Оценки за Иванов: Говор на итрец, националист, груевист | Северна Македонија | DW | 28.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Оценки за Иванов: Говор на итрец, националист, груевист

Иванов практично понуди политиката во Македонија да се врати на позициите на груевизмот, велат аналитичари, и го критикуваат шефот на државата за двојни стандарди.

Доби аплаузи единствено од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ и годинава го бојкотираше неговото обраќање, Владата оцени дека останал доследен само на определба да продолжи да ги дели граѓаните, а со сличен став се огласија и аналитичари. Ова е билансот по годишното обраќање на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, неколку месеци пред истекот на неговиот втор и последен мандат. Со изнесените ставови Иванов предизвика реакции кај владејачкото мнозинство за клучните политички теми. Главната критика ја насочи кон решавањето на спорот со Грција.

„Цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, идентитет и јазик, нема ни македонско прашање“, рече Претседателот.

Оцени дека Договорот од Преспа ѝ става крај на Република Македонија каква што ја знаеме и дека тој е донесен без национален консензус и без негово знаење и согласност.

„Прво се донесе таа штетна грчка спогодба, а дури потоа граѓаните беа прашани на референдум. Власта прво се согласи на промена на Уставот, а дури потоа изнудува 2/3 мнозинство, и тоа преку уцена на пратениците“, обвини шефот на државата.

Во тој контекст праша - која е разликата меѓу неговите помилувања и сегашната амнестија?

„Мојата цел беше помирување преку помилување, а вашата цел е обезбедување поддршка за уставните измени преку уценување“, обвини Иванов, со став тоа ќе биде сведоштво за двојни стандарди, насилство против правдата и дека „без правда нема вистинско помирување“. 

Претседателските критики не изостанаа ниту за Законот за употреба на јазиците, „Ако противуставниот закон за употреба на јазиците стапи на сила, тогаш Македонскиот веќе нема да биде lingua francaшто ќе го обединува македонското општество“, порача тој во обраќањето. Мета на критика беа и најавениот попис, образованието, економијата, загадениот воздух...

Иванов со двојни стандарди

И додека тој обвинуваше за двојни стандарди, аналитичари го критикуваат дека тој го прави истото.

„Иванов имаше пораки во кои се детектираат неговите двојни стандарди“, вели аналитичарот Сефер Тахири.

„Истакна дека се залага за членство во ЕУ и НАТО, дека верува оти ЕУ ќе донесе просперитет, а НАТО безбедност, но на сите можни начини се обиде да го попречува Преспанскиот договор, без кој интеграциите се невозможни.

Sefer Tahiri Mazedonien (privat)

Тахири: Иванов имаше пораки во кои се детектираат неговите двојни стандарди

Со противењето на Законот за јазици, Иванов покажа дека не е претседател на сите граѓани, односно и на Албанците, бидејќи неговите ставови се во спротивност на внатрешните интегративни процеси. Се обиде преку чиста манипулација да покаже дека унапредувањето на албанскиот јазик е загрозување на македонскиот јазик. Ако Иванов смета дека амнестијата на пратениците е со цел да се обезбеди поддршка за уставните измени за да се смени името 'преку уценување', тогаш истиот е сооучесник во оваа операција со неговиот експресен потпис за прогласување на законот“, укажува Тахири.

Забелешки има и за неговото укажување дека во земјата постои цензура во многу сфери.

„Ова е став кој доаѓа од претседател кој сите овие 12 години молчеше за сите форми и начини на врвна политичка контрола во сферата на медиумите, културата и општествена сфера, кои се реализира од страна на ВМРО- ДПМНЕ, партијата која го предлагаше Иванов. Единствена забелешка која може да се земе предвид од негова страна е барањето да се одржи попис, која нема да го негира правото на граѓаните да се произнесуваат за нивната етничка припадност“, констатира Тахири.

Повеќе: 

Иванов празнично ги искритикува пратениците

Последните камења од „Тврдината“ паѓаат во дворот на Иванов

Поделена Македонија - поделени и оценките

Иванов во обраќањето се претстави како човек кој држи до своите принципи и до вистината.

„Нема ден, а некој да не ме праша зошто ги прифатив, а уште повеќе - зошто не ги активирав гаранциите на Заев за да му го дадам мандатот. Мојот одговор е дека со неговиот потпис на тие гаранции јас ставив вето на Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација на спогодбата од Преспа. Со тоа, гаранциите се активирани“, потенцираше Иванов.

Рече дека добивал информации оти врз основа на усна наредба, се вршело негово следење, снимање и прислушување, како и на членовите на неговото семејство и дека „УДБА си останува со удбашки методи“.

„Во 2017-та повикав на помирување, простување и прекин на реваншизмот.

Да ме послушавте тогаш, можеби денес ќе имавте помала одговорност. Затоа одговорноста за оваа најтешка состојба на Република Македонија од независноста до денес е ваша (...) Народот не само што го одбра, туку и го одбрани името на својата држава, а тоа име е Република Македонија. А јас како нејзин Претседател останувам да ја бранам волјата на народот и од тоа не мислам да отстапам“, рече Иванов на крајот од обраќањето.

„Браво Претседателе“, „Моќен говор“, „Ова е вистински патриот“, „Заслужи и трет мандат“, се дел од коментарите од поддржувачи на десницата, чиј претседателски кандидат беше Иванов. Од атарот на левицата - пораките се сосема спротивни - „Среќа што ќе замине за некој месец“, „Сѐ тече, Иванов не се менува“, „Говор пери-носи“... 

Mazedonien Parlament in Skopje | Namensstreit mit Griechenland (picture-alliance/Anadolu Agency/B. Ademi)

Иванов доби аплаузи единствено од опозициската ВМРО-ДПМНЕ

Македонскиот народ - тоа сум јас!

 „Иванов не кажа ништо ново од она што веќе сме го слушнале од него по промената на власта во Македонија“, вели професорот Ѓорги Спасов. Во неговото обраќање тој препознава карактеристики на груевист, националист, нарцис...

„Тој понуди политиката во Македонија да се врати на позициите на груевизмот, преку понишување на договорите со Грција и со Бугарија, неприфаќање на Законот за јазиците и признавањето дека неговата амнестија на сите обвинети од СЈО целосно била оправдана. Го злоупотреби обраќањето за да ги кара членовите на Владата и пратениците од мнозинството, да ги клевети за национално предавство, за двојни стандарди, за унишување на државата“, констатира Спасов.

Улогата на нарцисоиден политичар, ја гледа во фактот што Иванов не пропуштил да каже дека со својата чесност ќе воспоставел норма за сите идни претседатели, дека испитување на јавното мислење го увериле оти е 'институција' во која народот имал најголема доверба и што не се срамел да каже дека ако сегашната власт го слушала, сѐ ќе било подобро во Македонија.

Mazedonien Regierungssitzung (Mazedonien Regierung)

Во реакцијата на Владата се вели: „Иванов може да зборува само за еден единствен неуспех - сопствениот“

„Во улога на 'политички итрец' кој никогаш не слушнал за изјавата 'политиката е уметност на согледување на можното', рече дека отсекогаш се залагал за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО, но не под овие услови. Крајно лицемерно е човекот кој десет години молчеше како риба додека беснееше режимот на Груевски, да рече дека оваа власт не направила ништо досега за да се поправат грешките од претходната, а на кои тој наводно укажувал. Тој само уште еднаш потврди колку е голема разликата во ставовите за начинот на разрешување на најсуштествените прашања меѓу новото мнозинство и него како единствен остаток од поразениот режим на Груевски, кој и натаму живее со убедувањето 'македонскиот народ - тоа сум јас“, заклучува Спасов.

Со реакција се огласи и Владата.

„Претседателот Иванов и со денешното обраќање докажа дека остана доследен само на својата определба да продолжи да ги дели граѓаните, која денеска ја дополни со конструкции, со кои потврди дека живее во свет на заговори. Уште еднаш докажа дека наместо да го прочита Договорот од Преспа, и да ги поддржи гаранциите за идентитетот и за просперитетот кои ги нуди овој Договор, тој продолжува да шири невистини и омрази, обидувајќи се да го попречи напредокот на граѓаните на Македонија (...) Тој не успеа и нема да успее да ги попречи интеграциите, напредокот и пријателствата кои ги гради Република Македонија.

Иванов може да зборува само за еден единствен неуспех - сопствениот, неуспехот на неговиот мандат“, се вели во реакцијата од Владата.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама