Отсуството на детален отчет фрла сенка врз успешноста на странските инвестиции | Економија | DW | 25.03.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Отсуството на детален отчет фрла сенка врз успешноста на странските инвестиции

Позитивните биланси во политиката за привлекување на странски инвестиции се и магливи. За јасна слика потребен е и јасен отчет, предупредуваат дел од експертите.

Македонија во изминатава деценија доби 2,6 милијарди евра странски инвестиции но колку реално потроши на нив останува тајна! Политиката на привлекување на инвеститорите да ги вложат своите пари во Технолошко индустриските развојни зони, но и надвор од нив, според власта е една од најуспешните во делот на економијата. Владата милува да ги обзнанува бројките за вработеноста, извозот, инвестираните суми кои динамично растат, но е шкрта во давањето детали колку тоа реално и не чини. Со години јавноста нема увид колку пари се даваат за субвенциите кои се доделуваат по повеќе основи. Од директна финансиска поддршка за изградба на објектите, даночни ослободувања, па до поддршка во делот на платите на вработените. Во отсуство на детален отчет невладините организации се оние кои бараат начини како да дојдат до релевантни податоци кои би помогнале во добивањето појасна слика. Но во вакви услови овој процес воопшто не е лесен ниту едноставен:

„Главниот проблем за странските директни инвестиции е отсуството на податоци од официјалните институции за бенефициите кои им се даваат на компаниите. Ние застапуваме став дека тие отвораат нови работни места, овозможуваат технолошки развој, носат нови технологии, имаат позитивен ефект, но не знам зошто државните институции кои имаат внатрешни пресметки не сакаат да ги споделат јавно. На пример на нашата последна дебата беше укажано дека Чешка и Полска имаат институции како Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, но во овој случај тие објавуваат годишни извештаи за субвенциите, вредноста на инвестициите и ефектите од нив.

Die Freie Wirtschaftliche Zone in der Gegend von Tetovo, Mazedonien

Кај нас тоа недостасува тоа. Не мора детално да се објавува за секоја компанија но потребен е еден збирен извештај генерално за давачките и бенефитот. Затоа сега во услови на политичка битка пред избори и во отсуство на транспарентност околу ова прашање сведоци сме како двете страни се обидуваат со нивни податоци да излегуваат во јавноста но тоа воопшто не е вистинската целосна слика“, коментира Горан Мојаноски од Здружението на млади аналитичари и истражувачи.

Тајноста на договорите-отвора многу сомнежи

Ова здружение неодамна обзнани податоци за нивните сознанија од анализата која ја направиле, една од ретките на овој план:

„Ние направивме проценка на субвенциите врз основа на договорите што се наведени во извештаите на комисијата за заштита од конкуренција. Тие се јавни но со xxx во делот на сумите што се доделуваат. Користејќи ги тие договори направивме интервал од колку до колку може да изнесува државната поддршка затоа што тие договори се повикуваат на закон за контрола на државна помош и две уредби, едната е за хоризонтална и уредбата за регионална помош. Во делот на хоризонтална и регионална помош има шеми кои кажуваат дека поддршката може да биде максимум до 50% од вредноста на инвестицијата. Ние дојдовме до некој податок врз основа на интервалот, инаку таа помош може да биде од 10 па до 50% и врз основа на тоа пресметавме дека станува збор за некаде околу 120 милиони евра, но тоа е само претпоставена вредност. Ние ги сметавме само парите што директно се дадени од буџетот, но не и на пример за загубите по основ на ненаплатени комуналии кои општините не ги добиле за изградбата на објектите во зоните, како и ослободувањата од даноци. Кога сѐ тоа ќе се собере конечната пресметка сигурно дека ќе биде поинаква“, смета Мојаноски.

Експертите предупредуваат дека тајноста на договорите отвораат многу сомнежи за целиот процес:

„Врз целата политика околу странските инвестиции има една магла бидејќи освен обидите на дел од невладиниот сектор, немаме други извори кои би ни дале увид за деталите. Затоа сметам дека е потребно да се објават сите договори со компаниите. Изговорот дека тоа не се прави поради заштита на деловните односи не држи бидејќи договорите не можат да бидат тајни кога се работи за јавни пари. Значи да се објават сите договори и врз основа на нив треба да се направи еден збир колку средства од буџетот се потрошени за таа намена.

Mazedonien Land und Leute

Во таа сума треба да се започне од оние почетни испитувања на пазари, разни роуд шоуа , вложувања во инфраструктурата, помошта за изградбата на објектите и сите видови на ослободувања кои директно значат помош за странските инвеститори. Кога ќе се направи таква пресметка ќе можеме да го видиме вистинскиот ефект од квантитативен но и квалитативен аспект. Се` додека ова се држи во тајност останува мојот впечаток дека странските инвеститори не чинат многу повеќе отколку што го имаме бенефитот и повратните ефекти. Бидејќи не е во прашање само вработувањето, треба да се направи разлика и да се види дали со поефикасно вложување на државни пари можеше и поефикасно да се решат овие проблеми, во поглед на невработеноста но и во корист на домашните компании“, коментира економскиот аналитичар Слободан Најдовски.

„Водиме сметка за цела Македонија“

Колкави се сомнежите, неодамна јавно предупреди и опозицијата со примерот на една од компаниите кои добила поддршка но воопшто не ја реализирала најавената инвестиција:

„Случајот „СМР Аутомотивес системс Македонија“ покажува како Владата на Никола Груевски ги троши буџетските пари и за каква намена. Имено, оваа странска фирма на 31 август 2011 година на двапати добила пари од Владата со вкупна вредност од речиси три милиони евра (€2.815.000). Еднаш, во висина од еден милион и 285 илјади евра (€1.285.000) за изградба на претпријатие за производство на леани метални делови. И вторпат, над еден и пол милион евра (€1.530.000) за изградба на претпријатие за производство за надворешно стакло за ретровизори. Значи, за изградба на две претпријатија владата на оваа фирма и доделила речиси 3 милиони евра! Е сега, како е можно да се исплатени 3 милиони евра а овие две фабрики да ги нема? Според Законот за технолошко индустриски развојни зони корисникот е должен да започне со градба во рок од 9 месеци од потпишувањето на договорот, што значи 31 мај 2012 година. А производството да го започне за 30 месеци, односно 1 март 2014 година. Законот е јасен, ако не се исполнат наведените рокови, договорот за закуп еднострано се раскинува. Рокот за изградба истече пред речиси 3 недели, а од двете фабриките нема ни трага! Каде се овие фабрики?, прашаа деновиве од СДСМ.

Наместо одговори на дилемите и детални анализи за трошоците и бенефитите власта продолжува да ја форсира само „широката“ слика. Во последниот отчет на владејачката ВМРО ДПМНЕ се потенцира дека во изминативе десет години во Македонија се привлечени 49 поголеми гринфилд инвестиции и стотици помали. Ова овозможило креирање 17 илјади нови работни места, со тенденција двојно да се зголемат во наредните три години:

Messe InternationaleTourismusbörse ITB 2012 Berlin

Вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски

„Странските инвестиции се важни, не само заради тоа што отвораат нови работни места, туку не учат и на нови работи и на нови технологии. Важно е да ги привлечеме бидејќи тие знаења кои ќе ги стекнат вработените, ги пренесуваат и во домашните компании. Плановите кои самите компании ги имаат објавено покажуваат дека за наредните три години вкупно кај нив ќе бидат отворени уште толку нови работни места колку што веќе имаат вработени. Ќе се дуплира бројот на вработени кај овие компании, а покрај тоа ќе се креираат уште најмалку толку работни места кај домашните компании кои соработуваат со нив. Тоа е ефектот што го баравме и еве постепено сега го гледаме. Жителите на Македонија можат да видат, ние само во последните две години имаме најавено инвестиции по цела територија. Водиме сметка за цела Македонија“, изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Според податоците на Народната Банка во 2015. во Македонија влегле странски инвестиции со вкупна вредност од 157 милиони евра што е помалку за 48 милиони евра во однос на 2014. Интересно е што најголем дел од парите дошле од Бермуди 181 милиони евра, односно близу 50 милиони од Сент Винсент и Гренадини. Трет инвеститор е Германија со 32,5 милиони евра. Во делот на привлекување на инвестициите по глава на жител, Македонија е претпоследна во регионот. Зад нас е само Босна и Херцеговина.

Реклама