Патиштата до џихад - и назад | Свет | DW | 14.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Патиштата до џихад - и назад

Што ги турка младите луѓе во рацете на исламистичките терористи? И на кој начин е можно тие повторно да се интегрираат во општеството? Ова се горчливи прашања на кои се бара одговор во Европа и Германија.

Дрезден, Париз, Ница, Виена. Четирите терористички напади за само еден месец доста јасно покажуваат дека и по пет години по крвавата ноќ во Париз со 130 мртви, борбата против тероризмот во име на исламот не е завршена. Политичарите повторно размислуваат за построги гранични контроли, ветуваат зголемена соработка на безбедносните служби и бараат порешителна акција против потенцијалните исламистички терористи.

Нападите ја покажуваат посебно високата опасност од терористи-поединци, но вмрежени со истомисленици. Какви луѓе се тие и што ги мотивира? Актуелниот извештај за салафизам во најголемата германска сојузна покраина Северна Рајна Вестфалија претставува предупредување: „Посебно мора да се обрне внимание на големиот потенцијал на млади салафисти склони кон насилство. Во изминатите години џихадистичката пропаганда беше силна и повеќе од претходно допираше до младите луѓе, кои позитивно реагираа на неа."

И францускиот експерт за исламизам Оливер Рој, зборува за претежно млади мажи „фасцинирани од насилство и џихад". Без повеќегодишно проучување на Коранот, тие би сакале да се подобри муслимани од своите родители. Рој во тоа гледа протест на младите заснован врз исламистички наратив. А тој наратив доаѓа од организации како Ал Каида и Исламска држава.

Култ на смртта"

Во разговор со Дојче веле, Рој зборува за „култ на смртта". Кога овие млади луѓе убивале, „очекувале и сами да бидат убиени. Тука има помалку идеологија, а повеќе станува збор за личен животен пат. Тие имаат една цел: да умрат како маченици и да отидат во рајот."

Повеќе на темата:

Батаклан: сеќавање на кошмарот

Тероризам во Европа: Макрон бара цврста рака

Виена како поука: македонска стратегија за реинтеграција

Како терористот од Виена Кујтим Ф. стана радикален исламист

Франкфуртскиот социолог Феликс Росмајсл потсетува на поимот„динамика на докажување": младите мажи и жени сакаат да се докажат и да исполнат одредени очекувања, па така се принудени и да вршат насилство. „Тоа е алтернатива на вообичаената динамика на докажување, која во нашето општество е главно поврзана со професионална работа и успешно образование", анализира Росмајсл, кој е вклучен во еден истражувачки проект за џихад и за тоа зошто младите луѓе кои имаат проблеми со преод во светот на возрасните се посебно подложни на џихадистичка пропаганда.

Границите на дерадикализацијата

Томас Мике познава такви луѓе, тој работи со нив. Мике е шеф на „Мрежата за превенција од насилство", ВПН, која работи на дерадикализација на екстремистички насилници. „Знаеме секако дека луѓе кои се лабилни или едноставно во криза, можат многу брзо да бидат регрутирани од страна на екстремистичкото милје", вели тој за ДВ. Кога вработените во ВПН работат со потенцијални терористи, бивши борци на ИД и исламистички насилници, првенствено настојуваат да ги „оспособат луѓето за повторно да смеат да поставуваат прашања и да развијат свој начин на размислување", вели дипломираниот политиколог и педагог. „Во таа сцена луѓето мора да бидат послушни и да се потчинат. Тие губат способност да поставуваат прашања и да размислуваат со своја глава."

Мике меѓутоа ги знае и границите на работа на дерадикализација. „Иако се вложуваат големи напори во областа на безбедноста и социјално-педагошката работа, не смее да се создаде илузија дека никогаш нема да се случат терористички напади. Нив секогаш ќе ги има." Шефот на ВПН зборува врз база на трагично искуство: неговите соработници работеле и со 20-годишниот Сириец кој на почетокот на октомври во Дрезден со нож нападна двајца хомосексуалци и уби еден од нив. Со него се сретнале два дена пред и по нападот, не знаејќи дека тој е поврзан со убиството.

Österreich Wien nach dem Terroranschlag

Атентаторот од Виена ги залажувал властите дека е дерадикализиран

Залажување на неверниците

Во тие случаи, Мимон Берисон зборува за „такија", верско залажување на неверниците. Младиот човек со марокански корени во Келн го покрена проектот „Свртување за 180 степени". Неговите соработници настојуваат да спречат заминување на млади луѓе во екстремизам и криминал. „Ако едно лице со судска одлука се принуди на одредени мерки, а длабоко во себе не расчистило со таа идеологија, тогаш е тешко извлекување од таа сцена, од таа идеологија", вели Берисон.  

Сепак, со оглед на стотиците луѓе со кои работела ВПН, Томас Мике е уверен дека потенцијалот на оние способни да извршат напади би бил сигурно поголем да останеле препуштени сами на себе.

„Експлозивна ситуација" во затворите

Потенцијалот веќе сега е висок. Т.н. потенцијални исламистички терористи моментно во Германија има околу 620. Според истражувањата на весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг", во германските затвори има преку 130 исламисти, од кои многумина наскоро, по отслужената казна, ќе бидат пуштени на слобода. Вистина е дека во затворите се работи на дерадикализација и превенција на насилство, тоа главно го прават организации како ВПН, но пандемијата многу ја отежнува работата, вели Јенс Борхерт.

„Многу програми за дерадикализација во затворите не можат да почнат или да бидат реализирани поради намалениот број луѓе на располагање поради короната, а на сите страни кружат и теории на заговор."

Тоа за ДВ го потврдуваат и луѓе од правосудството. Тие нагласуваат дека и покрај сите мерки, опасноста од радикализација зад решетки и натаму е присутна. Терористичките напади се тема меѓу затворениците и има такви кои сметаат дека францускиот наставник кому еден исламист му ја отсече главата, сам е виновен за својата судбина.

„Нема командни синџири"

Ситуацијата ја прави посебно опасна и на безбедносите служби им ја отежнува работата и тоа што на исламистичкиот тероризам не му се потребни никакви организации во класичен смисол, тајни келии, скриени седишта...Доволни се само мрежи, потенцијал на радикализирани луѓе кој се шири со пропаганда или со други терористички напади. Шефот на ВПН Мике како пример го наведува нападот во Виена. Одговорноста за него ја презеде Исламска држава. „Но, воопшто не постојат јасни командни синџири", вели Мике, „туку наративот се шири преку интернет". Има луѓе кои стануваат активни без некој да им издаде наредба.

Берисон се залага за силен одговор од муслиманските заедници. Тие би требало да се погрижат да не им се даде простор на радикалните исламисти. И да не дозволат младите тајно да се радикализираат преку Воцеп или Телеграм. „Претходно би требало да се допре до тие млади луѓе", вели тој.