Падна владата на Орешарски | Европа | DW | 24.07.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Падна владата на Орешарски

Бугарскиот Парламент ја прифати денеска оставката на премиерот Пламен Орешарски и целиот негов кабинет, со што е отворен пат за предвремените избори на 5. октомври.

За оставката на Владата гласаа 180 пратеници, против се изјаснија осуммина, а исто толку беа воздржани. Кабинетот на Орешарски ќе ги извршува своите функции до именувањето на нов состав.

„Работевме во најтешкиот политички период, но и покрај тоа исполнивме поголем дел од нашите ангажмани за оваа една година, истакна Орешарски за време на дебатите во Парламентот по поднесувањето на оставката. Тој истакна дека неговиот кабинет се водел од интересите на народот и покрај секојдневниот отпор, но сепак постигнале добри резултати. Орешарски им заблагодари на сите кои ја поддржале неговата Влада, како и на опозицијата за конструктивната критика и коректниот однос.

Наследникот на Орешарски сега ќе ја наследи големата банкарска криза во земјата која се заканува да ја продлабочи економската криза во која земјата се наоѓа со години.

„Ве уверувам дека освен како добри познаници и колеги, секогаш на вас сум гледал како на претставници на огромното мнозинство на бугарски граѓани, кои и покрај своите политички разлики имаат една заедничка цел, а тоа е да живеат во подобро уредена држава. За мене беше чест и одговорност да работам на исполнување на таа цел, го заврши Орешарски своето обраќање во Парламентот.

Пламен Орешарски, кој беше на премиерската функција нешто повеќе од една година, вчера поднесе оставка поради лошите резултати на Социјалистичката партија на мајските избори за Европски парламент. Лошите изборни резултати на оваа партија го поттикнаа и нејзиниот коалициски партнер во Владата да не и даде поддршка.