Пандемија во Њујорк: „Ќе имаме тела по улиците доколку вака продолжи“ | Свет | DW | 28.03.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Пандемија во Њујорк: „Ќе имаме тела по улиците доколку вака продолжи“

Драматичниот раст на бројот на заболени од Ковид-19 во Њујорк ја стави итната медицинска служба пред критична точка. Стотици службеници се веќе заболени, а секојдневно стигнуваат илјадници повици од болни граѓани.

Речиси 20 проценти од вкупно 4,500 вработени во итната медицинска служба во Њујорк се на боледување, вели за Ројтерс првиот човек на регионалната медицинска служба Луис Маршал. Најголемиот дел од нив или се веќе заразени од коронавирусот или биле во контакт со заболени. Две медицински лица од итната служба се во толку тешка состојба што морале да бидат ставени на респиратори.
Над 52 илјади жители на Њујорк се заразени од коронавирусот, а 700 досега починаа.

Во истовреме, повиците до итната служба експлодираат. 
Само во четвртокот, итната служба примила повеќе од 6,000 повици од граѓаните. Во петокот, првиот човек на пожарникарската служба ги повика граѓаните да престанат да повикуваат 911 (бројот за итни случаи) освен во навистина итни случаи.
Состојбата е толку сериозна што вработените во амбулантната служба кои се позитивни на коронавирус, но немаат симптоми, и понатаму мораат да работат. Изминативе денови, до 400 случаи во еден момент биле оставани на чекање затоа што не биле сметани за сериозни. 

- Коронавирус во САД: Кога човек не смее да се разболи

Доколку продолжи стапката на заразување, наскоро речиси 30 отсто од целиот медицински персонал во итните служби во Њујорк ќе мора да остане дома.
Луис Маршал вели дека итната служба истовремено мора да се справува и со вообичаениот број пациенти кои страдаат од срцев или мозочен удар и скршеници.
Кризата зема и голем емоционален данок врз персоналот.

USA | Coronavirus | New York (Reuters/J. Moon)

Празни улици во Њујорк во екот на пандемијата со коронавирусот


Ентони Алмохера, поручник во пожарникарската служба вели дека, иако е ветеран, она што го видел од почетокот на ударот на пандемијата во Њујорк имало длабок емотивен удар. 

„Немаме време ни за тоалет“
На пример, тој и итната помош одговориле на повик за жена која имала срцев удар. Кога пристигнале, веќе било предоцна. Сопругот на починатата стоел на прагот и плачел. Во нормални околности, вели Алмохера, би му пристапил и би му изразил сочуство. Но, поради вирусот не смеел да му се приближи поблиску од два метри. Погоден од неможноста да му даде поддршка на човекот, и Алмохера се расплакал.
Од итната служба за Ројтерс велат дека персоналот неретко работи и по 16-17 часови дневно.
„Немаме време ни да одиме до тоалет“, вели еден медицински техничар од Харлем.
Шефот на итната служба Винсент Вариале вели дека последиците ќе бидат ужасни доколку повиците за помош продолжат да растат, а персоналот се намалува поради болеста.
„Доколку ова продолжи очекуваме да имаме тела по улиците“, вели тој.

Претседателот на САД Доналд Трамп денеска најави дека размислува да ги стави во карантин епицентрите на коронавирусот Њујорк, Њу Џерси и државата Конетикет. Гувернерот на државата Њујорк, Ендрју Куомо, кој ги критикуваше сојузните власти поради начинот на кој се справуваат со епидемијата, вели дека не е информиран за таквиот план.
САД се на светскиот врв по бројот на заразени со коронавирусот кој достигна115 илјади луѓе, а 1,900 пациенти и подлегнаа на болеста.

 

DW.COM

Реклама