Парламентот не смее да падне | Северна Македонија | DW | 10.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Парламентот не смее да падне

Полека, полека, можеби и ќе не’ биде. Доколку не завршиме мртви во ендекот, што би рекол Борис Џонсон. Пишува Гордан Георгиев.

Во веќе епската битка помеѓу премиерот Борис Џонсон и британскиот парламент, јас резолутно ја заземам втората страна. Се разбира, никој не ме прашува мене, како што малкумина ги прашуваат дури и британските парламентарци, но за сите нас е важно да се одржи пламенот на британскиот парламент кој гори веќе петстотини години. Не само затоа што упорно верувам во мудроста на (избраниот) колективитет наспроти можните егзебиционизми на поединецот, туку и заради многу други принципиелни причини кои досегаат дури и до нашето, македонско тло. Британскиот парламент, изграден за да биде таму, ќе ја преживее и оваа тешка криза и убеден сум дека неговиот повратен удар кон извршната власт ќе биде жесток и отрезнувачки. На крајот на краиштата, парламентот е институцијата во британското општество која отсекогаш уживала голема поддршка помеѓу граѓаните. Винстон Черчил, обраќајќи се на пратениците откако нацистичките авиони го бомбардирале британскиот парламент, изјавил: Ние ги обликуваме нашите згради за потоа тие да не’ обликуваат нас. Токму така, парламентот треба да биде најдобриот екстракт на втемелена традиција, сплет на комплицирани, но важни процедури, елаборирана кочница и надзор над извршната власт и место на кое ќе се среќава волјата на народот. И таа волја, низ еден постојан разговор наречен парламентарна дебата, на крајот ќе треба да биде преточена во законодавството. Парламентот е бавен, често тромав, би рекол потребно тромав, во него неретко седат потпросечни парламентарци и тој често носи лоши закони. И така треба да биде. Неговата бавност, дури и во ова брзо време, е некаква гаранција дека одлуките сепак поминуваат повеќеслојни филтри, од кои последниот филтер е оној на гласачите и посматрачите. 

Доколку ја следите фантазмагоричната дебата за, во и околу британскиот парламент деновиве, ќе го гледате во живо миленимускиот судир помеѓу традицијата и новото, овојпат преслечени во рувото на еден конзервативизам против друг конзервативизам. Првиот конзервативен принцип е дека парламентот е создаден за да биде брана на евентуалното самоволие на извршната власт. Да ги конзервира старите добро втемелени практики. Британскиот парламент навистина претставува светилник и патоказ за тоа како претставничката власт ја зауздува извршната власт, онаа на кралот или на премиерот. Вториот конзервативен принцип е дека Велика Британија е остров, остров на извонредност, различност, дистинктивност. Остров кој отсекогаш пловел сам, градел свој внатрешен поредок и полека, ама само полека, ги менувал правилата на игра, соочен со новите времиња и новите сменети околности. Презервирање на парламентот наспроти изолација на Британија се двата принципа со столетна традиција на Островот. Од тоа кој ќе победи ќе зависат многу работи кои ја засегаат и парламентарната демократија низ светот. А можно е и двата принципа да победат или и двата да изгубат.

Муштерија на силувачите на демократијата

Парламентаризмот не може туку така да се насади на авторитарно тло. Во таквото криво сраснување обично парламентот е жртва и легитиматор на разузданата извршна власт.

Триесет години се обидуваме да градиме парламентаризам, некогаш наврапито, некогаш со асистенција од страна, понекогаш обидувајќи се да создадеме свои, автентични практики. Не ни оди добро таа работа. Парламентот повторно, на сите анкети, ги доживува рекордните низини на поддршка од страна на граѓаните. Можеби почетоците на македонскиот парламент во деведесеттите навистина беа добри, велат преживеаните, но тие почетоци не ја навестија парламентарната пролет на македонската демократија. Откако ги научија правилата на игра и особено легалните, но не и легитимни виткања на процедурите, македонскиот парламент беше редовен муштерија на внатрешните и надворешните силувачи на парламентарната демократија.

Други колумни од авторот:
Опозициски тактики без стратегии

Задоцнета памет

Има ли аларм во Владата​​​​​​​

Денес, кога Велика Британија полека излегува од ЕУ и веројатно си го зазема местото кое отсекогаш и’ припаѓало (да биде сама и изолирана, а тогаш е веројатно и најдобра), Македонија треба да ја искористи добрата волја на нејзиното присуство во нашата држава и да ја прегрне помошта во развивањето на парламентаризмот и парламентарните практики. Одење во Лондон, редовно и обилно, на посета на Вестминстер, на новите и поискусните пратеници, е првиот чекор. Со стриктна забрана за шопинг! Самиот мирис на Вестминстер, изветвените одаи и старото дрво, негувањето на столетните практики (колку и понекогаш да изгледаат смешно), следење на дебата на Долниот дом или на некоја од парламентарните комисии, почитта што ја имаат претставниците на извршната власт кон двата дома, како и ритуалите кои изгледаат како да припаѓаат на некоја масонска ложа... сето тоа остава впечаток и многу влијае во понатамошното поведение на младите демократии. Потоа адаптирање на некои од нивните процедури и практики на наше, македонско парламентарно тло. Британците, со изгорени прсти низ вековите, ја разбираат потребата од ненаметнување на нивната вистина и пракса кон другите.

Внимавајте кого бирате!

Но најважната работа, домашната работа, треба да си ја завршиме сами. А таа гласи: Внимавајте кого бирате! Партиските членови и активисти знаат добро што зборувам. Главниот филтер се партиските капилари, општинските и месните одбори. Тука секогаш се прават главните пазарења, манипулации од страна на централата во соработка или без соработка со општинските раководства. Тука се испреплетуваат бизнис, клиентелистичките и партиските интереси. Најчесто жртва се граѓаните и гласачите, а неретко жртва се и самите делегати и партиски активисти кои самите ги избрале „своите“ луѓе. Во македонската партиска демократија, слепата лојалност кон партијата овозможува цутење на споил системот при избор на претставниците на народот.

Бирајте претставници кои можат да внесат и доза на хумор во парламентот, досетливост, разборитост. Притоа не мислам на амдибајрамовски хумор, иако и тој е понекогаш потребен. Интелигенција, забава, интересност, жестокост, бес, желба за компромис во име на нешто повисоко... сиве овие се потребни мирудии за еден успешен парламентарен состав. Потоа одмереност, грижливост за интересите на сите, а потоа за интересите на своите. Ова последново е тенка линија, бидејќи партискиот плурализам овозможува лојалност кон партијата, но кога таа лојалност отворено пркоси на реалните и широко препознаени интереси на граѓаните, парламентот престанува да биде претставнички дом на граѓаните. Тој се извитоперува во куќа на поделби, разделби и тесни интереси. Преседанот што го направи извршната власт на Груевски во секојдневното газење и потчинување на парламентот не’ чинеше многу. Зоран Заев се обидува да му даде соодветна тежина на Собранието, дури и кога тоа изгледа дека е само декларативно или несуштинско. Сепак, подјармувањето на парламентот за време на гласањето на уставните измени како и проблематичниот избор на Спикерот (инаку, човек кој објективно сите би требало да го посакаме за прв меѓу еднаквите), му нанесе голема, можеби непоправлива штета на парламентаризмот во државата.

Можат ли лошите да изберат добри?

Потребата од апологија на парламентаризмот, таков несмасен каков што е, има и една друга важна етичка исходишна точка. А тоа е прашањето за природата на човекот, особено кога е во посед на моќната алатка наречена власт. Добри сме. Сакаме да мислиме дека сме добри. Или дури и ако интимно знаеме дека не сме добри, барем другите нека го обелат образот. Но, не сме. Тежнееме кон лошо. Подобро пливаме во лошо. И лошотилак. Големата етичка дилема, од памтивек, го поставува прашањето - дали човекот е по природа добар или лош. И ако е добар или лош, кој влијае на него да биде таков. Семејството, општеството, пријателите, власта?!? 2500 години умни луѓе ја мислат оваа дилема и немаат конечен одговор. Можат ли лошите луѓе да изберат добри луѓе кои ќе владеат со нив? И кои ќе ги направат подобри или барем ќе им ја скротат злата природа. И ова е вечна дилема и опсесија  во политичката филозофија. Полека, полека, можеби и ќе не’ биде. Доколку не завршиме мртви во ендекот, што би рекол Борис Џонсон.

DW.COM

Реклама