Оставка – непознат поим во македонската политика | Македонија | DW | 21.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Оставка – непознат поим во македонската политика

Сомневања за тешки кривични дела, пропусти платени со човечки жртви, катастрофални решенија и однесувања – ништо не е доволно во Македонија за некој да поднесе оставка како морален чин. Колумна на Зоран Јордановски.

Во деновите од изминатата недела, кога во фокусот на медиумското внимание беа напорите за надминување на последиците од летниот порој во околината на Скопје, две вести со идентична тема поминаа некако незабележливо. Иако ниедна од нив не се однесуваше директно на Македонија, сметам дека требаше уште колку да ја заинтересираат нејзината јавност. Во Шведска министерка поднесе оставка поради возење под дејство на алкохол. В ред – од скандинавците може и да се очекува таков потег, иако дотичната министерка има балканско потекло. Но оставка - и тоа на челникот на парламентарната фракција на владејачката партија – падна и во македонското најнепосредно соседство, во Косово. Повод беа обвинувања за вмешаност во коруптивни зделки. А за Косово не може да се зборува како за општество со скандинавски менталитет, ниту како за држава со беспоговорно владеење на правото.

По овие два примера се наметнува прашањето зошто нешто такво изгледа не е можно во Македонија? Поводи несомнено имаше повеќе од доволно. Притоа воопшто не го земам предвид кршењето на сообраќајните правила – не затоа што не се важни, туку безмалку тоа е одамна самопосебе разбирливо и за оние од втор, трет или не знам кој ешалон од власта. Таквото однесување, таквиот менталитет на неказниво возење “според сопствени правила” неодамна однесе еден млад човечки живот оти за поранешниот телохранител на (наводно) поранешниот премиер ни две полни линии на патот не значат ништо. Овде од интерес за темава на која се задржувам е само однесувањето на луѓе од власта или блиски до неа. Инаку, огромниот број жртви во сообраќајот сведочат дека таквиот менталитет е широко распространет во општеството.

Ни постапки, ниту оставки

Вториот мотив за оставка, во примерот од Косово, од македонски аспект, е поинтересниот – сомневање за корупција. Такви сомневања во Македонија има и премногу. Тие не се само од шпекулативна природа, туку произлегуваат и од многу јасни индиции во снимките од “бомбите”. Значи, има повеќе од доволно поводи за поведување истражни постапки и за оставки. Само нема ни постапки (од регуларните правосудни органи, а Специјалното јавно обвинителство, формирано, покрај другото, да се занимава и со можните коруптивни зделки на луѓе од врвот на власта, е соочено со севозможни опструкции), ниту оставки.

Од оној, кој со сите сили настојува да спречи овластени органи да испитаат дали зад тие индиции се крие навистина кршење на правото од најтешка форма или пак воопшто нема место за кривична одговорност, не може да се очекува дека ќе поднесе оставка. Оставката во светот се сфаќа како морален чин, а не како признание за директна вина. Тој чин, оставката или во најмала рака ставање на функцијата во мирување додека не се расчистат работите, е консеквентен оти на носителот му е извалкан образот, што е сериозна пречка за вршење на функцијата, и истовремено се отвора пат за непристрасна и непречена истрага.

Од тоа во Македонија сосем очигледно бега поранешниот премиер Никола Груевски, кој и натаму, иако без државна функција, ги строи сите во државата. Никола Груевски, да потсетам, не си замина доброволно од премиерската функција, туку под притисок од странските посредници во македонската криза. Не е многу поинаку ни со повлекувањето на Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески – и на тоа не може да се гледа како на морален чин.

Оставки мораа да пукнат и меѓу носителите на функции во правосудството како реакција на можни (според “бомбите” всушност очигледни) притисоци и мешања од надвор во независноста на третиот столб во триделбата на власта. Повод за оставки можеше да биде токму и формирањето на СЈО, што мораше да биде почувствувано како врела шлаканица врз образот на сите во правосудството – ако имаа образ! Вака, се добива слика на меѓусебно штитење според принципот cornix cornici oculos non effodiet (“гавран на гавран очи не колве”), оти ако пукне една алка, ќе се распадне целиот синџир на испреплетени интереси на политиката и правосудството.

Оставка поради сервилност

Оставка одамна требаше да си поднесе и Ѓорге Иванов поради своето, за претседател, недолично севкупно сервилно однесување кон партијата на власт, со чија помош стана шеф на државата. Аболицијата на актерите на казнивото однесување (како што произлегува од “бомбите”), и нејзиното повлекување го дискредитира претседателот на државата, за негова голема несреќа уште и универзитетски професор по право. Тој нема да си го спаси образот дури и ако сега, како во случајот со ангажирањето на армијата за отстранување на последиците поради потфрлување на други органи на власта, навистина се осмели да каже некој збор на критика на сметка на извршната власт и продолжи да го прави тоа до истекот на мандатот.

Оставка мораше да си даде и Емил Димитриев откако Груевски му одржа јавна лекција како да постапува по неодамнешниот порој, оти со тоа битно е нарушен интегритетот на премиерот (ако тој воопшто се чувствува како вистински шеф на извршната власт).

Воопшто, по поројот со толку жртви, мораа да паднат повеќе оставки на различни нивоа, наместо одбраното криење зад vis maior (виша сила).

Но, во практиката на македонската политика оставка како морален чин не постои (исклучок е, ако не ме лаже сеќавањето, министерот Антони Пешев по падот на авионот на Палер), токму како ни поимот одговорност. Политичарите како да се гледаат себе си над законот, некои дури и над Господ, како што токму деновиве ни покажа еден “општински бог“, чија решеност да уништи парк за да биде изграден петкатен објект, спротивно на волјата на граѓаните, не можел веќе “ни Господ да ја промени”. ДУП-от како апсолутна и непроменлива категорија?! Се прашувате и вие каков интерес може да стои зад челичната волја на самозамислениот “општинскиот бог“? Веројатно ист како и зад однесувањето на сите кои би морале, но ни на крај памет не им паѓа да поднесат оставки.

DW.COM

Реклама