Пандемијата не ги попишмани свадбарите - за три месеци полицијата растури 19 веселби | Северна Македонија | DW | 19.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Пандемијата не ги попишмани свадбарите - за три месеци полицијата растури 19 веселби

Скопје, Струмица и Штип се градовите во кои најчесто не се почитувале рестриктивните мерки. Во овие градовите полицијата растурила најмногу семејни веселби.

И во екот на пандемијата, граѓаните не се откажуваат од семејни веселби и прослави. Иако е на сила забрана за групирање поради ширењето на опасниот Ковид-19, и покрај опасноста полицијата да упадне и да ја растури веселбата, многумина не се откажуваат од плановите за масовни веселби. Се закупуваат ресторани, се канат многубројни гости, се прават веселби на кои често има и над 300 гости. Онаку каде што навреме ќе се откријат, веселбите место со сечење на свадбената торта, завршуваат со кривични пријави.

„За само три месеци, полицијата има поднесено 43 кривични пријави за 74 кривични дела „непостапување според здравствените прописи за време на пандемија“, велат од Министерството за внатрешни работи за Дојче веле.

-повеќе на темата: Од крштевки на свадби, се шират кластерите на коронавирусот

Масовно непочитување на препораките, коешто резултира со се поголем број на заразени и починати од Ковид-19 има во речиси сите градови. Но, според статистиката на МВР, најголем дел од прекршувањата на рестриктивните мерки се случиле во Скопје и во Струмица, додека најмногу пријави – дури 31, се поднесени за три семејни веселби коишто биле откриени од инспекциите во Штип. 

На 3 април полицијата прекина свадба во Кочани. Прославата се одвивала напладне на улицата Шукри Шаин. По пријавата, полицијата излегла на терен и на свадбата затекнала повеќе граѓани. Приведени беа петмина, а свадбената прослава беше прекината. Полицијата најави кривични пријави по чл. 206 од Кривичниот законик за непостапување според здравствени прописи.

Зурли и тапани се слушаа и на 1 март во Банско, Струмичко, каде полицијата растури свадба со 300 гости. Веселбата на младиот пар била прекината, а против организаторите на веселбата се подготвуваа и пријави. Медиумите известуваа и за масовни свадби во гостиварското село Добридол, но и во Арачиново, како и во скопско Глумово, каде беа затекнати и по 200 гости.

Според мерките кои се на сила поради пандемијата со ковид, забранети се семејни веселби во С. Македонија. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред неколку месеци информираше дека полицијата секојдневно растура семејни веселби, а угостителите никако да сфатат дека не е време за профит.

„Секогаш има десет проценти што мислат дека најмногу тие знаат и само тие го прават тоа што треба да се прави. За тие има санкции. Секојдневно, не само што затвораме и растураме семејни веселби туку поднесуваме кривични пријави и за тие ќе има одговорност, нема да има толеранција. Секаде, дали во Тетово, Куманово, Скопје, Источна Македонија, секаде каде што има такви состојби“, рече Спасовски.

Со одлука на Владата којашто е на сила од минатата година, поради пандемијата со Ковид-19, забрането е групирање на граѓаните во домовите на семејни прослави, слави и други собири во групи. Во едно живеалиште (стан или куќа) сопствениците дозволено е да примат најмногу четири лица. Па така, на семеен настан може да бидат сите кои се со живеалиште на таа адреса плус најмногу четворица други. Ваквите мерки беа преземени како резултат на анализите кои покажаа дека голем процент на новозаразени се токму од вакви семејни прослави.