Падот на лирата ја загрозува Турција | Свет | DW | 12.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Падот на лирата ја загрозува Турција

Надолниот притисок на турската лира предизвикува загриженост кај инвеститорите поради можноста од валутна криза. Турските бизнисмени велат дека слабата лира може да им наштети на инвестициите и компаниите.

Речиси девет процентниот пад на турската лира годинава, потсети многумина на финансиската криза со која се соочуваше земјата во периодот од 1990-те до 2000-та. Тогаш, по острата девалвација на лирата, кризата траеше неколку години сѐ додека економијата повторно не застана на здрави нозе со помош на строгите монетарни мерки.

Сегашната политичка нестабилност во Турција и забавената економија повторно ја разнишуваат довербата. Турските бизнисмени со кои разговараше ДВ изјавија дека доколку турската лира продолжи да паѓа, тоа може да ги загрози новите инвестиции и да го намали растот. Во третиот квартал од минатата година, турската економија, за првпат во последните седум години, забележа забавување на растот. 

Интервенција на централната банка

Очекувањата за зголемување на каматните стапки од страна на Федералниот резервен систем во САД и извештајот на агенцијата за рејтинг Мудис, посветен на банкарскиот сектор во Турција, укажуваат на тоа дека безбедносните проблеми во земјата го зголемуваат макроекономскиот притисок, кој на 9 јануари годинава предизвика намалување на вредноста на лирата во однос на доларот на рекордно ниско ниво. Со последното намалувањето на вредноста на лирата во однос на доларот во средата наутро, годинава лирата загуби вкупно 9% од вредноста.

Турската лира се наоѓа под притисок поради зголемените тензии во регионот, политичката нестабилност во Турција и загриженоста поради општествената чистка во земјата по неупешниот обид за пуч, како и зацврстувањето на доларот, чија вредност по победата на Трамп се зголемува. Годинава, турската лира е една од најслабите валути.

Во вторникот, централната банка на Турција презеде мерки против намалувањето на вредноста на националната валута со 0,5 процентно намалување на обврската за девизни резервации кај сите побарувања. Преку соопштение за јавноста, централната банка на Турција информираше дека овој чекор треба да обезбеди дополнителна ликвидност во вредност од 1.5 милијарда долари во финансискиот систем. Исто така, на 11 јануари централната банка го намали и лимитот на меѓубанкарските заеми на интербанкарскиот пазар на пари.

Очекувања за зголемување на каматната стапка

Во ноември, турската централна банка ги зголеми каматните стапки за првпат во последните три години со цел да ја поддржи вредноста на лирата, зголемувајќи ја референтата каматна стапка за 0,5 проценти.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган кој претходно се опиша себеси како „непријател" на каматните стапки и одлучен да го зголемува и поддржува растот, се спротивстави на зголемувањето на каматите.

Сакир Туран, економист од турската „Одеабанка", за ДВ изјави дека падот на лирата зависи од зголемувањето на каматите од страна на централната банка. Избегнувањето да се преземат чекори за поддршка на валутата може да доведе до двоцифрена инфлација и намалување на растот во нареднииот период.

Владата се сомнева

Во меѓувреме, владата е убедена дека падот на лирата се должи на операции на девизниот пазар. Заменикот премиер Нуретин Чаникли за извештајот на Мудис, кој се однесува на банкарскиот сектор во Турција, изјави дека „нема рационална основа". „Доколку не е рационален, значи дека е субјективен, всушност тоа е напад“, рече тој.

Logo Schriftzug Moody´s (picture alliance/dpa)

Агенцијата за рејтинг Мудис на 9 јануари објави дека профитите на турските банки оваа година ќе бидат значително намалени поради зголемениот број на нефункционални заеми и предупреди од можно „генерално влошување“ на инвестициската клима во земјата.

Чемил Ертем, советник на претседателот Ердоган, за новинската агенција Анатолија изјави дека „побарувачката за девизи е плитка, шпекулативна и потекнува однадвор. Постои операција чија цел е пад на лирата".

‘Перцепција за криза'

Приватниот сектор во Турција е загрижен за слабеењето на лирата и на тоа гледа како најголема пречка за инвестирање.

Хикмет Танриверди, претседател на Истанбулската асоцијација на извозници на текстил и облека, за ДВ изјави дека турските компании кои имаат долгови деноминирани во странски валути се соочуваат со големи загуби.

„Волатилноста на девизниот пазар во Турција создава перцепција на криза во општеството и бизнис светот. Поради тоа, новите инвестиции се одложуваат и потрошувачката ќе опадне. Никој не сака ништо без јасност“, изјави Танриверди, додавајќи дека рејтингот на компаниите кои не успеваат да ги платат долговите се намалува, што им штети на нивните финансиски опции. Тој објасни дека натамошниот пад на лирата може да води до зголемување на цените.

Декретите креираат тензии

Меѓу другото, турската бизнис заедница се соочува и со притисок од зголемената политичка несигурност по неуспешниот пуч. Али Кибар, претседател на Кибар холдинг, компанија која во 2016 година имаше приходи од седум милијарди долари, за ДВ изјави дека е можно декретите да имале влијание врз вредноста на лирата, бидејќи истите влијаеле врз законите кои го регулираат работењето на компаниите.

Во чистката која следеше по неуспешниот пуч, турската влада притвори голем број бизнисмени и одзеде имот и средства во обид да се затворат компаниите поврзани со Фетула Ѓулен.

„И кога ќе заврши вонредната ситуација, ќе има неизвесност за тоа што ќе се случи со одземените имоти и со именуваните управители на тие фирми. Ова е проблем за компаниите. Во парламентот се разговара за уставни промени и тоа е уште едно круцијално прашање. Ни треба атмосфера на доверба веднаш“, изјави Кибар.

Поврзана содржина

Реклама