1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охрид – Ерусалим на Балканот

Милчо Јованоски13 април 2012

Охрид во православниот христијански свет го нарекуваат Ерусалим на Балканот. Според легендите, градот во минатото имал 365 цркви - колку и денови во годината. Историчарите на уметност трагаат по цврсти докази за тоа.

https://p.dw.com/p/14dGd
Катедралната црква „Света Софија“ во ОхридФотографија: DW

Охрид живее со и за легендите. Во недостиг на историски извори, од третиот и четвртиот век наваму легендите и преданијата се првостепени извори за минатото на градот Охрид. Времето покажало дека во дел од нив имало многу вистина, вели историчарот на уметност Гоце Ангеличин – Жура од Завод и Музеј во Охрид:

„Според житието на Свети Климент, напишано од Теофилакт Охридски, се зборува дека Свети Климент со свои раце си го ископал гробот и дека тој се наоѓал на Плаошник. Навистина, со најновите археолошки испитувања се откри гробот. Собирачот и преродбеник Кузман Шапкарев пишува во своите дела дека на Имарет имало две цркви. Едната посветена на Свети Пантелејмон, другата на Благовештеније. Навистина, откриени се уште две цркви. Во семејството Шанданови се пренесувала легендата дека во нивниот двор некогаш била лоцирана црквата Четриесет маченици. Неодамна и тоа се потврди и таму е отворен галериски простор.“

Под многу куќи - остатоци од цркви и базилики

Mazedonien Ohrid Goce Angelicin Zura
Историчарот на уметност, Гоце Ангеличин – Жура од Завод и Музеј во ОхридФотографија: DW

По признавањето на христијанството и подоцна, при одржувањето на Вториот севселенски собор во Сердика во 343 година, се спомнува охридскиот епископ Зосима. Уште во тоа време се споменувале преубавите базилики и цркви во што Охрид бил веднаш по Ерусалим. Оттука и тезата дека во Охрид навистина имало црква за секој ден од годината и дека градот со право го носи ептитетот втор Ерусалим. Во списокот на Козма Китински од 1694 година стои дека турската власт му наредила на овој настојник на Охридската архиепископија да направи попис во Охрид на сите сакрални објекти и семејства. Тогаш имало преку триесет и шест активни цркви, а денес има само три-четири, објаснува Гоце Жура и тврди дека овој дел од некогашен Охрид бил само светилиште, а се живеело на друг простор:

„Само на еден мал потег имаме откриено единаесет цркви, на простор само од стотина метри. Стариот дел на Охрид бил како светиот Ерусалим и во него не се живеело. Мислам дека ова било свето место и само за мисите доаѓале верниците и ги опслужувале и посетувале црквите. На толку цркви и базилики не е можно да имало и куќи. Затоа сега при уривањето на секоја стара куќа откриваме остатоци од средновековни цркви или стари базилики.“

Разграбена културна ризницa

Охрид е местото во кое можат да се видат најстарите фрески и икони во Македонија. Милчо Георгиески, виш кустос во Галеријата на икони, открива:

„Најстарата икона што е пронајдена досега на тлото на Македонија е иконата со претстава на Свети Василиј Велики и Свети Никола, која датира од средината на единаесеттиот век 1040 или 1045 година. Тоа е период од кога датираат и фреските во охридската катедрална црква Света Софија. Нејзиниот стил потсетува на стилот на сликарството што го извршиле непознати мајстори на ѕидовите на оваа црква. “

Mazedonien Ohrid Milco Georgievski
Милчо Георгиески, виш кустос во Галеријата на икони во ОхридФотографија: DW

Во галеријата е сместена голема колекција икони, од кои триесетина се ценат како врвни уметнички дела и го отсликуваат Охрид во периодот од единаесеттиот до деветнаесеттиот век. Охрид и денес е привлечен за туристите и истражувачите. Георгиевски вели:

„Во културолошка, ликовна, естетска и историска смисла, македонските икони и воопшто македонската средновековна ументост, навистина се на едно многу високо ниво во рамките на византиската уметност.“

Градот и денес ја има привилегијата да биде центар на духовното живеење. За жал, низ вековите кој стигнал грабнал од пребогатата културна ризница и однесол. Ако се’ беше уште тука кој знае каде ќе ни беше крајот, заклучува кустосот Георгиевски.