Откажувањето на Сандерс е добар потег | Свет | DW | 09.04.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Откажувањето на Сандерс е добар потег

Берни Сандерс се повлече од претседателската трка. Овојпат не чекаше толку долго како пред четири години, што за демократите е предност, смета Карла Блајкер.

Се’ уште има вести кои ја прекинуваат бесконечната река од информации за короната. Веднаш откако Берни Сандерс објави дека ја повлекува својата кандидатура за претседателските избори, неговото име се најде на врвот на тренд-листата на Твитер. Веста за неговото повлекување од трката беше прва на онлајн страниците на Си-Ен-Ен, Њујорк тајмс и Вашингтон пост. Водечки текст без „вирус“ во насловот - човек за момент да се почувствува како да се вратил во старите времиња.

По првите предизбори во Ајова, Њу Хемпшир и Невада во февруари годинава, Сандерс беше во предност. Тој беше фаворитот кој треба да се победи. Но, листот се заврте со предизборите во Јужна Каролина, на кои Џо Бајден победи со значителна предност. Оттогаш Сандерс тргна по надолна патека, на важниот „Супер Вторник“ најголем број гласови имаше во само четири американски сојузни држави, додека Бајден беше прв во десет.

Уште тогаш можеше да се предвиди дека Сандерс нема да ја добие номинацијата и со секои предизбори кои Бајден ги решаваше во своја полза, тоа стануваше се’ појасно. Сандерс, значи, можеше и порано да ја заврши кампањата. Но, подобро подоцна отколку предоцна. Сега приврзаниците на демократите имаат уште седум месеци за да се обединат околу Џо Бајден како свој кандидат.

Autorenbild l Kommentatorenbild DW Carla Bleiker PROVISORISCH

Карла Блајкер

И оние кои тврдоглаво опстојуваат на Сандерс како кандидат би требало во наредните 209 денови да се навикнат на мислата дека треба да гласаат за Бајден ако не сакаат уште четири години Доналд Трамп да биде претседател.

Помалку его, повеќе заедништво

Тука своја улога треба да одигра екс-кандидатот. Сандерс сега мора да се натера да му даде јавна поддршка на Џо Бајден. Тој тоа се’ уште не го сторил, па поделбата во таборот на демократите и натаму постои. Во видеото во кое Сандерс објавува повлекување, самопрогласениот „демократски социјалист“ ги потенцира разликите со умерениот Бајден и вели дека „ние сме тука за да се победи во идеолошката борба, но борбата за демократска номинација нема да биде успешна“.

Ваквиот став на Сандерс е добар, но ако сега продолжи како досега, тоа на демократите нема да им донесе многу. Каде може да води тврдоглавоста на кандидатот и неговите фанови се покажа на претседателските избори пред четири години. Тогаш Сандерс чекаше до јули за да и’ даде поддршка на поранешната кандидатка на демократите Хилари Клинтон. Тоа беше предоцна, во главите на многу приврзаници на Сандерс таа, а не Доналд Трамп, беше станата државен непријател број еден. Наместо да гласаат за Клинтон, тие во знак на протест останаа дома и Трамп беше избран за претседател.

Во текот на изминатите недели Сандерс постојано потенцираше колку е некомпетентен актуелниот американски претседател и колку САД страдаат во кризата во време на неговиот мандат. Ако тоа сериозно го мисли, тој треба да направи се’ за Трамп да не биде реизбран. Неговото повлекување од трката за Белата куќа беше добар чекор. Сега Сандерс мора консеквентно да оди до крај.

Реклама