Паднавме во замката на Софија | Северна Македонија | DW | 29.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Паднавме во замката на Софија

Како што во предизборен период бугарските позиции се радикализираа, така и нашите ја доживеаја истата судбина. Нашиот однос и политика кон Софија пак стануваат нерационални, емотивни и антибугарски. Пишува Ивор Мицковски

Прашањето кое најдиректно ни се наметнува е дали после копирање на сите инструменти на владеење на Груевски, власта на Зоран Заев конечно влегува во својата националистичка и ксенофобна фаза, и тоа го прави заради еродираниот политички консензус, пропаднатите ветувања и неуспешните економски и европски политики?!

Тоа се случува во време на локални избори и за спас на еден и онака очаен резултат.

Јасно е дека добро сфатиле оти грешките, пропустите и попуштањата кон Софија сериозно ја нагризале поддршката кај електоратот, па сега се обидуваат да превртат нешто што било државна политика, и тоа го прават заради партиските интереси на локални избори. Тоа со други зборови се вика заробена држава! Веројатно и одлично знаат дека за датумот и европската иднина нема да се одлучува во нивен мандат, па решија вака лесно и недржавнички да ја отфрлат досегашната нивна позиција и да заиграат на антибугарскиот сентимент. За една работа СДСМ никогаш не била обвинувана, а тоа е дека е ксенофобна и националистичка, за жал со Заев и тоа дно е сега пробиено.

-претходни колумни од авторот: „Полегзит“ и како поделбите Исток-Запад го блокираа нашиот пат кон ЕУ

Опасно е кога заради партиски интереси власта се подигрува со националните интереси. Јас лично сметам дека не треба да постојат двојни државјанства, особено не за политичари и функционери, но тоа е законски и тоа ова владино мнозинство не го промени.

Напротив, оваа Влада  преговараше со Бугарија и со нејзините ревизионистички политики, се ценкаа со нивните барања и обиди да ги искористат или претстават нашите граѓани со бугарско државјанство како бугарско малцинство, не ги спречуваа бугарските инфилтрации во внатрешните работи и политика на Македонија, и сега гледаме дека едно вакво прашање, што Бугарија утре ќе го злоупотреби, го користат за предизборни цели.

Да ве потсетам и на ставот на нашиот премиер: „Лесно е да кажеме сите аман нека нема двојни државјанства гледано низ дискурсот на моментот на разговорите со Бугарија. Ама, притоа заборавивме дека има повеќе од 2 милиона наши жители надвор низ светот, тоа е наша дијаспора, тоа се огромни афирматори на македонштината и на македонскиот народ и држава“, рече премиерот Заев запрашан дали би поддржал законско решение со кое би се регулирала обврската македонските јавни функционери и политичари задолжително и транспарентно да декларираат дали имаат повеќе од едно државјанство. „Не можам да кажам дали ќе поддржам или не“, рече премиерот при тоа потсетувајќи дека Уставот дозволува бипатритност.

Морал во политиката“

Откако увидоа дека направија сериозен фаул со ксенофобијата и играњето на антибугарскиот сентимент, целата партиска ПР машина се префрли на обвинувањето дека кандидатката за градоначалник на ВМРО свесно ја лажела и ја манипулирала јавноста. Немам сомнежи дека тоа е така, дека Данела или Даниела или како и да се вика, свесно не декларирала дека има бугарско државјанство и со тоа сокрила клучен податок од очите на јавноста. Но, едно е да фатиш политички противник во лага, сосема друго нешто е да ја жртвуваш, напуштиш или за 180 степени да ја промениш државната и владината позиција околу спорот со Бугарија. Особено што тоа го правиш со еден националистички и ксенофобен тон, за време на локални избори и заради твој политички профит. Тоа значи дека и ти си лажел, дотолку повеќе, што позицијата на помирливост и пријателство која си ја градел 4-5 години со Софија, сега ја отфрлаш, газиш и упропастуваш.

Дополнително, премногу е свежа раната за владејачката партија да се обидува да се испере на темата „морал во политиката“, истата онаа партија и премиер кои не прифатија одговорност и оставки од морални причини за трагичната смрт на 14 лица во модуларната болница во Тетово. Или како што остроумно напиша една пријателка на социјалните мрежи: „Чиј морал треба да се преиспитува, на носителите на бугарско државјанство или на сите влади кои дозволиле без проблем, постоење на двојно државјанство?“.

Ivor Mickovski

Ивор Мицковски, колумнист

Не можам да го разберам нивото на слепост и краткогледност во оваа политичка нискост и превртливост, во елементарната негрижа националните позиции така лесно да се загрозуваат и погазуваат заради партиските интереси на владејачката партија. Пробувам дури и да одземам од сериозноста на овој дилетантски ПР воден од некогашните соросови деца кои си играат држава, да си речам, дека како што за секоја друга работа се површни и несериозни, нестручни и злобни, без план и континуитет, така и во овој случај со неверојатна леснотија на умот се нафрлиле во оваа црна кампања. Ова за нив е само обична црна кампања. И да ги прашате, убеден сум дека нема никогаш да признаат или да се согласат дека направиле некаква штета на државните позиции, настрана што ја згрозиле јавноста.

Но, колку и да се обидуваме да намалиме на драматизацијата, работата изгледа лошо, погрешно и штетно, и со сигурност ќе направи штета на нашите позиции и лошо ќе се одрази кај нашите европски и западни партнери. Свесно или несвесно, со лош или погрешен тајминг, непријателски кон самите наши граѓани кои имаат двојни државјанства и кои по примерот на Дан(и)ела беа стигматизирани и отфрлени од матичната држава, со навреда и контраргументи за Бугарија која и онака гледа да ни го загорчи животот, факт е дека власта се одлучи да заигра националистички и на антибугарски сентимент. Сега останува да видиме дали тоа е трајна определба и промена во нашите позиции кон Софија или само е глуп ПР испад кој секако ќе биде непријателски протолкуван.

Правата на Бугарите во Македонија

Друг аспект кој е мошне интересен е дека овој националистички пресврт се случува во моментот кога Бугарија се повеќе наместо  историјата,  во преден план ги става  правата на Бугарите во Македонија.  Се случува во момент кога бугарскиот претседател Румен Радев организира средба со претставници на здруженијата на  Бугарите во Македонија  и кажува дека Северна Македонија не може да започне преговори за влез во ЕУ и Бугарија нема да попушти се додека не се реши прашањето за правата на Бугарите, што е европска вредност. Можно ли е во еден ваков момент да ѝ дадеме подобар аргумент на Бугарија дека ги кршиме правата на нејзиното малцинство и шириме говор на омраза?! Потоа на Радев ќе му се приклучи и поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов кој ќе нагласи дека „за РСМ да има наша поддршка, треба во  Уставот на Македонија  да се внесе бугарското малцинство“. Но, Радев точно адресира една невралигична точка кога ќе каже: Зошто РСМ веќе 4 години не ги менува текстовите во учебниците, зошто се поттикнува омразата кон Бугарија? Од македонските државници не добивам рационален одговор на овие прашања“.

-претходни колумни од авторот: Германските избори и несигурната иднина на Европа

Ете, токму рационалноста е клучот во оваа ситуација. Бугарите сакаат да нѐ престават како нерационални, како што Грците тоа го бараа и го добија од Груевски и неговата антиквизација, затоа што и едните и другите добро знаеја или знаат дека немале или немаат реални аргументи за блокирање на Македонија. Заев како да падна во таа стапица која требаше да биде научена лекција. Неговото досегашно раководење на односите со Бугарија, и покрај преголемата попустливост или несреќните изјави и интерпретации предизвикани од негово лично незнаење, сепак имаа еден квалитет: беа разумни во пристапот, пријателски и отворени кон иднината. И наидуваа на поддршка од Западот.

Сега тој единствен квалитет се губи и нашиот однос и политика кон Софија повторно стануваат нерационални, емотивни и антибугарски.

Тоа што го баравме од нашата Влада е да ја разбере реалната и егзистенцијална природа на спорот со Бугарија, а не дополнително да ги разбуричка  предрасудите и непријателството.  Како што во предизборен период бугарските позиции се радикализираа, така и нашите ја доживеаја истата судбина. Паднавме во замката на Софија.

 

Поврзана содржина