нужно потребно е да се донесе нов акциски план врз база на постоечкиот План за aктивности на Владата на Република Македонија од 2016 година. Истиот е сѐ уште во нацрт верзија на интернет страницата на Секретаријатот за европски прашања. Без да навлегувам во детали околу досегашната пракса на редок или непостоечки структурен дијалог со засегнатите страни, тука пред сѐ мислам на граѓанските организации, потребно е да се премине кон пристап во кој ќе има редовни консултативни средби на кои ќе се разгледуваат поединечно, сите точки од акцискиот план. Истите тие треба бидат подложни на измени доколку се презентираат издржани аргументи од другите засегнати страни, и да се овозможи непречено следење на исполнувањето на обврските од страна на Владата, без разлика која партија ја води. Ова е нешто на што и самите институции многупати веќе се обврзале.

По изборите ни следи долг процес на општествена консолидација и враќање на патеката која Македонија ја зацрта по осамостојувањето. Ова е од есенцијално значење знаејќи дека реформите кои се бараат од Македонија се суштински и бараат општ консензус за да можат соодветно да се спроведат. Пред сѐ мислам на оние поврзани со борбата против корупцијата, посебно онаа на високо ниво. Евентуалниот недостаток на политичка волја за спроведување на истите, ќе доведе до уште поголема криза и комплетно запирање на процесот на интеграција на Македонија. Колку долго ќе трае овој процес на општествена консолидација зависи многу што од исходот на изборите и поставеноста на силите на политичката сцена. Да не заборавиме дека во последниот извештај на Европската Комисија, Македонија е именувана како заробена држава.

Зоран Нечев е член на Институт за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.

 

DW.COM

Реклама