Отворен патот за реформите во Грција? | Економија | DW | 30.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Отворен патот за реформите во Грција?

Грчкиот парламент по итна постапка ги одобри новите реформски зафати на владата. Со тоа е отворен патот за добивање на натамошна кредитна помош. Сепак на премиерот Алексис Ципрас му претстои нов предизвик.

Во последен момент - како честопати во изминативе години- левичарскиот премиер Алексис Ципрас во парламентот на усвојување приложи 13 нови и во дел спорни реформи. Доцната ревносност беше итно потребна, со оглед дека вчера во Брисел се состануваше работната група за еврото, за да ги провери најновите мерки за штедење на Грција. Само два од вкупно 15 договорени реформски зафати пред летната пауза, беа спроведени до почетокот на септември. Доверителите изразија загриженост: крајно е време да се спакуваат работите за кампување и да се оди на работа, предупреди последен шефот на Еврогрупата, Жерон Дајселблом. Грчкиот министер за финансии Еуклид Цакалотос од другастрана пак не гледа причина за вознемиреност: „Ние самите си поставивме рок до крајот на септември и се придржуваме кон овој рок. Не знам зошто ние не би се придржувале кон овој временски план“, возврати левичарскиот политичар во обраќањето пред грчкиот парламент. Сега министрите за финансии од еврозоната мора да оценат дали Грција навреме ги извршила обврските.

Јоргос Цогопулос од Фондацијата за европска и надворешна политика (ЕЛИАМЕП) во Атина, претпоставува дека зад одолжувањето во спроведувањето на реформските задачи се крие тактичка калкулација: „Владата во Атина сака да си остави што повеќе време и така да претстави дека долго  и жестоко преговара“, вели тој за ДВ.

Пред летната пауза доверителите ветија 10,3 милијарди евра кредитна помош за 2016 година, а за возврат Грција доби натамошни реформски задачи. Во јуни беа уплатени 7,5 милијарди, а останатите 2,8 милијарди уште не се пристигнати во Грција.  Овие пари треба да се „влеат во реалната економија“, увери грчкиот премиер Алексис Ципрас во средата во парламентот. Со други зборови: конечно државата ќе почне да ги подмирува своите долгови кај приватните претпријатија.

Спор околу новиот фонд за приватизација

Посебно спорен- истотака и во самата владејачка партија Сириза, беше воспоставувањето на нов фонд за приватизација, кое сега истотака доби зелено светло од парламентот. Преку него треба да биде забрзано продавањето на државната сопственост. Угледните државни претпријатија како атинската подземна железница, енергетскиот гигант ДЕХ и водоводот веднаш му се пренесуваат на владеење на фондот. За првпат неговиот раководен тим нема да биде составен само од верни владини соработници туку и од претставници на донаторите, кои ќе бидат вклучени во донесувањето одлуки. За левичарската партија, која додека беше во опозиција остро ја критикуваше наводната претстоечка распородажба на државата, тука се пречекоруваат црвените линии. Или можеби не? Министерот за финансии Цакалотос се обиде да ја смири ситуацијата: „Сите акции на новиот фонд ѝ припаѓаат на државата и при секоја голема приватизација соодлучува и министерот за финансии“. Сѐ додека тој е министер за финансии, во никој случај нема да бидат приватизирани водоводите, рече Цакалотос. Дури и левичарскиот „Весник на уредници“ не беше убеден од зборовите на Цакалотос: „Ние му веруваме, но исто така знаеме дека тој нема вечно да остане министер за финансии“, коментираше весникот. 

Протестни флајери во парламентот

Сопствените гласачи, Ципрас пак сака да ги смири со еден дополнителен аргумент: Овде воопшто не станува збор за приватизација, туку само за „валоризација“ на државната сопственост во взаемна корист за сите страни. Уште при првиот пакет за помош за Грција тогашниот лидер на ПАСОК Јоргос Папандреу аргументираше слично- и за тоа беше изложен на потсмев и презир од од тогашната опозициска партија Сириза.

Реакциите од таборот на противниците на приватизацијата и овојпат не изостануваат. За време на дебатата за приватизацијата во парламентот, левичарски политичари од галеријата за посетители фрлаа флаери во пленарната сала. Меѓу оние кои протестираа беше и Панајотис Лафазанис, еден од најважните сопартијци на премиерот Ципрас. Во Солун синдикалците пак со оригинална идеја се обидоа да го изразат својот протест против претстојната приватизација на водоводот: едноставно ѝ го исклучуја напојувањето со вода на локалната канцеларија на Сириза. „Како и да се врти и преврува, тука станува збор за приватизација на државната сопственост- дури и ако како продавач не фигурира министерот за финансии туку фонд кој дејствува по налог на министерот“, вели политикологот Цокопулос.

Но колку и да е спорен новиот фонд за приватизација- вистинскиот тест за Ципрас допрва претстои. Во наредните недели мора да се зафати со сеопфатната реформа на пазарот на труд, која сите влади во изминатите кризни години ја избегнуваа. Покрај тоа Ципрас мора без поголеми штети да го преброди Конгресот на Сириза во средината на октомври. Тоа најдобро ќе му успее ако со донаторите претходно постигне договор за долго посакуваното олеснување на долговите за Грција. Индикација за такво нешто имаше уште во средата: до крајот на годината се очекуваат „добри вести“ на должничкиот фронт, изјави Ципрас во парламентот.

 

 

DW.COM

Реклама