„Патоказот“ на Груевски води во изолација и ќорсокак | Македонија | DW | 29.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Патоказот“ на Груевски води во изолација и ќорсокак

Негативни реакции предизвика документот на ВМРО-ДПМНЕ за излез од кризата. Понудениот „Патоказ“ други партии го оценија единствено како пат за брзо оддалечување од ЕУ, изолација и доказ за стравот од губење на власта

Никаков партиски „Патоказ“, туку само мирен и демократски трансфер на власта е гаранција за стабилизација на државата и создавање на основни предуслови за владење на правото и продолжување на евроатлантските процеси. Генерално, ова е одговорот од други партии за „политичкиот документ за излез од кризата“ што минатата недела го најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а вчера го презентираше Антонио Милошоски.

„Ова е пат кон изолација, федерализација и најава за напуштање на европскиот пат“, се дел од реакциите за документот наречен „Патоказ“, кој ВМРО-ДПМНЕ го темели на неколку принципи: Создавање натпартиски договор за решавање на внатрешни разлики во институциите без странски претставници, само од страна на легитимно избрани претставници на македонските граѓани; Внатрешно обединување против вмешување во внатрешните работи на РМ од странски политичари или држави; Заедничко отфрлање платформи кои се надвор од уставното уредување или се спротивни на македонските интереси; Осуда на секој директен или индиректен ревизионизам на Охридскиот Рамковен договор.

Од СДСМ одговорија дека веќе постои граѓански договор за промени, за единствена, унитарна Република Македонија, за квалитетен живот за сите граѓани и за Македонија со евро-атлантска иднина.

„Има граѓански договор против криминалци како досегашната власт предводена од Никола Груевски. Милошоски безуспешно се обидува да го наметне Груевски како фактор. Граѓаните одлучија. Политичарите како Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ кои ги создадоа проблемите, не можат да бидат дел од решението. ВМРО-ДПМНЕ да се помири дека е опозиција, да престане да ги кочи демократските процеси и да го почитува граѓанскиот договор“, рече портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов. 

Пет прашања

Принципите врз кои се темели „Патоказот“, се идентични со тезите/прашањата, околу кои ВМРО-ДПМНЕ ги повика партиите да постигнат договор: „Дали практиката за коалицирање на 'победник со победник' треба да опстои или се отфрла? Дали се прифатливи странски агенди во внатрешно-политички цели, или само тие што се верификувани од граѓаните на РМ на избори? Дали сега и во секој иден состав, позицијата претседател на Собранието логично би ѝ следела на коалиција или партија што победила на избори, или ќе биде предмет на надгласување? Кои се гаранциите дека таа позиција нема да биде злоупотребена за одложување на закажани избори и за игнорирање на волјата на мнозинството граѓани кои имаат најголем број пратеници? Дали се согласни со подеднаква промоција на сите етнички заедници или се поддржува промена на тој модел - во двонационален? Дали врвен приоритет останува стабилизирањето на земјата, институциите, економијата и реформи за евроинтеграции, или тие треба да се заменат со редефинирање на односите помеѓу заедниците?“

Според Милошоски, низ дијалог во Собранието треба да се најдат заеднички именители за овие прашања, и врз основа на постигнати решенија тие да се насочат кон помирување околу она што ги обединува сите во Македонија.

Mazedonien - Das Parlament (MAKFAX)

Повик за дијалог во Собранието, а истовремено вршење негова блокада

Пат кон изолација

Од Алијанса за Албанците оценуваат дека Груевски се однесува параноично, бидејќи не постојат ни странски агенди, ни платформи на странски држави. Од ДУИ најавуваат дека ќе го коментираат документот откако ќе го разгледаат. Оние кои го разгледале, не се согласуваат со тезите во него.

Ова води единствено кон ќорсокак“, вели лидерот на НСДП, Тито Петковски.

„Токму инсистирањето на принципот 'победник со победник' е етноцентричен пристап во уредувањето на државата и формално-правно води кон федерализација.  Второ, што значи немешање на странски претставници? Сите што се аспиранти или влегуваат во ЕУ, се откажуваат од дел од суверенитетот и го отстапуваат на органите на ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ посредно се залага Македонија да се откаже од ЕУ, бидејќи стравува од идното отворање на некои од најважните поглавја во преговорите, кои се однесуваат на владеење на правото. Таму лежи стравот“, вели Петковски.

Според лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, парадоксално е излез од кризата да нуди партија која спречува да се избере претседател на парламентот, и која има определба до септември да го блокира трансферот на власта, очекувајќи дотогаш геостратегиските процеси да се сменат во нејзина корист.

„'Патоказите' на ВМРО-ДПМНЕ се нивна јасна и јавна определба дека не сакaат демократски промени во државата, а уште помалку да размислат за суштински реформи во партијата, како битни предуслови за да се отворат прашањата за одговорноста сврзани со злоупотреба на системите за прислушување, кршење на изборните правила и сомнежите за тешки форми на криминал. Имплементацијата на овие нивни предлози, значи изолација на Македонија, меѓуетнички судири, федерализација, распад на државата, а со тоа амнестија на криминалната политичка елита која е генератор на кризата во Македонија“, оценува лидерот на ДС.

Според него, во овие моменти кога промените се клучни за иднината на Македонија, компромиси се можни само ако има партнер кој води сметка за интересите на граѓаните и државата.

„Излезот од агонијата е доследно почитување на Уставот и кривична одговорност за тие што го кршат, изгласување недоверба на техничката влада, одржување итна парламентарна седница за избор на претседател на Собранието и на нова реформска Влада со подршка од 67 пратеници“, порачува Трајанов.

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама