Пандев критичен кон Милевски пред дуелот со Германија | Северна Македонија | DW | 11.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Пандев критичен кон Милевски пред дуелот со Германија

Горан Пандев, рекордерот по бројот на настапи и голови во националната селекција и поранешен капитен, во интервју во германскиот печат ги критикува селекторот и фудбалската федерација.

Пред македонската фудбалска репрезентација е голема шанса за освојување на второто место во групата и пласман во баражот за Светското првенство во Катар, смета поранешниот капитен и репрезентативна легенда Горан Пандев. Но, рекордерот по бројот на настапи и голови за националниот состав, смета дека актуелниот селектор Благоја Милевски помалку верува во оваа шанса, отколку сите други. Во интервју за германскиот весник Зиддојче цајтунг пред мечот против Германија во Скопје, Пандев ги критикува резултатите на репрезентацијата во септемврискиот циклус, како и работата на Фудбалската федерација. 

Прашан каков меч и амбиент очекува на реваншот во Скопје, откако во март во Дуизбург еднаш веќе беше совладана Германија, Пандев одговара:

„Ова ќе биде поинаков меч од оној во Дуизбург. Меѓудругото и поради новиот селектор Благоја Милевски. Не го познавам многу, но тој донесе нов пристап и нови тактички варијанти. Што се однесува до амбиентот, мислам дека ќе биде ’жешко’. Луѓето веруваат дека можеме да бидеме втори во групата. Понекогаш си мислам дека луѓето повеќе веруваат во тоа од Милевски. Тој вели дека го подготвува тимот за квалификациите за следното Европско првенство.“ 

Благоја Милевски

Пандев критичен кон селекторот Благоја Милевски

На прашањето на новинарот, дали смета дека е тоа грешка, Пандев одговара:

„Да. Имаме голема шанса! Победата против Германија е вредна шест, или дури и девет поени."

Во Дуизбург Пандев го постигна голот за водство на македонската репрезентација од 1:0 и со задоволство се присетува на тој меч.

„Тоа е победа која ќе остане запишана во историјата. За нас тоа беше како да сме освоиле титула. Да се разбереме: се работеше за Германија!" 

Напаѓачот на Џенова, кој веќе има 38 години, вели дека ова ќе му биде последната сезона како професионален фудбалер. Потоа би сакал да помогне во фудбалската федерација, но вели дека не се гледа себеси како нејзин иден претседател.

„Таму има луѓе кои не разбираат ништо од фудбалот“, вели Пандев и додава:
„Таму мора да се променат многу работи. Недостасува еден одржлив проект. Не смеат да поминат уште 30 години до следниот голем турнир. Мораме да ги искористиме нашите шанси", вели Пандев во интервјуто за Зиддојче цајтунг

 

DW.COM