„Оф-шор“ медиуми за отстрел на неистомисленици | Северна Македонија | DW | 16.05.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Оф-шор“ медиуми за отстрел на неистомисленици

Низ етерот во Македонија масовно се шири говор на омраза, новинарите и критичарите на власта сѐ почесто се на удар не само вербално, туку и физички. Говорот на омраза доаѓа директно од врвот на власта, велат новинарите

Вчера (15.05) објавената „бомба“ на лидерот на СДСМ Зоран Заев на виделина изнесе нова серија разговори меѓу државните функционери во кои тие отворено искажуваат закани кон новинари и кон критичари на власта или се занимаваат со „уредување“ на вестите на некои медиуми. Но, на некои новинари во Македонија одамна не им се потребни снимки од разговорите на екс-министерката Гордана Јанкулоска, нејзиниот портпарол Иво Котевски, или шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протуѓер, за да сфатат дека се цел на оркестрирани напади и говор на омраза. Напротив, тие тоа го почувствуваа на своја кожа.

Палењето на возилото на новинарот Бранко Тричковски рано утрото на 13 мај е само последниот во низата напади и закани кон претставници на „седмата сила“. Тричковски, долгогодишен главен и одговорен уредник на „Утрински весник“, подоцна и на магазинот „Глобус“, вели дека група насилници дошле и пред вратите на неговиот дом и се обидувале насилно да влезат во него. На нападот му претходеа серија текстови во провладини медиуми и портали во кои Тричковски беше обвинуван дека преку своите колумни, статуси на Фејсбук и пораки на Твитер „шири говор на омраза и повикува на линч“.
Тричковски вели дека веќе подолго време добивал критички и заканувачки пораки на својата електронска адреса и на социјалните мрежи, но во нив било забележливо дека се работи за поединци кои не се согласувале со неговите ставови или биле незадоволни од начинот на кој тој ги прикажува нештата. Но, во деновите пред опожарувањето на неговото возило забележал бран од стотици пораки кои содржеле и смртни закани, и кои делувале како да се испратени од еден центар, и според содржината и според тонот.

„Терминот 'говор на омраза' не го опфаќа во целост она што се случува. Мислам дека тој термин е дури и премногу благ, затоа што во суштина се работи за чудовишни закани “, вели тој. Полицијата досега не ги откри напаѓачите.

Нема судска разрешница

Според неофицијални информации, изминатава недела се случиле уште два напади врз критичари на власта, но тие не биле пријавени, бидејќи жртвите не сакале да се шири страв и нервоза во јавноста.
Во реакцијата по нападот врз Тричковски, Здружението на новинари на Македонија соопшти дека „од 2011 година до сега регистрирало 17 инциденти во кој новинарите се жртви и досега ниеден од нив нема судска разрешница“.

„Уништување на имотот на новинарот Тричковски има за цел да внесе страв и несигурност меѓу новинарите. Овој вандалски чин насочен кон колегата Тричковски е продолжување на политиката на неказнување на насилството против новинарите“, соопшти ЗНМ.

Македонија со години тоне на релевантните листи на светските организации кои ги следат слободата на медиумите и изразувањето. Македонија е земја со најголем пад во медиумските слободи на Балканот во последните пет години, а според последниот извештај на невладината организација Фридом Хаус, има и најлош скор во регионот. На листата на Репортери без граници, земјата е на 117. место.

„Говорот на омраза во јавниот дискурс е одамна етаблиран од проста причина што тој доаѓа од самиот врв на власта. Со тој говор зборуваат институциите, со тој говор зборува премиерот, оттаму прашањето дали или не постои говор на омраза е реторичко“, вели за ДВ, Тамара Чаусидис, претседателка на Самостојниот синдикат на новинари и медумски работници. Она што загрижува, дополнува таа, е што тој говор сега ги дава своите ефекти.

Тие ефекти веќе беа видливи и пред неполн месец кога во семејниот дом на новинарот Борјан Јовановски, непознато лице достави погребен венец со натпис „последен поздрав“. Тој и претходно беше мета на владејачките политичари и новинари кои се блиски до владата.

„Тоа се директни закани врз сите кои се идентификуваат како непријатели и кои не се во согласност со препораките на Министерството на вистината. Со заплашување, затворање, отпуштање на новинарите кои по дефиниција се гласот на народот“, вели Чаусидис.

Во чии раце се медиумите

Другата страна на медалот се самите медиуми кои најчесто ја преземаат задачата да ги „оцрнат“ своите колеги, а неретко и да повикуваат на насилство. По правило станува збор за интернет-портали зад кои стојат „оф-шор“ компании, за кои пак, постојат силни сомнежи дека всушност се во рацете на високи партиски и државни функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

„Истражувањето Медиа Педиа што со колегите Владо Апостолов и Сашка Цветковска го работевме речиси една година не доведе до оф-шор компании и до најблиските соработници на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков“, вели новинарката Мери Јордановска.

„Накратко, газдите на порталот и неделникот „Република“ се скриени на Белизе, газдата на порталот Нетпрес е оф-шор фирма од САД, но македонскиот газда е компанијата „Финзи“ чиј прв сопственик е фирмата НВСП - истата таа компанија во чии раце се наоѓа една регионална телевизија и радиото „Слободна Македонија“. Фирмата НВСП во бомбите на опозицијата се спомнува како фирма на чија сметка треба да легне провизијата од Израелците за набавка на опрема. Потоа следува порталот „Курир“, кој беше во рацете на братот на актуелниот министер за транспорт Владо Мисајловски, а сега сопственик е уредникот Саше Стојановски“, наведува Јордановска.

Доколку се прочепка подлабоко, вели истражувачката новинарка, неизбежен е впечатокот дека зад поголемиот број медиуми во земјава се кријат најблиските соработници на власта кои медиумите ги користат за промоција на своите цели, а за пресметка со неистомислениците.

„ Тие медиуми одамна ја имаат загубено својата основна цел - чувари на демократијата и објективно информирање на јавноста“, вели Јордановска.

DW.COM

Реклама