Партиите се расправаат, болниците се полнат | Северна Македонија | DW | 26.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Партиите се расправаат, болниците се полнат

Билансите со Ковид-19 се влошуваат. Министерот за здравство Венко Филипче повикува на одговорност и донесување на неопходни законски измени. Опозицијата вината ја посочува во него и во Комисијата.

Се води битка за болнички легла, за реадаптација на болнички одделенија, се бара начин да се надополни медицинскиот кадар кој недостига, се зголемуваат и термините, и бројот на тестови за Ковид-19. Дали тоа ќе биде доволно? Дека билансите со Ковид-19 се влошуваат, вчера предупреди и министерот за здравство, Венко Филипче.

„Состојбата со вирусот е исклучително сериозна и критична, а притисокот врз болниците и медицинскиот кадар е огромен. Есенскиот бран на вирусот ‘коси’ низ цела Европа и светот, никој не е поштеден. Молам да се сфати многу сериозно дека од секој еден од нас зависи како ќе го надминеме овој бран. Очекувам итно и по скратена постапка да се донесат сите мерки и законски измени. Повикувам на максимална одговорност на секој поединец и почитување на сите мерки за заштита“, порача министерот.

Пораката уследи по вчерашниот најголем број на починати, кога 22 пациенти ја изгубија битката со Ковид-19. Регистрирани беа рекордни 30% позитивни од тестираните лица, во време кога 596 пациенти се хоспитализирани на инфективните одделенија во земјата, од кои еден е на респиратор, а 97 на кислородна поддршка.

Nord-Mazedonien Gesundheitsminister Venko Filipce

Мниистерот Филипче повикува на одговорност и носење на неопходните законски измени

И резервите се полнат

Првиот сигнал дека болничките капацитети се движат кон горна граница на исполнетост, дојде пред пет дена кога почнаа да се сместуваат пациенти и во резервната, модуларната болница, сместена веднаш до Клиниката за инфективни болести во Скопје.

„Се преполнија некои болници. Нема слободни болнички кревети во повеќе инфективни одделенија во државата (...) Болничките капацитети се еден од главните параметри. Ако оцениме дека се исполнуваат овие капацитети кои се димензионирани да бидат резерва, тогаш дефинитивно ќе препорачаме целосна рестрикција во движењето, односно полициски час“, потенцираше Филипче.

Повеќе:

Филипче најави мобилизација на здравствениот кадар

Законот за заштита од заразни болести пред пратениците на 27 октомври

Алармот од Светска банка - сериозен сигнал дека нов „локдаун“ не смее да има

Модуларната болница има капацитет од 70 кревети и е целосно опремена за третман на пациенти со Ковид-19, со централен довод на кислород до секое легло. Во моментов функционира систем на мобилизирање на медицински персонал - среден, лекарски и специјалистички. За помош во Клиниката за инфективни болести се дојдени лекари од интернистичките гранки - тим кој работи и во клиничката зграда и во модуларната болница, бидејќи двете функционираат како една институција. Засега никој од лекарите не може да предвиди со каква брзина целосно ќе се исполнат болничките капацитети, и затоа апелираат до граѓаните да се придржуваат кон мерките како единствен начин за лична заштита и превенција од ширење на вирусот.

Со цел да се обезбедат што повеќе легла, во моментов се работи на обезбедување дополнителни капацитети во болницата во Козле и во ГОБ „Осми Септември, за префрлање на пациенти од штипската болница во Кочани, за надополнување на кадарот и подготвка за ставање во функција на новото крило во струмичката болница, кое е опремено со кревети и со централен довод на кислород. За да не се оптоварат болничките капцитети, лекарите апелираат сите кои имаат лесни симптоми да останат изолирани и да примаат симптоматска и витаминска терапија.

Затворена врата

Состојбата се менува од ден во ден, за што сведочат билансите во регионот и Европа. Македонските здравствени власти се надеваат дека граѓаните најмногу може да помогнат со почитување на мерките, а придонес да дадат и контролите, бидејќи со предложените измени на законот Законот за заштита на населението од заразни болести, сите инспекциски служби добиваат нови поголеми овластувања за справување со прекршителите на протоколите - изрекување забрана за работа и прекршочен платен налог. Со повикот што поскоро да се донесат овие законски измени, се чини дека Филипче сѐ уште чука на затворена врата, ако се има предвид ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Запрашан дали има приближување на ставовите околу измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, одговори дека во тој закон воопшто не се споменуваат какви било мерки.

„Во овој закон којшто е доставен до Собранието, да не речам преку 95 проценти во законот е која инспекција да казнува. Значи во законот моментално само се дава надлежност на инспекциите да казнуваат. Ние предложивме решение - нова здравствена комисија која ќе биде навистина професионална. Не бараме ние од ВМРО-ДПМНЕ да ги предлагаме, бараме најдобрите луѓе во оваа држава да бидат во таа комисија“, рече Мисајловски.

Гледај видео 01:15

Ковид-19: Помош од најверниот човеков пријател

Од партијата речиси секојдневно прашуваат зошто доцни најавената изградба на 16 модуларни болници во исто толку општини, а Филипче одговара дека тоа е затоа што Гордана Димитриеска Кочоска, дополнителната заменик -министерка во техничката влада, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, не ставила потис на барањето за заем од Светска банка, од кои дел од средствата требало да бидат наменети токму за 16-те болници. Димитриеска Кочоска преку соопштение му одговори на министерот.

„Ти пишав и пред некој ден дека мојот потпис не беше задолжителен. Исто така те прашав зошто Нина (Ангеловска, тогашната министерка за финансии- н.з.) не го потпиша кредитот пред избори? А сега те прашувам што им направивте на 1,1 милјарда евра кои ги потпишав токму за корона-кризата. Каде исчезна 1/3 од македонскиот буџет (...) Еврообврзницата ја побаравте на 800 милиони евра, а на крајот зедовте 700 милиони евра. Ти добро знаеш дека каматата на еврообврзницата, иако повисока во однос на каматите во тој период, сепак беше пониска отколку каматата на кредитот од Светска банка. Зошто се одлучивте да земете 100 милиони помалку, а поевтини од овие 90 милиони?", одговори Димитриеска Кочоска.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека „реакциите и активностите на Комисијата за заштита од заразни болести и Венко Филипче се задоцнети и непромислени“, и го повторуваат истото барање: министерот за здравство да си поднесе оставка.

Додека партиите се расправаат, а болниците се полнат, од Светската здравствена организација доаѓаат загрижувачки оценки. Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, во петокот изјави дека северната хемисфера се наоѓа во „критичен момент“ на пандемијата, оценувајќи дека преголем број земји имаат експоненцијален раст, а допрва е октомври. Смета дека следните месеци ќе бидат уште потешки.

Поврзана содржина

Реклама