Отпор против мини-хидроцентрали на Балканот | Економија | DW | 18.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Отпор против мини-хидроцентрали на Балканот

Последните преостанати диви реки во Европа се на Балканот. Сега им се заканува уништување со мини-хидроцентрали. Тие пак, економски се речиси неодржливи, но се финансирани од ЕУ. Жителите крај реките пружаат отпор.

Едно утро наеднаш се создаде градилиште. „Прво никој во нашето село не знаеше за што се работи“, раскажува Тахира Тиболд, градоначалник на местото Крушчица во централна Босна. Реката, по која е наречено и местото, се наоѓа во национален парк и снабдува неколку места со вода за пиење. Дури по неколку дена било обзнането дека на едно место ќе се гради т.н. мини-хидроцентрала. Тоа се постројки со јачина од околу 10 мегаволт ампери (МВА). Функционираат по истиот принцип како и големите хидроцентрали, само што се градат на мали реки. А, такви во нивната природна, првична форма, во Европа може да се најдат речиси само на Балканот.

Кога жителите на босанското место сфатиле што ја чека „нивната река“, веднаш им било јасно дека изградбата може да значи крај на нивниот досегашен начин на живот. Заради тоа, жените од местото го блокираа единствениот пат што води до градилиштето. Тоа беше на 24. август 2017.

„50 од нас се врзаа преку ноќ една за друга на мостот“, раскажува Тахира. „Следното утро се појавија 75 полицајци, меѓу кои и припадници на специјална единица и насилно го расчистија приодот.“

Иако неколку од жените биле повредени при акцијата, жителите не се предале. Напротив, само што заминале полицајците, продолжиле акциите на мостот и жителите на Крушчица поднесле кривична пријава против изведувачот на градежните работи.

Повеќе: Малите хидроцентрали ги уништуваат реките

Една година подоцна, во јуни 2018 година, судот во Нови Травник ја поништи дозволата за изградба на хидроцентралата. Според согледувањето на судиите, засегнатите жители во процесот на издавање на дозволата ниту биле доволно информирани ниту пак вклучени.

Но, пресудата не беше спроведена. На пладне на 17 август 2018 година, работниците на градежната компанија, следени од 15 полицајци, дојдоа пред  мостот на храбрите жени од Крушчице. Тие повторно се обидоа да го преминат за да стигнат до градилиштето. Но, жителите на селото веќе беа таму, го блокираа својот пат и на крајот ги истераа по неколку часа. 

Активистките, кои од почетокот на акцијата во медиумите ги завикаа „Храбрите жени од Крушчица“,  остануваат скептични и будно го вардат мостот. „По денешниот настан, убедени сме дека никогаш не треба да престанеме. Договорот со инвеститорот за волја на вистината беше прогласен за ништовен, но и покрај сѐ не можеме да им веруваме на нашите власти", вели градоначалничката Тиболд.

 Bosnien-Herzegowina Tsunami der Dämme auf den Balkan (Andrew Burr)

„Храбрите жени од Крушчица“ и натаму се скептични и будно вардат

„Властите лажат"

„Всушност водата во реките тече за сите. Но, од моментот кога концесијата ќе ја земе некој заинтересиран, тече само за сопственикот. Тоа е приватизирање на општите добра и на Балканот моментално се случува најголемата приватизација во Европа", предупредува Улрих Ајхелман од невладината организација РиверВоч од Виена.

„Изградбата на мини-хидорцентрали ги загрозува последните преостанати диви реки во Европа. Планирани или веќе во изградба се 3.000 мали брани, од Словенија до Грција", вели Ајхелман. Во соработка со германската фондација за заштита на животната средина Евронатура и локални партнери во балканските земји тој ја води кампањата „Спасете го синото срце на Европа", за да го спречи бранот на уништување.

Како причина за масовното давање концесии се смета тоа дека приватните интереси на Балканот имаат поголема тежина од општествените. „Локалните власти не си ја вршат својата работа или ја вршат неадекватно", објаснува Јелена Иваниќ од Центарот за животна средина во босанското место Бања Лука, и додава дека „студиите за влијанието честопати се многу површни и несодржајни".

Повеќе: Синото срце на Европа чука на Балканот

Покрај тоа, концесионерите често се добро поврзани со актуелните властодржци во Босна, тврди Ајхелман. Студии дури биле и фалсификувани. „Властите никогаш не ги посетуваат местата на кои треба да се гради. Наместо тоа, нивните извештаи ги пишуваат од работната маса. Притоа лажат и мамат за да ја овозможат изградбата".

Како пример Ајхелман ја наведува реката Вјоса, која во Албанија се влева во Јадранското море. По нејзина должина планирани се 38 брани. Во цела Албанија се повеќе од 500, а на Балканот околу 3 илјади, од кои 91 процент се за мини-хидроцентрали. А, една третина од нив се во региони кои всушност се заштитени како на пример во националниот парк во Маврово или по должината на реката Уна на босанско-хрватска територија, на реката Крка во Хрватска, или пак Тара во Србија.

 Bosnien-Herzegowina Tsunami der Dämme auf den Balkan (Privat)

Улрих Ајхелман: Водата во реките тече за сите, но од моментот кога концесијата ќе ја земе некој заинтересиран, тече само за сопственикот

Како функционираат проектите финансиски?

„Секој кој може да најде доволно пари, може да биде сопственик на мини-хидроцентрала“, вели Јелена Иваниќ и додава дека инвестицијата почнува да се исплаќа дури по 7 години. Финансирањето оди преку државни субвенции и кредити од финансиски институти како Светската банка и Европската банка за обнова и развој, Сосиете Женерал од Франција, Уни Кредит од Италија, Рајфајзен и Ерсте Банк од Австрија и КфВ од Германија.

„Овие институции финансираат проекти бидејќи енергијата која таму се добива е од обновливи извори. Но, енергија од хидроцентрали не е обновлива енергија, оти уништената природа не може да се обнови", истакнува Ајхелман.

Заедно со компанијата Патагонија кампањата за синото срце стартуваше петиција против финансирањето на проекти за изградби на брани на Балканот, која во јуни во Лондон ѝ беше предадена на Европската банка за обнова и развој. Потписници се повеќе од 120.000 луѓе.

Покрај уништувањето на природата, аргумент плус е и тоа што мини-хидроцентралите не се рентабилни. „Моментално има енергија и цената за киловат час е три евроценти“, вели Ајхелман. „Тоа е толку ниска цена што никој не би градел нешто под такви услови. Тука влегуваат во игра владите кои сакаат да поддржуваат обновливи извори на енергија и затоа и ги субвенционираат. Во Босна се ветуваат 9-10 центи по киловат час што е три пати повеќе од пазарната цена. Читај: без да ги има тие субвенции никој не би градел брана."

Infografik Hydropower Tsunami in the Balkans EN

„Нема друго место на кое би можеле да одат лобистите"

Балканот е политички нестабилен регион, во кој компании може да заработуваат со проекти кои не се возможни во ЕУ. Реките во остатокот од Европа се речиси комплетно блокирани со брани. Не постои друго место на кое лобисти за хидроцентрали би можеле да се обратат за да направат уште повеќе пари", се вели во филмот „Blue Heart“, кој беше финансиран од Патагонија и моментално се проектира секаде во светот. (https://blueheart.patagonia.com/intl/de/film)

На прашањето како такви проекти би можеле да го спречат приближувањето на балканските држави кон ЕУ, се вели дека „од гледна точка на ЕУ мора да биде заштитена природата на Балканот”, ако тие земји сакаат да станат дел од ЕУ. Но, тоа е само половина од пирказната, оти ЕУ има други интереси кои се залагаат за тоа до 2020-та година 20% од нивните приходи да бидат од обновливи извори на енергија и тоа по секоја цена. Нивни противници се активисти за заштита на природата, но тие се уште мали за да ги победат сами инвеститорите", вели експертот. „ЕК мора да биде убедена во тоа дека реките на Балканот се највредниот дар за Европа."

Дотогаш ќе се градат нови мини-хидроцентрали. Еден од главните инвеститори е босанската кошаркарска ѕвезда Мирза Телетовиќ. „Тој смета дека неговите инвестиции се помош за локалната самоуправа. Но, тие можат само да ѝ наштетат“, предупредува Јелена Иваниќ од Бања Лука.

DW.COM

Реклама