Многу пречки за воведување на ковид-пасоши во ЕУ | Свет | DW | 05.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Многу пречки за воведување на ковид-пасоши во ЕУ

Дилеми околу идејата на Европската комисија за издавање сертификат наречен Дигитален зелен пасош. Желбите на Брисел се едно, а реалните капацитети - сосема друга работа.

Европската комисија сака да издаде сертификат, наречен Дигитален зелен пасош, што ќе им овозможи на луѓето коишто биле вакцинирани да патуваат и да се движат послободно. Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен во понеделникот објави на Твитер дека:

„Дигиталниот зелен пасош треба да им го олесни животот на Европејците. Целта е постепено да им се овозможи безбедно да се движат во Европската унија или во странство за работа или туризам“. Таа рече дека планот ќе биде објавен подоцна овој месец.

Земјите од Јужна Европа, како Грција и Кипар, чии економии се потпираат многу на туристичкиот сектор, стојат зад притисокот за ваков сертификат, бидејќи се обидуваат да ги оживеат своите замрени туристички индустрии. Се очекува дека ќе бидат потребни најмалку три месеци за да се постави одржлив систем и од технички и од логистички аспект. И тука започнуваат проблемите.

-повеќе на темата: ЕУ- самит: Вакцинирањето е најголем приоритет

„Пред да се воведат сертификати за вакцини или пасоши, голем дел од населението ќе треба да се вакцинира“, изјави Мелинда Милс, директор на Центарот за демографски науки Леверхулм на Универзитетот Оксфорд за ДВ. „За Европа, сегашните планови се чини се дека околу 70% (од населението во ЕУ) треба да бидат вакцинирани до крајот на летото“. Во моментов, вакцинирани се само 6% од населението во ЕУ.

Според Комисијата, сертификатот нема да содржи само податоци за статусот на вакцинација, туку ќе вклучува и поширока медицинска историја на една личност. „Исто така разгледуваме и други категории на информации за да се избегне дискриминација на граѓаните, како што се резултати од тестовите и докази за опоравување“, рече во понеделникот портпаролот на Комисијата, Кристијан Виганд. 

Загриженост за етиката и приватноста

Главна точка на загриженост се очекува да бидат прашањата за етичките стандарди и прашањата за приватност. „Главната етичка грижа е прво да се утврди кого би исклучиле доколку се воведат сертификати. Постојат одредени луѓе кои не можат да се вакцинираат од медицински причини, како што се оние со алергии или бремени жени. Во некои земји, одредени етнички малцинства се поколебливи за вакцинирањето, што би значело дека оваа група може ненамерно да биде исклучена“, вели Милс. 

Symbolbild Digitaler Covid-19-Impfausweis

Пред да се воведат сертификати за вакцини или пасоши, поголем дел од населението ќе треба да се вакцинира

Извештајот, чиј коавтор е Милс, а е објавен од групата СЕТ-Ц во Кралското друштво, опфаќа огромен број прашања што треба да се решат пред да се воспостави одржлив систем. Еден од другите водечки автори на извештајот, Крис Дај, професор по епидемиологија на Одделот за зоологија во Оксфорд, во извештајот посочува дека иако е направен одреден напредок во однос на етичките, приватните и техничките прашања, треба да се изоди долг пат.

-повеќе на темата: Ковид-пасошите во ЕУ доаѓаат налето?

„Постигнат е огромен напредок во многу од овие области, но сè уште не сме во најдобра позиција да користиме пасоши за вакцини. Сè уште собираме податоци за тоа колку е ефикасна секоја вакцина во спречување на инфекција и пренесување и колку ќе трае имунитетот“, напиша тој.

За да се избегнат стапиците и повторувањето на грешките од минатото, Комисијата треба да ги дефинира и разјасни правните и етичките параметри на неговата употреба, вели Милс.

„Дали е тоа само нешто за меѓународно патување, медицинска употреба или е пошироко, за добивање работа, присуство на фудбалски натпревар или јадење во ресторан, купување малку млеко?“, вели Милс.

Потоа, тука се законските последици. Пасошите за вакцини ќе содржат чувствителни лични информации, затоа мора да има јасно дефинирани параметри, како што се ограничување на целта и минимизирање на податоците.

Infografik COVID-19 Impfungen pro 100 Menschen weltweit 1.2.2021 EN

Вакцинација по глава на жител во светот досега

Заштитата на здравствените податоци е клучна компонента на мандатот на Европскиот суд за човекови права (ЕКЧП) за заштита на приватноста на поединците. Барањата за заштита на правните податоци и приватноста треба да се земат предвид во однос на почитувањето на приватниот живот, што вклучува заштита на лични здравствени информации и биометриски податоци.

Што е со дискриминацијата?

Вакцинацијата е доброволна - но што ќе значи тоа за оние кои не сакаат или не можат да се вакцинираат на медицинска основа?

ЕКЧП го признава правото на еднаквост и гарантира против секаков вид дискриминација. Постои загриженост дека пасошите за вакцини можат да влијаат на оваа заштита доколку исклучат дел од популацијата. Еден од аргументите, исто така истакнати од Германскиот совет за етика, е дека ковид-пасошот може да ги влоши структурните неповолности и да доведе до социјална стигматизација, особено во работните средини.

„Некои земји разгледуваат дали работодавците можат да преземат санкции против оние кои не се вакцинирани или дали е нивна должност да се грижат да ги заштитат своите жители, клиенти и работодавци. Исто така, има прашања во врска со тоа на која основа луѓето можат легитимно да одбијат вакцинирање од медицински причини, верски, но и политички убедувања“, вели Милс. 

DW.COM

Поврзана содржина