„Оставка“ и „Слобода“ - скандираат учесниците во протестот! | Северна Македонија | DW | 17.05.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Оставка“ и „Слобода“ - скандираат учесниците во протестот!

Со пароли „Оставка“, „Збогум Никола“, „Демократија –сега!“, и море од граѓани над кои се веат македонски, албански, српски, турски и ромски знамиња, тече граѓанскиот антивладин протест пред зградата на македонската влада

Негови организатори се граѓански здруженија, невладини организации и политички партии, меѓу кои и најголемата опозициска партија, Социјалдемократски сојуз, но на протестот нема партиски обележја.

Меѓу присутните на протестот се и Ерван Фуере, поранешен евроамбасадор во Македонија, како и Сергеј Станишев, поранешен премиер на Бугарија и претседател на Партијата на европските социјалисти.

По интонирањето на македонската химна, која ја изведе македонската актерка и пејачка Ана Костовска, први на протестот се обратија претставници на Студентскиот пленум.


„Студентите никогаш нема да бидат робови. Ние немаме гумени куршуми, имаме оружје од знаење и цвеќиња. Студентите сметаат дека е важно за што се зборува, а не кој го зборува. Засекогаш ќе бидеме коректив на владата. Сакаме еднакви можности, а иднина дома. Сакаме право на мислење и став. Вие политичарите ни го земавте правото на глас. Тука сме да ви кажеме – доста е!“, порачаа претставниците од Студентскиот пленум, на македонски и на албански јазик.

На протестот се обрати и Џабир Дерала од невладината организација „Цивил“.

„Ало началници, гледате ли, слушате ли? Народот дојде по своето! Ќе си одат сите од оваа Влада, но претходно мора да ја платат цената за сите наши солзи. Оставка, праведно судење, конфискација, затвор...и слобода на народот“, повика Дерала, а неговите зборови беа дочекани со френетични аплаузи.

Сите приоди кон „Илинденска“ број 2 се преполни од граѓани. По врелото жешко пладне, се навестува облачно попладне над Скопје.

Massendemonstration der Opposition zum Sturz der Regierung in Mazedonien

Академик Катица Ќулафкова меѓу демонстрантите

„Облачно е, но не за нас. Темни облаци се надвиваат облаци врз Владата на Груевски“, вели еден од присутните граѓани. На протестот се присутни многу јавни личности од културата, науката, уметноста. Меѓу нив е и академик Катица Ќулафкова. Според неа, Владата егзистира врз лажни принципи, го злоупотребува патриотизмот, а спроведува непатриотски и антимакедонски политики.

„Редно беше да дојде до протести и процес што ќе ја принуди Владата на оставка. Сомнителни се изборите на кои е избрана, но дури и да не е така, граѓаните не и‘ дадоа легитимитет да спроведува диктатура, а таа тоа го прави веќе девет години“ вели академик Ќулафкова.

„За кого бијат камбаните“...„Над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“, „Доста беше молк“ се дел од пораките што постојано се испраќаат од говорницата пред „Илинденска“ број 2.

Големата фреквенција на улиците засега не е нарушена од ништо. Единствено невозможно е да се добие мрежа од сите мобилни оператори. Граѓаните залудно се обидуваат да завртат на телефон или пак да се приклучат на интернет.