Пановски: Британскиот сој нема да му дозволи на јужноафриканскиот брзо да се шири во Европа | Северна Македонија | DW | 08.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Пановски: Британскиот сој нема да му дозволи на јужноафриканскиот брзо да се шири во Европа

Ќе победат ли вакцините во мртвата трка со опасните мутации на вирусот, кои земаат се поголем замав? Ова се само дел од дилемите коишто се наметнуваат во јавноста

Дубаи, Тајланд, Малдиви, Куба, Бали, Сејшели, Малезија или Занзибар. Ваквите понуди за егзотични дестинации кои осамнаа на интернет страниците на туристичките агенции во земјава се повеќе го мамат и погледот и умот на македонските граѓани, кои пандемијата не ги пишмани да ги остварат своите патувања од соништата. За аранжманите кои се нудат по цена од 550 па се до 1.400 евра за десетдневен престој најголем интерес има за патувањa во текот на март и април годинава. Откако минатата недела кај двајца дојденци од Занзибар беше потврден британскиот сој на вирусот, здравствените работници се загрижени дека е прашање на време кога и другите позаразни соеви ќе продрат во земјата, со оглед на фактот дека туристичките патувања во езготичните земји веќе го донесоа јужноафриканскиот сој во Словенија и во Хрватска. 
Сепак, се отвара прашањето дали мерките за карантин и задолжително тестирање треба да бидат воведени само кон дојденците од Африка или и кон сите оние коишто доаѓаат од земјите кадешто е регистрирана оваа најзаразна мутација на вирусот. Иако епидемилозите укажуваат дека патувањето во странство во моментов претставува непотребен ризик за здравјето, дел од граѓаните сепак не се откажуваат од патувањата, за кои се букира место неколку месеци однапред. 

Дилеми

Зошто епидемиолозите ширум светот стравуваат од јужноафриканскиот сој? Ќе ја добијат ли битката вакцините во мртвата трка со опасните мутации на вирусот, кои земаат се поголем замав? Ова се само дел од дилемите коишто се наметнуваат во јавноста по информациите за новите соеви на коронавирус кои со голема брзина се шират во Европа, но и во регионот. 

Nordmazedonien Skopje | Test auf Coronavirus

Се отвара прашањето дали мерките за карантин и задолжително тестирање треба да бидат воведени само кон дојденците од Африка или и кон сите оние коишто доаѓаат од земјите кадешто е регистрирана оваа најзаразна мутација на вирусот

„Надежта е дека британскиот сој нема да му дозволи на јужноафриканскиот сој брзо да се шири во Европа, а се разбира и мерките за карантин воведени кон лицата коишто доаѓаат од Африка“, вели за ДВ проф. д-р Никола Пановски.

-повеќе на темата: Брзата вакцина ќе не' врати побрзо во нормала!?

 Во исчекување на почетокот на вакцинацијата на населението во С.Македонија во среда со руската вакцина „Спутник В“, Пановски вели дека допрва ќе се види ефикасноста на вакцините против новите мутации на вирусот. „За јужноафриканскиот сој, означен како 501.V2 или B 1.351 нема податоци дека предизвикува посериозни инфекции, односно според симптомите и тежината на болеста е сличен на оригиналниот сој и од него позагрозени се лицата со коморбидитети и постарите лица. Разликата е што побрзо се шири благодарение на мутацијата во N генот N501Y, односно е позаразен и особено важно, промената во E генот E484K, со која има можност да го избегне имуниот одговор на домаќинот“, објаснува Пановски. Според него, рано е да се каже во која мера оние кои прележале можат пак да се разболат, но се очекува тие да поминат со полесни симптоми.

Надеж во вакцините 

Постои загриженост и дали вакцините ќе бидат ефикасни. Пановски вели дека ЈАР ги одби вакцините од „АстраЗенека“ како послабо ефикасни кон овој сој. „Фајзер и Модерна тврдат дека нивните вакцини се ефикасни и кон овој сој, но со нешто помалку солиден имунитет. Новите вакцини Нововакс и Јансен тврдат дека заштитуваат од овој сој. Колку е се ова вистина, а колку е конкуренција на производителите за превласт ќе видиме“, вели познатиот микробиолог. Дали и колку штитат кинеските и руската вакцина, според него, вообичаено нема податоци. 

-повеќе на темата: Одморите во Занзибар донесоа стравувања од јужноафриканскиот сој

Но, Пановски се надева дека јужноафриканскиот сој, иако побрзо се шири, нема да земе поголем замав од британскиот сој, за кој е познато дека ако некој го прележал или ако се вакцинира, дека ќе биде доволно заштитен од вирусот. 

Mazedonien Coronavirus Uniklinik in Skopje

Пановски се надева дека јужноафриканскиот сој, иако побрзо се шири, дека нема да земе поголем замав од британскиот сој

И епидемиологот професор доктор Драган Даниловски за „Слободен печат“ неодамна изјави дека прерано е да се каже со сигурност во која мера делуваат вакцините против јужноафричкиот сој, додека не бидат завршени повеќе тестови, иако не е многу веројатно дека мутациите ќе ги направат вакцините сосема бескорисни. Научниците ја тестирале вакцината на Фајзер во лабораторија користејќи примероци на крв од вакцинирани лица. Се покажало дека вакцината делувала но била помалку ефикасна. Првите резултати за вакцината на Модерна сугерираат дека таа се уште е ефикасна против варијантата од Јужна Африка, иако имунолошкиот одговор не може да биде толку силен.
Прелиминарните резултати сугерираат дека вакцината АстраЗенека, нуди ,,ограничена” заштита од лесни симптоми од јужноафриканската варијанта, но експертите велат дека сепак треба да штити од тешки симптоми. Кинеската вакцина Синофарм, соопштено е дека има ефект врз јужноафриканскиот сој, иако делумно редуциран. Сепак, епидемиолозите укажуваат дека дури и при најлошо сценарио, вакцините може да бидат редизајнирани и адаптирани на јужноафриканскиот сој. 
 
 

 

DW.COM