Откажани средби со Иванов: Софија не сака да се чувствува искористена | Македонија | DW | 14.06.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Откажани средби со Иванов: Софија не сака да се чувствува искористена

Борисов и Захариева ги откажаа средбите со Иванов, кој е во официјална посета на Бугарија. Владата во Софија вели дека не сака да се меша во внатрешната дебата во Скопје

Средбите на бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерката за надворешни работи Екатерина Захариева со македонскиот претседател Ѓорге Иванов,  планирани за утре во Софија - се откажани од бугарска страна. Бугарските медиуми тврдат дека причина за тоа е одлуката на Иванов да ја прекине вчерашната средба со македонскиот премиер Заев и шефот на дипломатијата Димитров, на која му го предадоа договорот со Грција за решение на спорот за името и одбивањето да даде поддршка за документот.

Бугарската влада објаснува дека не сака да се меша во внатрешните работи на соседот, истакнувајќи дека нејзината позиција и на целата меѓународна заедница е принципиелно јасна, а дека е јасна и позицијата на македонскиот претседател.

„Бугарската влада не гледа причина да биде искористена за внатрешни политички дебати во Скопје. Клучно за идниот развој на нашата соседна држава е интеграцијата во ЕУ и НАТО и тоа не смее да се доведува во прашање“, велат од бугарското Министерство за надворешни работи за агенцијата БГНЕС.

Пратеникот Јулијан Ангелов од „Обединети патриоти“ ја поддржува одлуката на Борисов и Захариева. Според него, одлуката да не се одржат средби е „знак дека Бугарија не е согласна со политиката водена од страна на Македонија пред една година, која претседателот Иванов ја продолжува и натаму“. Ангелов во изјава за агенцијата БТА вели дека таквата политика „на сеење јазик на омраза и создавање проблеми“ била насочена кон сите соседи на Македонија, па затоа „Обединети патриоти“ ја одобруваат позицијата на премиерот Борисов и првиот дипломат Захариева.

Пратеникот Кристијан Вигенин од „БСП за Бугарија“, пак, поинаку го коментира откажувањето на средбите со Иванов од страна на Борисов и Захариева:

„Ми се чини дека ова е доста директно мешање во еден внатрешен спор во Република Македонија“, вели Вигенин за БТА, притоа нагласувајќи дека би сакал да го слушне ставот на премиерот околу ова. „Од моја гледна точка, премиерот (Борисов, н.з.) требаше да му објасни на претседателот (Иванов,н.з.) дека ситуацијата во Македонија бара повеќе разум, мудрост, посилен ангажман за барање решение, а не политички демонстрации на какви што бевме сведоци вчера“, вели пратеникот од левицата.

DW.COM