1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата повика на мир во Сирија

ЕМФ/ард/дв25 декември 2012

Папата Бенедикт 16. денеска (25.12) на 65 јазици го даде божиќниот благослов „Урби ет Орби“. Неговата порака годинава беше главно фокусирана на Сирија.

https://p.dw.com/p/178rc
Фотографија: dapd

Мировната порака на папата Бенедикт 16. годинава е насочена пред се‘ кон Сирија и конфликтот во кој не се поштедени „ниту недолжните“.

„Уште еднаш повикувам да се стави крај на крвопролевањето, да им се пружи помош на бегалците и да се бара политичко решение за конфликтот по пат на дијалог“, рече папата.

Притоа, Бенедикт 16. одбегна, исто како и досега, да заземе страна во конфликтот. Папата остана неутрален и по прашањето на конфликтот во Светата земја: „Нека има мир во земјата во која е роден Спасителот. Тој на Израелците и Палестинците нека им даде храброст да им стават крај на борбите и поделбите и да зачекорат решително по патот на преговори“, рече поглаварот на Римокатоличката црква.

На плоштадот Свети Петар денеска беа собрани десетици илјади луѓе за да ја слушнат божиќната порака на папата и неговиот благослов „Урби ет Орби“.