Парите за референдум Владата ќе ги насочи кон Собранието | Северна Македонија | DW | 20.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Парите за референдум Владата ќе ги насочи кон Собранието

Буџетските средства за кампања ќе бидат насочени кон овластениот предлагач на референдумот, а предлозите на министерства кои ќе одвојат средства за пропаганда, Владата ќе ги разгледа на седницата во среда.

Буџетските средства за јавна пропаганда ќе ги користи овластениот предлагач на референдумот, а тоа е Собранието, најави викендов министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

„Владата не сака да биде главниот актер, бидејќи Собранието ја донесе одлуката за референдум, и со тоа ќе покажеме дека владата нема политичка или партиска агенда, туку по ова прашање навистина е сконцентрирана на клучниот интерес на Република Македонија: таа да не биде изолирана, туку држава со перспективи, да стане членка на НАТО и да ги почне преговорите со ЕУ“, изјави Шекеринска .

Таа соопшти и дека Министерството за одбрана (МО), како едно од тие што е најмногу заинтересирано за државниот стратегиски приоритет, од секторот за финансии испратило информација дека става на располагање нешто помалку од 60 милиони денари.

Mazedonien Radmila Sekerinska - Vizepräsidentin der Sozialdemokratische Partei (DW/P. Stojanovski)

Радмила Шекеринска тврди дека Владата е сконцентрирана на клучниот интерес на државата

„Тие средства беа планирани за слични активности, меѓутоа сметаме дека е подобро да ги искористи Собранието, а не ние поединечно“, објасни министерката.

Притоа потенцираше дека „во Македонија и надвор од Македонија постојат структури кои не сакаат државата да стане пристојно место за живеење, кои не сакаат таа финално да се стабилизира, и кои не сакаат Македонија да успее во своите стратегиски приоритети - членка на НАТО и ЕУ“.

Штабот за бојкот ќе бара пари од Владата

Пораката дека буџетските средства ќе се насочат на сметката на Собранието, очигледно не ја разбрале сите заинтересирани за водење јавна пропаганда, па до медиумите е испратено соопштение дека „делегација на Кризниот штаб против референдумот во состав Јанко Бачев, Солза Грчева, Љупчо Палевски и Филип Петровски денеска во Владата на Република Македонија ќе поднесе барање за одобрување на средства и за кампањата што ќе ја води Кризниот штаб“.

Повеќе: Пропагандата и парите за референдумот ќе течат во нерегулирано корито

Претходно, партијата „Единствена Македонија“ предводена од Јанко Бачев, реагираше што Владата ги задолжила сите министерства и другите органи на државната управа да одвојат средства за кампања за референдумот.

„Ги предупредуваме сите министерства и другите државни органи дека одвојувањето пари само за владината кампања за референдумот нема уставна и законска основа, бидејќи е потребно или и владата и противниците да се финансираат од буџетот, или и на двете страни да не им се дозволат буџетски средства за кампањата за референдумот (...) Сите кои ќе направат кривично дело со неуставното и незаконското трошење на буџетски пари само за еднострана владина кампања за референдумот, ќе одговараат“, се закани партијата, која од јануари годинава најави дека ќе се залага за радикален пресврт во македонската политика - за повлекување на актите за прием на Македонија во НАТО и ЕУ, за нејзино членство во Евроазиската економска унија и за стратегиско партнерство со Русија.

Symbolbild Internet & Computer (picture-alliance/dpa/S. Kahnert)

Плаќањето на кампањата за референдумот отвори полемика и во медиумите

Медиумите и принципите                                                        

Плаќањето на кампањата за референдумот во медиумите со буџетски пари отвори полемика и во медиумите. Дел од уредниците сметаат дека треба да добијат дел од рекламниот колач, бидејќи станува збор прашање од јавен интерес, наспроти ставот на раководството на ЗНМ кое смета дека државните пари ги прават медиумите зависни и подложни на политичко влијание. Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) Тамара Чаусидис, вели дека еснафските организации имаат должност да останат принципиелни: ниту продаваат рекламен простор, ниту се самите во кампања.

„Фактот дека буџетски пари ќе бидат потрошени за прашање на кое не сите (затоа е впрочем и референдум) имаат ист став, останува дамка и преседан што оваа Влада, но и ние како општество во иднина ќе ја платиме. За оние кои не ме разбираат - замислете Влада која смета дека е од врвен национален интерес забрана на абортус и плаќа кампања од буџетски пари за тоа. Владата на Груевски измисли фантомски невладини организации, барем формално да си го скрие образот. Или Влада што ќе се залага за шеријатско право во Македонија. Намерно избрав радикални примери“, посочува Чаусидис.

Повеќе: Референдумот - трка со многу пречки

Предлогот на МО, како и евентуално на другите министерства кои ќе одвојат средства за референдумска кампања на парламентот, владата ќе ги разгледа на седницата во среда. Истиот ден и Собранието ќе има координација на пратеничките групи, за да се одлучи на кој начин ќе се води јавната пропаганда, за која според законот за референдум е овластен предлагачот, во случајов Собранието. И покрај тоа, ДИК соопшти дека „кампања ќе може да водат сите“.

DW.COM

Реклама