1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Nordmazedonien | Strand in Ohrid
Фотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Охридските плажи заглавени во бирократски лавиринти

ДТЗ
6 јуни 2022

Дваесетина плажи на крајбрежјето и ова лето останаа без лежалки, шанкови и платформи. Додека надлежните ја префрлаат топката на одговорноста, се бара чаре како во последен миг да се спаси сезоната.

https://www.dw.com/mk/%D0%BE%D1%85%D1%80%D0%B8%D0%B4%D1%81%D0%BA%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%BF%D0%BB%D0%B0%D0%B6%D0%B8-%D0%B7%D0%B0%D0%B3%D0%BB%D0%B0%D0%B2%D0%B5%D0%BD%D0%B8-%D0%B2%D0%BE-%D0%B1%D0%B8%D1%80%D0%BE%D0%BA%D1%80%D0%B0%D1%82%D1%81%D0%BA%D0%B8-%D0%BB%D0%B0%D0%B2%D0%B8%D1%80%D0%B8%D0%BD%D1%82%D0%B8/a-62031075

Без лежалки, шанкови, платформи и џагор на посетители охридските плажи деновиве ги пречекуваат првите гости од почетокот на летото. Иако сезоната е само на чекор, сѐ уште никој нема јасна претстава како ќе помине и ова лето и што ќе им понуди градот на оние посетители коишто ќе се одлучат некој викенд или одморот да го поминат во македонскиот туристички бисер. Без концесии и без јасен план во која насока треба да се уредува крајбрежјето, коешто постојано е под будно око на УНЕСКО, локалните власти во Охрид и во Струга чекаат на понатамошни инструкции од Министерството за транспорт и врски и од Владата. 

Кој е одговорен?

„Пет месеци чекаме и не добиваме одговор до каде е Планот за управување на Охридското крајбрежје“, вели охридскиот градоначалник Кирил Пецаков за ДВ. Тој изминатиов период со прстот посочи кон институциите во Скопје, коишто, според него, се надлежни и досега требало да го донесат планот за тоа како треба да изгледа крајбрежјето.„Дали ќе се уредуваат плажите и дали ќе се издаваат под концесија, во овој момент не можам со сигурност да кажам, бидејќи Агенцијата за просторно планирање сѐ уште го нема изготвено Планот за уредување на охридското крајбрежје“, вели охридскиот градоначалник. 

Nordmazedonien | Strand in Ohrid
Неизвесно е дали ќе се уредуваат плажите и дали годинава ќе се издаваат под концесија Фотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Во тој план точно ќе биде одредено на кои делови од крајбрежјето ќе може да има уредени плажи. „Од информациите што ги добивам, целата процедура е закочена во Владата на Република Северна Македонија и Министерството за транспорт, поточно овие две институции не ги имаат дадено предлозите за изработка на планот“, додава Пецаков. 

На тој начин ситуацијата со плажите веќе две години е во статус-кво ситуација. Локалната самоуправа тврди дека се понудила сама да ги изработи плановите на местата каде што ќе има плажи и со тоа да го забрза процесот за уредување на плажите, но и тоа не е завршено.

-повеќе на темата: Пецаков за ДВ: Охрид ќе добие уредени плажи, но не и платформи во езерото

„Ние како локална самоуправа во неколку наврати побаравме овој план да го изработиме сами, според замислата на Владата, Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за просторно планирање, сѐ со цел да се забрза целиот процес и оваа туристичка сезона Охрид да има уредени плажи. За жал, институциите не се одважија и не ни дадоа да го изработиме планот“, дециден е Пецаков.

Одговор од Министерството за транспорт и врски околу концесиите на плажите на струшкото крајбрежје чека и струшкиот градоначалник Рамиз Марко. Но, за разлика од Охрид, на струшкото крајбрежје ситуацијата е сосема поинаква. Пред сезоната се реновираат и уредуваат нови објекти, плажите се средуваат и градот полека се подготвува за претстојната сезона. 

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, тврди дека Владата не го кочи уредувањето на плажите на охридското крајбрежје. Тој во мај годинава порача дека Општина Охрид може самата да ги уреди плажите согласно Генералниот урбанистички план и препораките на УНЕСКО. Според најавите во тек е изработка на Урбанистички план за целото крајбрежје за кој се издвоени 30 милиони денари. Со новиот план се очекува да се даде препорака каде и што и смее да се гради и од каков материјал, со цел да се наруши статусот на регионот, на кој му се заканува опасност да биде рангирано како загрозено светско наследство. 

Охрид, според Пецаков, има само две плажи што се опфатени со Генералниот урбанистички план - кај одморалиштето на ПТТ и Пештани, но остануваат уште десетици други локации за коишто ќе треба да се најде решение. 

Nordmazedonien | Strand in Ohrid
Додека институциите си ја префрлаат топката, плажите се заглавени во бирократски лавиринти веќе две годиниФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Статус-кво

Но, додека институциите си ја префрлаат топката, плажите се заглавени во бирократски лавиринти веќе две години, откако во 2020 година во ек на сезоната се донесе одлука за уривање на градските плажи, шанкови и платформи кои задираа длабоко во езерото и кои, според УНЕСКО, го нарушуваа биодиверзитетот. 

Градот којшто беше препознатлив по петте градски плажи, во пресрет на сезоната има сериозен проблем со тоа што ќе им понуди на многубројните туристи кои од мај до октомври го преплавуваат градот. Поради тоа, локалната самоуправа вели дека во последен миг бара начин како да се спаси сезоната. 

Nordmazedonien | Strand in Ohrid
Објектите на крајбрежјето сѐ уште се под клуч, дел запуштени и искршени во меѓувреме, а дел од нивните дворови запуштени и обраснати во трева и грмушкиФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

„Она што во моментов како локална самоуправа го работиме во однос на плажите е барање за изнаоѓање на законско решение со кое ќе може да се дадат плажите под концесија, односно градот да добие уредени плажи. Не сум сигурен дали постои или не такво решение, меѓутоа фокусирани сме доколку постои да го пронајдеме и реализираме“, вели Пецаков за ДВ. 

-повеќе на темата: Угостителите и трговците на голема мака - како да се најдат келнери и продавачи за туристичките места

Проблемот со плажите се јавува речиси секоја година. Во 2020 година, во ек на сезоната се донесе одлука за уривање на градските плажи Кадмо, Куба Либре, Потпеш, Канео и Бела Виста, за кои се тврдеше дека се дивоградби. Образложението на тогашниот градоначалник Константин Георгиески беше дека фирми без концесии со години остварувале милионски профити од користење на плажите на Охридското крајбрежје. 

Две години потоа објектите на крајбрежјето сѐ уште се под клуч, дел запуштени и искршени во меѓувреме, а дел од нивните дворови запуштени и обраснати во трева и грмушки. Поранешните концесионери ја тужеа општината и ЕВН - спорот за исклучената струја веќе го имаат добиено, а Пецаков најавува дека судските спорови коишто дел од концесионерите на плажите ги имаат поведено се во завршна фаза.

Едрењето – иднина за Охридското езеро

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Цар Борис Трети Охрид

„Цар Борис Трети“ внесе немир во Охрид

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница