Осуммина се богати колку половина човештво | Економија | DW | 16.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Осуммина се богати колку половина човештво

Јазот меѓу богатите и сиромашните станува огромен - осум луѓе во светот поседуваат богатство колку половина човештво, соопшти меѓународниот сојуз на хуманитарни организации Оксфам.

Еден ден пред почетокот на Светскиот економски форум во Давос, каде се среќаваат богатите и моќните од светот, меѓународната организација Оксфам ја критикува социјалната нееднаквост во светот. Таа е многу подраматична отколку што досега се мислеше, се вели во денеска објавената студија „Економија за 99 проценти“

Заклучокот на студијата гласи: само осум луѓе во светот поседуваат заедно 426 милијарди американски долари и со тоа имаат повеќе од целата посиромашна половина на луѓето во светот. Најбогатиот дел од светското население, според студијата, поседува 50,8 проценти од светското богатство и со тоа има повеќе од 99 проценти од остатокот на луѓето во светот заедно.

„Годинава работиме со новите податоци за богатството на Кредит Свис, особено од Кина и Индија“, пишува Николај Линк од Оксфам Германија. „Овие податоци покажуваат дека посиромашните имаат значително помалку отколку што досега се веруваше.“

Нееднаквоста го поттикнува популизмот

Во фокусот на овогодишниот извештај на Оксфам се причините за нееднаквост и конкретните предлози за поголема праведност. Како причина Оксфам, меѓу останатото, ги наведува можностите на богатите луѓе и меѓународните концерни да остварат предности на сметка на општото добро. „Тие користат агресивни техники за намалување на даноците, ги префрлаат своите добивки во даночните оази и ги туркаат државите во уништувачка трка за најниска даночна стапка.“

Јерн Калински, раководител на одделот за кампањи на Оксфам Германија, предупредува: „Сѐ повеќе луѓе ширум светот се чувствуваат запоставени. На многу места стагнираат реалните плати, додека менаџерите и големите акционери секоја година си делат сѐ повисоки добивки од милиони евра.“ Во многу држави нема пари за образование и здравствено осигурување, поради тоа што супер богатите и меѓународните концерни настојуваат да избегнат плаќање даноци. Тоа му нанесува штета на социјалното единство, ја спречува борбата против сиромаштијата и ја поткопува вербата во демократијата, нагласува Калински. „На тој начин, нееднаквоста подготвува почва за десните популисти и за другите непријатели на едно солидарно општество.“

Во извештајот „Економија за 99 проценти“ Оксфам бара радикална промена на курсот кон економски систем од кој ќе профитира широкото мнозинство луѓе. Се бара праведна даночна политика, која ќе ги принуди супер богатите и меѓународните концерни на фер учество во финансирањето на образованието, здравството и социјалното осигурување.

Споредба на јаболка и круши?

Бројките на Оксфам се од година во година сѐ подраматични и во нив постојано има сомнеж. Во 2014 година се велеше дека 85 најбогати луѓе во светот поседуваат исто како и посиромашната половина од светското население, а сега се само осуммина. Оксфам притоа се повикува на Извештајот за глобална благосостојба на швајцарската банка Кредит Свис. Во него за 2016 година е оценето дека нееднаквоста во светот се зголемува и натаму. „Додека посиромашната половина од луѓето во светот поседува помалку од 1 процент од вкупното богатство, на најбогатите десет проценти од населението им припаѓаат дури 89 проценти од светското богатство.“

Аналитичарите на Оксфам ја обработуваат и листата на богати на магазинот „Форбс“ и почнувајќи од местото број еден ги собираат милијардите сѐ додека не се добие бројката која одговара на богатството на посиромашната половина од човештвото која ја има пресметано Кредит Свис. „Со тоа Оксфам споредува податоци кои се тешко меѓусебно споредливи “, критикуваше „Зиддојче цајтунг“ минатата година.

Symbolbild Gegensatz von Armut und Reichtum (picture alliance/blickwinkel/McPHOTO)

Во Германија, според Оксфам, колку посиромашната половина од граѓаните се богати 36 луѓе во земјата

Кој е сиромашен, а кој е богат?

Мал број милијардери се расположени да го обелоденат своето богатство. Оттука, податоците се само груби проценки. Сепак, тие со години покажуваат интересни трендови, како оној дека сѐ повеќе Кинези се на листата на стоте најбогати луѓе на светот. Анализата на швајцарската банка Кредит Свис меѓутоа има поинаква цел: таа треба да покаже колку заштеди имаат богатите во светот.

Кога Кредит Свис зборува за „богатство“, мисли на заштедите по минусирањето на долговите. Тоа, од аспект на банката, е разумно, меѓутоа води до чудни резултати: оној кој во Германија купува куќа и за таа цел зел кредит, од аспект на еден експерт за развојна помош важи за сѐ друго, само не за сиромашен. Меѓутоа, доколку висината на долговите ја надминува вредноста на куќата во случај таа да се продаде, тогаш овој сопственик на куќа, според пресметките на Кредит Свис, не важи за богат, а според некои други студии дури се смета и за сиромашен. Спорно е и од кој момент еден човек во Германија се смета за „богат“. За Германскиот институт за економски истражувања богати се луѓе кои како двојка или сингл имаат бруто приход од 150.000 евра годишно. За други институти, како Институтот за економија и социјала, едно лице се смета за богато ако има нето примања од над 3000 евра месечно.

Оксфам потенцира дека помалку е важно дали се осум, 80 или 800 луѓе богати како половината од човештвото. Она што е важно е трендот, а тој покажува дека глобалната нееднаквост постојано се зголемува. Притоа, нееднаквоста варира од земја во земја. Во Германија, според Оксфам, колку посиромашната половина од граѓаните се богати 36 луѓе во земјата.

DW.COM

Реклама