1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Mazedonien Ohrid mit Festung über der Stadt
Фотографија: Fotolia/Image Source IS2

УНЕСКО му даде уште една шанса на Охрид

ДТЗ
23 јули 2021

С. Македонија и Албанија добија две години рок да ги имплементираат препораките со цел Охридскиот регион да не биде ставен на листата на природни богаства во опасност.

https://p.dw.com/p/3xwcB

Северна Македонија и Албанија добија уште една шанса од УНЕСКО. Тие во наредните две години ќе треба да ги имплементиаат препораките коишто ги доставија Реактивните мисии на Комитетот за Светско наследство на ОН, за да се избегне ставање на Охридскиот регион на листата Светски културни и природни богатства во опасност. 

Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура на 44 сесија што се одржува во кинескиот град Фуџоу го прифати предлогот на Националната комисија на УНЕСКО на Босна и Херцеговина за бришење на одредбите од нацрт-одлуката што значеа поместување на регионот на листата загрозени богатства од универзална вредност. БиХ својот предлог го образложи со потребата да се охрабрат Северна Македонија и Албанија во напорите да се исполнат препораките од претходните извештаи, да се поддржат, а не демотивираат активностите што заеднички ги спроведуваат за справување со предизвиците.  

-повеќе на темата: Има ли надеж за Охрид?

Предлогот за измена на амандманите на одлуката на БиХ беше поддржан од Русија, Унгарија, Саудиска Арабија, Кина и Гватемала. За поместување на Охридскиот регион на листата светски богатства во опасност се изјаснија националните комисии на УНЕСКО на Норвешка, Бахреин и Австралија, кои сметаат дека тоа дополнително ќе ги мотивира во напорите за спроведување интегрирани мерки и активности за елиминирање на регистрираните закани. 

Продолжување на роковите

Министерката за култура, Ирена Стефоска посочи дека Северна Македонија изминатите две години демонстрирала истрајност и подготвеност да ги интензивира напорите за исполнување на препораките и забелешките на УНЕСКО. Во обраќањето пред учесниците на состанокот, таа побара продолжување на роковите за да се овозможи натамошно дејствување во сите сфери за дополнителна заштита на светското културно и природно богатство. 

Ohrid-See in Nord-Mazedonien und Albanien
Северна Македонија и Албанија до 1 февруари 2023 година пред Центарот за светско наследство треба да достават ажуриран заеднички извештај за состојбата на регионот.Фотографија: picture alliance / Zoonar

БиХ и Норвешка се задолжени да формираат заедничка група што ќе го следи процесот на исполнување на препораките и за тоа да ги информира Секретаријатот и Комитетот за светско наследство.  

Што треба да се направи?

Експертскитe тела за природно и за културно наследство бараат од двете држави да разработат детален стратешки план за обновување којшто би се реализирал етапно, но според јасно дефинирани и утврдени краткорочни и долгорочни цели за ублажување на заканите. Истовремено, се инсистира планот да биде базиран врз препораките на Мониторинг мисијата од 2020 година, со сеопфатна прекугранична политичка и институционална рамка за решавање на сериозните и повеќеслојни закани и предизвици со кои се соочува Охридскиот регион. Планот со спроведените мерки во меѓувреме да биде доставен до Центарот за светско наследство до 1 февруари наредната година.  

Од Северна Македонија и Албанија се бара до 1 февруари 2023 година пред Центарот за светско наследство да достават ажуриран заеднички извештај за состојбата на регионот, вклучително и извештај за постигнатиот напредок во спроведувањето на горепосочените забелешки, од што би произлегле натамошните активности и евентуално поместување на регионот на Листата светски наследства во опасност.  

-повеќе на темата: УНЕСКО со критики на 125 страници: Охридското Езеро на точка од која нема враќање?

Пред да биде соопштена ваквата одлука, повеќе од триесет еколошки организации и граѓански здруженија од С. Македонија и од Албанија застанаа зад барањето на Еколошкото здружение „Фронт 21/42“ кое поднесе писмо до Комитетот за светско наследство Охридскиот регион да биде впишан во Списокот на светски наследства во опасност.  

„Иако војни или природни катастрофи се најчестите причини за уништени вредности и прогласување на светски наследства во опасност, во случајот со Охрид тоа е директен резултат на управувањето со наследството од страна на локалните и централните власти на двете држави“, укажаа екологистите. Тие се особено се загрижени од продолжувањето на процесите за урбанизација дури и по многу сериозното предупредување на Мисијата УНЕСКО од јануари 2020 година.  

Во нивниот извештај на 125 страници детално беа посочени сите неправилности околу грижата и заштитата на Охридското Езеро и во Северна Македонија и во Албанија. Во извештајот се бараше забрзано спроведување на десетици препораки упатени до властите во двете земји, уривање на веќе изградените дивоградби и безусловно почитување на мораториумот за градба на крајбрежјето. Како резултат на континуирана деградација на културното и природното наследство на регионот, во него се испрати јасна препорака, дека ако не се постапи како што е побарано Охридскиот Регион ќе биде ставен на листата на светско наследство во опасност.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Дијарбакир Турција Земјотрес

Катастрофален земјотрес во Турција

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница