Германците кои се бореа на страната на Тито и партизаните | Информации и анализи за Балкан | DW | 28.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Германците кои се бореа на страната на Тито и партизаните

Единицата „Ернст Телман“ во југословенската партизанска армија била единствената сојузничка едница во Втората светска војна чии членови биле само Германци.

Хрватска | Партизани | Споменик

Споменик на загинати партизани во Слатински Дреновац

Владо Јуриќ од подот собира мали парчиња мермер. Тие се од партизанскиот споменик во селото Слатински Дреновац, кој, како и многу други антифашистички споменици во Славонија и во други делови на Хрватска, е оштетен. Претседателот на Здружението на антифашисти и антифашистички борци од малото гратче Слатина внимателно со крпа ја брише спомен-плочата. „Овде почиваат 42 борци од 18. ударна бригада“, стои на неа. 

Сцената се повторува секоја година во предвечерјето на 15 август. На тој ден во 1943 година е основана единицата „Ернст Телман“ на југословенската партизанска армија - единствената воена единица во Втората светска војна која се борела на страната на сојузничките сили против Хитлерова Германија и која била составена исклучиво од Германци. 

„'Телмановци' потекнувале пред сѐ од селата со Германци околу Пакрац, Осијек, Слатина и Ораховица, како и од хрватско-германските и српско-германските села, како Левиновац, Трнава и Гашинац“, објаснува Јуриќ. Во единицата имало и некои членови кои преминале од Вермахтот (германската армија, н.з.). Во партизанските единици на Јосип Броз Тито се бореле вкупно 2000 Германци. 

„При германското влегување во 1941 година, во Југославија живееле околу половина милион Германци, од кои околу 100.000 во Хрватска“, вели за ДВ Карл Бетке, историчар за Југоисточна Европа на Универзитетот Лајпциг. „Од една страна, кај Германците во Југославија имал успех Културниот сојуз кој добивал поддршка од нацистичка Германија, а од друга страна, Германците имале голем удел токму при формирањето на работничкото движење во Хрватска. Во Славонија имало цели места кои важеле за традиционално црвени“, ги објаснува Бетке политичките ставови на малцинството. 

Повеќе: Четириесет години по Тито

„Фолксдојче“ и дезертери

Телмановци биле основани со цел да мотивираат за борба против окупаторите што поголем број припадници на германското малцинство во Југославија, или како што нацистите ги нарекувале „Фолксдојче“. Единицата била наречена „Ернст Телман“ по генералниот секретар на Комунистичката партија на Германија (КПД) во Вајмарската Република, кој од 1933 година бил во затвор и бил убиен во 1944 година. 

Ernst Thälmann

Ернст Телман бил убиен во 1944 година

Амблем на новата партизанска единица станало црно-црвено-златното знаме на Вајмарската Република со црвена ѕвезда во средината. Јазикот на командување бил германски. Од Главната команда на партизаните Телмановци добиле машина за пишување и апарат за копирање. Со неа правеле летоци со кои од војниците на Вермахтот барале да преминат во редовите на партизаните. 

Најголемиот дел од припадниците на единицата претходно се бореле во други партизански единици. Првата акција на единицата била на 18 август 1943 година. Притоа дошло до инцидент: германските партизани биле нападнати од други партизани кои слушнале како Телмановци зборуваат германски. Тоа што никој не бил повреден, била чиста среќа. 

„Покрај борците, дел од единицата Телман биле и медицинските сестри Емилија и Ирма Мајер и 15-годишно момче од Елзас кое се викало Карло и кое било поставено за курир“, вели Петар Кавгиќ. „Постепено кон единицата се приклучувале и други борци - Германец од Холандија, борец кој преминал од Вермахтот, а кој поради својот изглед бил нарекуван 'малиот Карл', како и Вилхелм Јунг од Вуковар, кој на тој начин избегнал регрутирање во Ес-Ес единиците', раскажува овој историчар, кој со години се занимава со проучување на историјата на Славонија. 

Flagge der deutschen Minderheit im sozialistischen Jugoslawien

Амблем на Телмановци станало црно-црвено-златното знаме на Вајмарската Република со црвена ѕвезда во средината

Над сто загинати

Единицата Телман оперирала успешно до 27 ноември 1943 година, кога славонските партизани се судриле со тенковски единици на германскиот Вермахт. Во тешките борби загинале мнозинството Телмановци, меѓу нив и двата сина на политичкиот комесар на единицата Јохан „Иван“ Мукер од Дарувар. 

Отприлика половина од загинатите се закопани во две гробници - една на католичките, една на православните гробишта во селото Миклеуш, оддалечено 15 километри од Слатина. Местата каде што се закопани останатите Телмановци не се познати. Малкуте германски партизани кои преживеале се интегрирани во други единици на југословенската ослободителна армија. 

Повеќе: Наследството на партизаните и уништувањето на антифашистичките споменици

Наследството на Телмановци

По победата над Хитлерова Германија во 1945 година, Германците кои останале во Југославија се интернирани во логори. „Кога логорите постепено биле растурани, во периодот од 1946 до 1948 година, најголемиот дел од нив се преселиле во Западна Германија“, објаснува историчарот Карл Бетке. Фактот дека меѓу партизаните имало и Германци, паднал во заборав. 

Screenshot Film Volio bih da sam golub

Во летото 1990 година филмот „Би сакал да сум гулаб“ е премиерно прикажан на филмскиот фестивал во Пула

Дури во 1984 година се појавува трудот на Наил Реџиќ „Телмановци“. Военоисториската книга е издадена од страна на тогашната Југословенска Народна Армија. Во 1997 година, историчарот Хајнс Кинерт, кој потекнува од ГДР, и поранешниот ГДР-дипломат Франц-Карл Хице, ја издаваат книгата „Германци кај Титовите партизани“. 

Во 1986 година во ГДР од печат излегува романот на Волфганг Хелд „Пушти ме да бидам гулаб“. Приказната за германски трговец од Славонија, чиј син е во Ес-Ес единиците, а ќерката во редовите на Телмановци, е пренесена и на филмското платно, заедно од ГДР и Југославија. Во летото 1990 година филмот „Би сакал да сум гулаб“ е премиерно прикажан на филмскиот фестивал во Пула, без да предизвика големо внимание. Во октомври 1990-тата ГДР престана да постои, а нешто подоцна се распадна и Југославија. 

Антифашистите од Слатина сакаат да запознаат поголем број луѓе со приказната за Телмановци. Тие испратиле писмо до канцеларката Ангела Меркел. „Сметаме дека треба да бидете информирани за овие впечатливи настани од Втората светска војна, затоа што тие заслужуваат да бидат познати и да бидат детално историски истражувани“, се вели во писмото. „Сакаме да бидат откриени имињата на сите партизани од единицата Телман и да се најдат сите гробишта на кои тие се закопани.“ 

DW.COM