Пад на акцијата на Дојче Банк под десет евра | Економија | DW | 30.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Пад на акцијата на Дојче Банк под десет евра

Кризата на Дојче Банк се заострува од аспект на вложувачите. Акцијата на банката падна на рекордно ниска вредност, причина се новите гласини од САД. Шефот Крајан инсистира на спокојност кај соработниците.

Вредноста на акцијата на Дојче Банк, со оглед на тешкотиите во кои се наоѓа финансиската институција, денеска (30.09) првпат падна под границата од десет евра, утрово на Франкфуртската берза повремено нотираше 9,93 евра. И на Њујоршката берза претходно акцијата забележа загуба од 6,5 проценти. Во Франкфурт во меѓувреме вредноста се стабилизира и надмина 10 евра.

Причината се гласините според кои десет хеџ-фондови целосно или делумно го редуцираат своето учество воДојче Банк. Во нив спаѓаат Милениум Партнерс, Капула Инвестмент и Рокос Капитал Менаџмент. Дојче Банк го минимизираше повлекувањето на капиталот. На прашање на новинарите, претставник на банката изјави дека однесувањето на хеџ-фондовите е нормално, а кај банката се влезени нови инвеститори, вкупно преку 800 фондови и‘ остануваат верни на Дојче Банк. Нејзиниот шеф, Џон Крајан, одговорноста за падот ја гледа кај шпекулантите на финансиските пазари. На пазарот во моментов се во оптек  одредени сили кои сакаат да предизвикаат слабеење на довербата во Дојче Банк, напиша денеска главниот менаџер во писмото адресирано до сите соработници, достапно до агенцијата дпа/АФХ. „Наша задача сега е да се погрижиме овие искривени претстави да не го нарушат нашето секојдневно работење“. Крајан предупреди да не се дава преголемо значење на информациите дека некои хеџ-фондови ја напуштиле банката. „Тоа неоправдано води кон натамошни немири“, напиша Крајан, укажувајќи дека концернот има преку 20 милиони корисници. „Ние сме и остануваме силна Дојче Банк“. Шефот потенцира дека банката ги исполнува сите актуелни барања во поглед на поседување сопствен капитал и планира преструктуирање. Притоа, ризиците минатите години се значително намалени. „Во ниеден момент во минатите две децении Дојче Банк во поглед на билансите не била толку сигурна како денес“, уверува Крајан, укажувајќи на резервите за ликвидност од преку 215 милијарди евра, што одзема основа за било какви шпекулации.

Притисок од САД

Дојче Банк моментно се наоѓа под притисок и поради заканувачките казни во САД во висина од повеќе милијарди долари. Американското министерство за правда од банката бара 14 милијарди долари поради бизниси со трули хипотекарни хартии од вредност, што германската банка го смета за премногу и смета на значително помала сума.

Бидејќи резервите на Дојче Банк предвидени за правни спорови изнесуваат само околу 5,5 милијарди евра, минатите денови во повеќе наврати се појавија гласини околу планови за државна помош. Шефот Џон Крајан тоа го демантира во средата во интервју за весникот „Билд“. Истовремено, тој отфрли и зголемување на капиталот во овој момент. Ова прашање сега не е на дневен ред, ситуацијата во Дојче Банк е подобра отколку што тоа се смета од страна, истакна Крајан. И германската влада ги демантира информациите околу државна помош за Дојче Банк.

 

DW.COM

Реклама